Црква

10.06.2013 12:38
Црква

Освен што станува збор за црква (и тоа за истата црква) и за протести, единствената заедничка точка меѓу протестите против изградбата на црква на плоштадот „Македонија“ од пред некоја година и протестите против наводното рушење на црквата во изградба (додуша, малку дислоцирана од плоштадот кон југ, пред Домот на АРМ) е во тоа дека – полицијата не интервенираше.

Само за потсетување, тогаш кога студентите протестираа да не се девастира централната скопска урбана точка, за првпат во Македонија се појави феноменот на контрапротестанти (појава која ќе остане забележана како оригинален македонски придонес кон таканаречената улична демократија), кои физички ги нападнаа протестантите, со блага и речиси никаква интервенција на полицијата. Структурата на сегашните протестанти, јасно е, е иста како структурата на тогашните контрапротестанти, но со оглед дека сега не се појавија контрапротестанти, протестантите својот бес го искажаа со каменување на бараките на Општина Центар, со блага и речиси никаква интервенција на полицијата.

Црквата, се разбира, не е урбан топоним бидејќи не служи за задоволување на потребите на урбаниот човек. Таа, како свет храм, е општо место за секоја населена територија. Секако дека храмовите се градат откога постои цивилизацијата, но во различни периоди со различен интензитет. Најголемиот бум на градење христијански храмови всушност се случува во Средниот век и во периодот на ренесансата (потоа почнуваат да се градат фабрики, згради, театри итн.), најчесто како показател на финансиската и секаква друга моќ на владетелот на територијата на која храмот се гради. Изградбата на храм би требало да биде круцијален доказ дека владетелот е лично божји пратеник и дека само тој е во можност автентично да ја толкува (и спроведува) божјата волја. Средниот век, значи, и покрај масовната изградба на велелепни свети храмови, е влезен во историјата како „темен“ период токму поради неприродната коалиција меѓу секуларноста и религијата. Резултатот на тоа е познат: крстоносни војни, официјални црковни судови (инквизиции), вештерки, спалувања на претставници на научната мисла...

Која е целта, значи, на овој задоцнет црковен Среден век кај нас? Македонската црква е ортодоксна, односно православна. Тоа значи дека нејзините храмови се скромни, скрушени, што би се рекло, и служат не за покажување на величината на владетелот и на Бога, туку за покажување на понизност кон Бога. Во таа смисла местоположбата на храмовите не е најбитниот елемент за нивната функција. Напротив, тие најчесто и не се граделе во типичните урбани средини, или барем не се граделе толку масовно. Нивната местоположба била на брдата и на планините – прво, за да бидат поблиску до небото, односно до Бога, и, второ, за да го покажат божјите слуги својот аскетизам и нивната волја да не се предадат на овоземските (урбаните, цивилизациските) искушенија. Во таа смисла, изградбата на сите оние црквички во Општина Аеродром, на пример, во ортодоксна смисла, би претставувала – ерес!

Натаму, бројноста на црквите не само што не е знак на мултикултурализмот и на различностите, атрибут што Македонија секогаш сака да си го припише кога го презентира своето меѓународно CV, туку сосема спротивното – тоа е знак на доминација на една идеја, една мисла и една културна матрица на однесување. Квантитетот на црковните објекти, значи, не може да биде ништо друго туку пропишување на пожелна норма на однесување на луѓето што живеат на таа територија.

Во таа смисла, а тоа е досега безброј пати констатирано, религиските идентитети се третираат како еднозначни и монолитни: православците наспроти муслиманите! Во македонскиот случај ова се префрла врз националните ентитети: Македонците наспроти Албанците. Никако православните и муслиманите, односно Македонците и Албанците. Туку, наспроти! Затоа градењето храмови во Македонија (ова, се разбира, подеднакво важи и за џамиите) не е ништо друго туку своевидно обележување на територијалниот интегритет на една моноидејна група луѓе. Затоа, создавањето овој тип урбани инсигнии (цркви, џамии, споменици, идентични објекти...) е длабоко антиурбан и антицивилизациски чин – тој, имено, е директно насочен кон уривање на основното цивилизациско право: слободен протек на луѓе и идеи.

Но, зошто се токму светите храмови тие кои во моментов најефикасно ја делат македонската територија? Тоа е така зашто религијата е меѓу најефикасните алатки за групно манипулирање со луѓето (а тоа прилично добро може да се види токму од актуелните протести). Црквата (религијата), како една од некогашните големи цивилизациски придобивки, освен нејзината просветителска улога и нејзиното делување како обединувачки фактор, многу бргу станува форма преку која не се спроведува небесната (божјата), туку овоземската, прагматична и апсолутна власт. Власта, преку градењето цркви, докажува дека е богуугодна и дека затоа секој што е против неа е против Бога! Таа, како не единствен, туку унитарен толкувач на божјата волја, е единствената компетентна за толкување и спроведување на апсолутната вистина. Затоа секому кому пречи нагрдувањето на градот со бесмислените цркви и црквички дефинитивно е против Бога, а со самото тоа и против власта. И обратно. Бидејќи, ете, божја волја е да се сечат дрвја и паркови за без ред и целосно невкусно да се редат цркви.

Спорната црква, „Свети Константин и Елена“, не само што не е исклучок, туку е типичен пример за ова правило. Имено, останува нејасно како и зошто токму таму овој објект доби урбанистичка маркичка, потоа кој и колку плати за комуналиите, па сè до тоа како е можно власта да биде главен двигател за донаторски конференции за изградба на црквата. Иако манипулацијата, како и за сè друго што има врска со Црквата, е во нешто друго, а тоа друго има повеќе врска со овоземските бизниси отколку со божјето царство, што веројатно допрва ќе се открие, или, како што тоа кај нас вообичаено се случува – никогаш нема да се открие.

Она што од протестите станува јасно е дека легалната секуларна власт (ако по некој случај е опозициска) е подредена на црковните власти и не може легално да ги врши своите работи. Во таа смисла, постапката на полицијата е во целосна согласност со овдешното едноумно устројување. Таа нема да интервенира ако не се загрозени интересите на власта. А интересите на власта, меѓу другото, се Скопје целосно да се дезурбанизира и на тој начин да се стави во една кусограда и длабоко антиурбана идеолошка матрица.

Како и да е, црквите многу често и во различни контексти се присутни во уметноста и поп-културата. Најсилната референца во наслов е веројатно романот на Виктор Иго „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“, каде што, сепак, темата е мошне далеку од религијата иако дејството не случајно се одвива токму во духовен храм. Што се однесува до авторот на овие редови, најдрага референца му е песната „California Dreamin’“ на бендот „Mamas and Papas“, каде што поетот во еден студен и зимски ден влегува во црква: „Застанав пред црква и влегов внатре/ Клекнав на колена/ И се преправав дека се молам/ Знаеш дека свештеникот сака студ/ Тој знае дека јас ќе останам/... Сонувајќи за Калифорнија/ Во ваков зимски ден“. Ете, има корист и од црквите. Под услов да се греат преку зима.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Општество / Став
Општество / Став
Општество / Квир / Став
Општество / Став
Став
Став

ОкоБоли главаВицФото