Нил Харбисон, првиот официјален киборг на светот

27.04.2018 00:42
Нил Харбисон, првиот официјален киборг на светот

Кога се сретнав со киборгот Нил Харбисон во Барселона, ми изгледаше како некој локален хипстер, освен што од тилот му стрчеше црна антена и импресивно му се надвиваше над сината, тенџере фризура.

Беше декември и Харбисон носеше сива маица со патент под црниот морнарски капут и тесни сиви панталони. Има 34 години, роден е во Белфаст, израснал во Шпанија, а болува од ретка болест наречена ахроматопсија – не гледа бои. Меѓутоа, тоа го променила антената на чиј крај, точно над очите, има сензор со оптички влакна.

Животот во црно-белиот свет Харбисон никогаш не го доживеал како недостаток. „Гледам на поголема далечина. Исто така, полесно ги памтам облиците зашто не ме попречуваат боите“, ми кажува со својот внимателен, неутрален англиски.

Сепак, многу го интересирало како изгледаат нештата во боја. Со оглед на тоа дека е образован како музичар, во доцните тинејџерски години добил идеја да се обиде да ги открие боите преку звук. По неколку неуспешни обиди со едноставна технологија, во своите рани дваесетти години нашол хирург (кој ни остана непознат) кој бил подготвен да му вгради уред за кибернетско подобрување на биолошкото битие.

Оптичикиот сензор детектира подобро пред него, а микрочипот имплантиран во черепот ги претвора фреквенциите во вибрации на темето. Вибрациите стануваат звучни фреквенции. Черепот му е претворен во своевидно трето уво. Точно одреди дека бојата на моето сако е сина. Покажувајќи ја со антената пријателката Мун Рибас, киборг уметница и танчерка, рече дека нејзината јакна е жолта; впрочем, беше со боја на сенф, но како што објасни, додека растел во Каталонија „немало сенф“.

Кога го прашав како лекарот го приклучил уредот, Харбисон ја раздвои косата на тилот за да ми го покаже местото каде антената му влегува во главата. Розовото ткиво е притиснато со правоаголна плочка со два приклучоци. Споениот имплант го држи вибрирачки микрочип, а другиот имплант е блутут поврзувач за бежична комуникација. Преку него пријателите можат да му испратат бои со помош на мобилни телефони.

Оваа антена за Харбисон е вистинско откровение. Светот му е повозбудлив. Ми вели дека со текот на времето влезната информација престанал да ја доживува како вид или слух, туку му станала шесто сетило.

Во врска со антената, најинтересен факт е дека таа му дава способност која ние ја немаме. Ги погледна светилките на терасата од покривот и почувствува дека инфрацрвените сензори што ги активираат се исклучени. Ги погледна жардињерите и можеше да ги „види“ ултравиолетовите места кои покажуваат каде во средината на цветовите се наоѓа нектар. Не само што ги достигнал вообичаените човечки можности туку и ги надминал.

Значи, тој е првиот чекор кон вечната цел на визионерските футуристи, ран пример на она што Реј Курцвејл во својата позната книга „Сингуларноста е блиску“ го нарече „неизмерна експанзија на човечкиот потенцијал“. Харбисон немал некаква посебна намера да го оствари сонот на Курцвејл – неговата визија за иднината повеќе е шумска отколку силициумска. Но, со оглед на тоа дека стана првиот официјален киборг на светот, стана и заговорник. (Ја убедил британската влада да му дозволи да има антена на фотографијата со пасошот, тврдејќи дека тоа не е електронски уред туку додаток на мозокот.) Набрзо потоа Рибас го следеше по патот кој понекогаш се нарекува трансхуманизам. Сеизмичкиот монитор во нејзиниот телефон е поврзан со вибрирачки магнет всаден во нејзината надлактица. Таа добива звуци од земјотреси во реално време, што ѝ дава можност да се чувствува поврзана со движењата на Земјата и да ги толкува преку танц. „Претпоставувам дека бев љубоморна“, објаснува. „Ќе ги надминеме сите ограничувања на нашата биологија“, вети Курцвејл. „Да се биде човек значи да се проширува она што сме“.

Јасно е дека антената на Харбисон е само почеток – но дали сме на пат кон редефинирање на својата понатамошна еволуција? Дали еволуцијата сега не го вклучива само лесното движење на природната селекција со која се шират пожелните гени туку и сето она што ние самите можеме да го направиме за да ги зајакнеме своите способности и способностите на нештата што ги создаваме. Дали доаѓа единството на гените, културата и технологијата? Ако е така, каде нè води тоа?

Извор: http://www.nationalgeographic.rs

ОкоБоли главаВицФото