Мебиусовата лента на злото

11.07.2018 17:15
Мебиусовата лента на злото

 Франција, по синоќешната победа над Белгија во првиот полуфинален натпревар, е првиот финалист на Светското фудбалско првенство во Русија. Тога го знае целата светска фудбалска, спортска, а богами и друга јавност. Тоа не го знае и нема никогаш да го дознае младиот навивач Никола Саздовски, кој почина ден претходно, како последица од претепувањето десетина дена претходно.

Токму како што македонската јавност ги разбираше резултатите од натпреварите на Светското фудбалско првенство, на ист начин разбра и дека несреќниот Никола бил навивач, односно припадник на навивачката група „Комити“. Речиси немаше наслов во медиумите што известија за претепувањето, а подоцна и за смртта на младиот човек, во кој не беше потенциран токму тој факт: „Претепан млад комита“, „Младиот комита им подлегна на повредите“, „Почина комитата што беше претепан пред десет дена“ итн. Немаше речиси ниту еден наслов со било каква друга одредница. Тоа не беше млад човек, ѕверски претепан во населбата Автокоманда. Не беше, на пример, млад студент, или момче од некое семејство, или барем момче од Кисела Вода, или момче со свои идеи и идеали за животот што го чека… Не, тој беше единствено припадник на навивачката група „Комити“, како да е тоа единственото идентитетско обележје што некој може да го има дури и во моментите на својата смрт.

Зошто дури и во вакви трагични околности, медиумите инсистираа на овој податок? Затоа што во некој поттекст треба да се разбере дека „комитите“ се навистина некој и некаков ентитет што е загрозен на скопските улици и врз кои се врши насилство! Со други зборови, не станува збор за единечно злосторство, туку за напад врз колективитет. Следниот заклучок е предвидлив, дури и логичен во својата перверзија. Значи, кој би можел да го напаѓа и загрозува овој колективитет? Се разбира, соперничката навивачка група! Тука веќе на групата можете да и дадете име какво сакате и кое ви одговара во моментов. Важно е дека не станува збор за злосторство што го починиле тројца веќе идентификувани насилници, туку е важно дека тие наводно ѝ припаѓаат на навивачката група „Шверцери“ и сега таа треба да биде анатемизирана како злосторничка.

Генерализацијата не запира само на навивачките групи. Имено, навивачката група „Шверцери“ ја сочинуваат момчиња од албанска националност, што би требало да значи дека Албанците се виновни за злосторствата извршени врз Македонците. Одиме натаму: „Комитите“, барем во дел од јавноста, се доживуваат како бранители на македонските национални интереси. Некогашниот водач на „Комитите“ и хашки осуденик Јохан Тарчуловски, барем во дел од јавноста, се доживува како македонски национален херој. „Комитите“ учествуваат во протести против промена на името на државата. Нив ги тепа полицијата. Тие се нашите херои! (Претпоставувам дека во дел од албанскиот ентитет и „Шверцерите“ се доживуваат како некакви бранители на албанските права).

Конечниот заклучок е дека Албанците од Македонија ги загрозуваат македонските национални интереси! И така по социјалните мрежи ќе прочитате објави од типот „Додека албанските сепаратисти симнати од планина ги убиваат нашите деца по скопските улици, власта…“ И од другата страна: „Сам си го бараше, затоа што…“

Шлагот на целата трагедија, се разбира, ќе го размачкаат овдешните политичари и политиканти, кои со помалку или повеќе успех ќе ја изманипулираат трагедијата за свои политички цели, па ќе се лицитира со тоа на која партија бил член младиот Никола, кои му биле политичките убедувања, која група луѓе не е безбедна во главниот град, кои делови од градот се „надвор од законот“, која етничка група е „надвор од законот“ и сѐ така во мебиусовата лента на злото. Во недостиг на надворешните непријатели и внатрешните вршат работа!

Во меѓувреме една друга вест речиси помина незабележано. Младиот Бурхан Латифи (22) од Арачиново се удави во Егејското Море во Грција, спасувајќи дете што се давело. Детето е спасено, ама Латифи го изгуби животот. Оние малку медиуми што ја пренесоа оваа вест не наведоа дали Латифи бил припадник на навивачката група „Шверцери“, на која политичка партија бил член или кои му биле политичките погледи. Тоа во овој случај, се чини, не е медиумски лукративно.

Како и да е, тажна е вистината дека Никола нема да види како младиот француски играч, Камерунецот Мбепе станува француски национален херој, како што нема да го гледа ни вечерашниот натпревар меѓу Хрватска и Англија и нема да види дека и за овој историски успех на хрватската фудбалска репрезентација најзаслужен е новиот хрватски национален херој, голманот Субашиќ, инаку етнички Србин. Тоа нема да го види ни Бурхан Латифи.

А се чини дека и ние не го гледаме.

Фотографии: Geoffrey Pugen
Извор: Цивил

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото