Првата жена што ставила своја фотографија на амбалажа била изложена на навреди и потсмев

06.06.2018 01:10
Првата жена што ставила своја фотографија на амбалажа била изложена на навреди и потсмев

Како што повеќето од нас знаат, жените што ќе одлучат да излезат во јавната сфера често се изложени на омраза и многубројни грди коментари, особено на интернет.

Но, случајот на Лидија Е. Пинкам (Lydijа E. Pinkham) може да потврди дека тоа не е нешто се случува само во поново време. Во доцниот 19 век нејзиното лице станало едно од најпознатите во светот, што остави бројни последици.

Сè до тој момент единственото женско лице што се прикажувало во јавноста било на кралицата Викторија.

Кога првпат излезе во продажба „растителната мешавина“ на чија амбалажа била фотографијата на Лидија, мажите почнале да ѝ испраќаат пораки полни со омраза, новинарите правеле шеги на нејзина сметка, а училишни хорови ја исмевале во песните – а сето тоа само поради тоа што се осмелила да го стави своето лице на етикета на сопствен производ.

Пред да стане позната како стручњак за растителната мешавина, Лидија главно живеела тивко и повлечено. Како учителка, мајка и посветена аболиционистка живеела во својот роден град Лин во Масечусетс. Почнала да прави лекови дури на 56-годишна возраст. Економијата била ослабена, на нејзиното семејство му биле потребни пари, а таа имала одличен рецепт за многу баран лек.

Во 19-от век, аптеките биле преполни со различни лекарства и билни мешавини кои биле далеку од какви било стандарди, но луѓето сепак ги користеле за разни болести и тегоби. Но, таквите лекови често содржеле и големи дози на опиум и кокаин. Лидија со години ги проучувала растителните лекарства и мешавини за ублажување на менструалните грчеви. Во 1875 година почнала со подготовка на првите комерцијални серии на „Растителната мешавина“ – на својот шпорет мешала различни корени, семки и алкохол.

Горчливиот кафеав талог не изгледал убаво, ниту примамливо мирисал, но наводно им помагал на многу жени. Женско списание од тоа време пишувало дека науката во во таа епоха имала хистерични идеи за женските репродуктивни органи, и дека лекарите често „ги малтретираат матките“ – понекогаш на жените им ги ваделе јајниците за да ги „спасат од штетните симптоми на менструацијата“. Плашејќи се од таквата пракса на тогашните лекари, жените неволно им се обраќале на лекарите за менструалните тегоби и болки.

Во такви околности, лекот што за жените го направила една жена, користејќи го слоганот „Сигурен лек без нож“ бил разграбен од аптеките. Во меѓувреме, синовите на Лидија, Бил и Дан одлучиле да поработат на маркетингот, осмислувајќи ги летоците и огласите во весниците за да ја зголемат продажбата. Тогаш Дан одлучил да проба нешто сосема ново – да ја стави сликата на Лидија на шишенцето со растителната мешавина.

Сметал дека нејзиното мудро, љубезно лице дополнително би ја зголемило продажбата, па во 1879 година нарачал нејзин портрет и покренал нова кампања со Лидијакако заштитен лик.

Тоа не било новост само за нивната фирма, туку за целиот свет. Додека мажите претприемачи ги користеле своите лица за да ги рекламираат производите, жените во рекламите биле прикажани само како потрошувачки, па ваквиот потег се сметал за непримерен за една жена. Меѓутоа, Пинкамови не се откажале од идејата, набрзо фотографијата на Лидија се нашла во весниците, излозите, па дури на ѕидовите на зградите и оградите.

Додека на некои ова им било симпатично, други отворено искажувале негодување, па често ѝ со писма во кои барале од госпоѓа Лидија да ја промени фризурата или ѝ префралале дека на фотографијата била претерано насмеана. До средината на 1880-тите години била смислена и популарна хорска песна што ја исмејувала Лидија, односно дека нејзината голема присутност во весниците е само за да заработи многу пари, но не и да им помогне на луѓето.

Еве како изгледало едно „хејтерско“ писмо во 19-от век:

„Госпоѓо, смилувајте ѝ се на нацијата и ако мора со вашиот портрет да парадирате во секој можен весник ширум Америка, барем одвреме-навреме сменете ја фотографијата, ставете нова. Направете нова фризура – да речеме поставете ја главата поинаку и изгледајте свечено. Направете нешто, што било, само тргнете ја насмевката од леано железо! Треба да го сочувате достоинството, бидејќи вашето лице го прострелува умот на нацијата како кошмар и станавте плашило на невини деца. Исто така, тој портрет го уништува тиражот на весниците. Јас престанав да го читам мојот локален весник за да се ослободам од вашиот портрет и знам неколку други одлични весници кои апсолутно пропаѓаат заради него. Мислам дека моите зборови ја искажуваат искрената желба на долгогодишни страдалници и дека сум поддржан во ова барање од најсилното јавно чувство што некогаш постоело за која било тема!“

Без оглед на сите критики, продажбата на „Растителната мешавина“ ги надминала сите очекувања, а како што наведува „Life Magazine“ многу децении подоцна, Лидија станала најпознатата жена во Америка. Дури и по нејзината смрт луѓето продолжиле да ѝ пишуваат и да бараат совети, па фирмата морала да ангажира неколку жени кои одговарале на тие писма.

Компанијата што ја основала Лидија Пинкам само во 1949 година продала три милиони шишиња од растителната мешавина, а првооснованата фабрика (Lydia Pinkham Medicine Company Factory) продолжила да работи сè до 1973 година, кога се затворила продавницата со „Растителната мешавина“.

Лекарствата со името „Пинкам“ (Pinkham) и денес сè уште се продаваат, а портретот на Лидија и натаму мирно нè гледа од етикетата. Случајно да е уште жива и да им одговара на своите клиенти, веројатно би морала да ја преиспита својата лековита формула, но сосема е сигурно дека би имала еден совет за сите времиња: Не се обѕрнувајте на „хејтерите“!

Извор: atlas obscura

 

ОкоБоли главаВицФото