Денови на гордост и тага

02.07.2019 15:09
Денови на гордост и тага

Сите луѓе се еднакви, само што некои се поеднакви од другите. Токму вака, во висок орвеловски стил, може да се гледа на тоа како македонската држава, па и општеството во целина, ја толкува Општата декларација за човекови права на Обединетите нации. Токму како некоја листа на јадења во некоја селска кафеана од која може да се избере она што ни се допаѓа, а да се отфрли она што не го сакаме или не го поднесуваме. И притоа на избраниот ручек да побараме да му се одземе нешто, а нешто друго да се додаде, и така да добие сосема друг квалитет од предвидениот.

Се разбира дека зборуваме за одлуката на министерот за здравство Филипче да овозможи операции за промена на полот кај трансродовите луѓе, па потоа да ја повлече по неполни 24 часа.

Во соопштението на Министерството за здравство се вели дека, не само што ФЗО нема да ги финансира овие операции, туку тие воопшто нема да се изведуваат во ниту една јавна установа. Значи, не само што на една група луѓе им се одзема правото за партиципативна здравствена заштита, туку воопшто им се забранува пристапот до здравствената заштита. Сите луѓе се раѓаат еднакви и имаат еднакви права. А правото на здравствена заштита е едно од фундаменталните човекови права. Вака некако пишува во споменатата Декларација за човекови права, инаку основниот документ, со кој една земја се декларира како цивилизирана.

Министерот Филипче, фатен во небрано, вели дека ја повлекол одлуката затоа што е демократ и затоа што Владата е демократска, односно дека го слуша гласот на јавноста! Што, по ѓаволите, значи ова? На која јавност овие демократи ѝ го слушаат гласот? На лекарите? На психолозите? На социолозите? Или на дежурните критичари од праматарска провениенција, на луѓето кои за трансродовите проблеми знаат помалку отколку за дигестивниот тракт на тиносаурус рекс.

Што сака да каже Филипче, дека мнозинството така мисли? Па, ајде тогаш за секоја одлука на Фондот за здравство да распишуваме референдум! Не, господо, тоа не се вика демократија, туку анархија! И тоа најблаго кажано. Некаде дури прочитав дека било демократски „малцинството да го почитува мислењето на мнозинството“. Ете, некои и вака ја толкуваат изјавата на Филипче. И навистина би било трагично, ако и Филипче, односно Владата, мисли вака.
Демократијата е токму обратниот систем – почитување на правата, ставовите, потребите и карактеристиките на малцинските групи. Владеењето на мнозинството врз малцинствата има сосема друго име во политичката пракса – фашизам!

Нема тука да зборувам за проблемите на трансродовите лица. Изгуглајте си, големи сте. Прашајте, ќе ви се каже! Денес е барем лесно да се дојде до релевантни одговори во неколку минути, но ние, сепак, сакаме да бидеме релевантни во нашите необразованост и простотилак.
Тука само ќе кажам дека проблемите на трансродовите лица не завршуваат со хируршката интервенција. Ако веќе ги решат своите родови, хормонални, па и генетски проблеми, тука е македонската држава дополнително да им го загрози животот. Имено, кај нас не постои закон што ќе им овозможи на овие лица и законски (административно) да го променат полот, односно да се самоидентификуваат како мажи или жени.

Можете да замислите каков им е во тој случај пристапот до работно место, на пример? Или до образовниот систем? Никаков.

И сето ова се случува во предвечерието на Парадата на гордоста, дефиле кое се одвива под знамето на виножитото, симбол што треба да покаже дека различните бои, односно разликите, не се исклучуваат, туку напротив – создаваат нов квалитет, нова поубава слика.

Се разбира, ние немаше да бидеме ние, ако и при одржувањето на првата Парада на гордоста, не организиравме и контрапарада, сосе попови и деца и така уште еднаш прегласно и прејасно не покажевме дека постојат две Македонии. Едната, европска, весела и убава и втората, темна, еднобојна и длабоко закопана во сопствените стереотипи и заблуди. Очигледно е дека место за компромис нема.

Единственото решение е да се научиме да живееме едни покрај други. И да бидеме еднакви, токму како што ни порачува Парадата на гордоста, а не некои да бидат поеднакви од другите. Како и да е, времето е чудна категорија, и без оглед на лавирањата на историјата, тоа неумоливо оди напред и оние што не можат или не знаат да го прифатат, завршуваат длабоко закопани во таа историја.

Сепак, токму Парадата на гордоста и нејзината достоинственост се она што дава надеж дека нешто се движи, па макар и од паркот Жена-борец до Градскиот парк. На крајот на краиштата, европската надеж на крајот на тоj убав и сончев ден ја заокружи одличниот концерт на Македонската филхармонија со својот концерт „Љубов и револуција“, претставувајќи ја во најубаво светло онаа толерантна, позитивна и ентузијастичка Македонија.

Да, има надеж!

Гифови: HUDSON CHRISTIE
Извор: Призма

Слични содржини

Ирена Цветковиќ
Општество / Став
Став
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Став

ОкоБоли главаВицФото