Центар

17.06.2013 11:23
Центар

Без оглед како ви се чини, сепак терминот „центар“ и нема некое прецизно значење. Првото што паѓа човеку на ум е неговата математичка, односно геометриска функција – точката во која ќе ја забиете иглата на шестарот и ќе ја направите најидеалната геометриска слика: кругот. Од друга страна, центарот, без оглед на неговата местоположба, не е само средиште околу кое сè се врти, туку е и место кое има амбиција на привлекување: некој вид црна дупка за различни интересовни групи и различни интереси. Затоа и, на пример, главните партиски органи често се нарекуваат централни комитети. Затоа лесно се препознаваат разно-разни централни раководства. Затоа постојат и центри за болка, ургентни центри, центри за гуми, центри за јазици итн. Она што уште ни останало во главата од основното образование е фактот дека центарот е основата на поединечното и универзалното опстојување. Токму врз база на симетријата на центрипеталните и центрифугалните сили функционира атомот. А така функционира и целиот универзум: Месечината се врти околу Земјата; Земјата се врти околу Сонцето; Сонцето се врти околу некој друг центар... И сите имаме некој свој центар што го одредува нашето постоење.

Од некаков аспект на урбаната култура, центарот е една од најважните точки на опстојувањето на урбаните целини. Градот, на пример, сам по себе е центар и привлечна сила што во својата орбита привлекува најразлични елементи.

Во принцип, без оглед на неговата големина или на неговото значење, секој град има свој центар. За Њујорк, на пример, врежано е мислењето дека негов центар е Тајм сквер, она место кое, ако по ништо друго, го помниме по спектакуларните прослави на Новите години. Сепак, кога во една прилика авторот на овие редови праша што е во суштина центарот на Њујорк, му беше одговорено дека Централ парк не се вика случајно така. Во некои други градови центарот се препознава по метро станицата што го носи префиксот „централна“. Во Москва, јасно, тоа е Црвениот плоштад (или како веќе денес се вика) пред Кремљ. Во Пекинг тоа е Тијананмен или Плоштадот на небесниот мир. Во Европа, во овој момент, тоа е Таксим во Истанбул.

Што се однесува до Скопје, центарот е јасно маркиран со онаа фонтана и оној гломазен споменик, еуфемистички наречен „Воин на коњ“, иако, ако сакаме да бидеме искрени, деновиве некои други топоними во Скопје, врзани со името „центар“, беа во центарот на вниманието. Првин тоа беа просторите пред просториите на Општина Центар и нивното „јајчување“, ако може така да се каже, поради наводното уривање на црквата во изградба „Свети Константин и Елена“, а потоа тоа беше граѓанската акција на таканареченото гушкање на Градскиот трговски центар, односно неговата одбрана од евидентната намера на власта да го „барокизира“ и овој објект.

Овие два случаја, иако, и по своите методи, а уште повеќе по своите цели, се релативно одвоени еден од друг, сепак имаат заедничка нишка – а тоа е центрипеталната сила на самиот збор „центар“. На пример, иако во Скопје постојат повеќе општини каде што партијата на власт има сериозно изборно упориште, сепак речиси комплетниот проект „Скопје 2014“, во секој случај најголемата инвестиција на оваа власт, се реализира исклучиво во Општина Центар.

Во таа смисла може да се каже дека центарот истовремено е и мета. Оние што некогаш се бавеле со стрелаштво точно знаат што значи центар. На оние, пак, што играле „пикадо“ совршено им е јасно дека е поважно да се фати територијата што го опкружува центарот, зашто центарот без својата кружница, односно без територијата што гравитира околу него, не значи ништо. Затоа, на некое симболичко рамниште, освен што гушкањето или, ако сакате, живиот штит околу Градскиот трговски центар, кое има свое недвосмислено значење, опкружувањето на Трговскиот центар значи токму тоа – опкружување на територија и нејзино обележување како урбана оаза. Исто како што гаѓањето со јајца по бараките на Општина Центар не значи ништо друго туку обид за делегитимирање на општината како урбана компетенција.

Центарот како доминантна точка на нашите животи e чест предмет на уметничка, општествена, економска, медиумска, социолошка... обработка. Иако обично владее мислење дека во сликарството се тежнее фокусот да се префрли кон периферните делови на платното (сетете се само на „Бело на бело“ на Казимир Маљевич, односно „Бел квадрат на бела површина“, како што е некаде познато ова ремек-дело на супраматистот), сепак класичното сликарство, особено она од периодот на Ренесансата му придава мошне важно место токму на центрот. „Мона Лиза“ односно „Џоконда“ на Леонардо да Винчи ви се насмевнува од централниот дел на платното. Кога сме веќе кај Да Винчи, во неговата „Тајна вечера“, иако претходно има низа дела насликани по истиот мотив, Исус за првпат се појавува во центарот на масата, односно во центарот на платното. Во претходните слики на оваа тема, тој е секогаш на чело на масата, што значи дека на платното е претставен странично.

Што се однесува до медиумите „Центар“ е мошне често име, особено за телевизиски емисии. Во македонскиот медиумски простор веќе подолго време опстојува телевизискиот проект на колегата Васко Ефтов, „Во центар“. На крајот на краиштата и името на неодамна згаснатиот дневен весник и на неделникот „Фокус“ на трагично починатиот Никола Младенов не значи ништо друго, туку токму – центар.

Од литературата прво што ни доаѓа на ум е романот на Жил Верн „Патување во средиштето на Земјата“. Речиси сме стопроцентно убедени дека ако овој роман случајно сега беше преведуван тогаш во насловот наместо „средиште“ ќе го имаше зборот „центар“. За волја на вистината, тука, иако станува збор за нашата планета (или токму поради тоа), центарот не е прикажан како најпријатното место за егзистирање, иако, секако, станува збор за привлечно место чиј магнетизам ве тера да стасате до него.

Сепак, нам ни се чини, барем во контекст на овдешниот случај, дека е мошне важна песната на бендот од Војводина (Србија) „Ева Браун“, „Однеси ме од овој град“. Тука, на пример, наместо зборот „центар“ се употребува зборот „срце“, што само ја засилува моќта на овој топоним. Но, еве ги стиховите: „Среќните луѓе доаѓаат во срцето на градот/ Срцата на девојките се отворени во срцето на градот/ Сè е во ред кога си во срцето на градот// Најдобрите локали се наоѓаат во срцето на градот/ Рекордите на флипери паѓаат во срцето на градот/ Цела ноќ скитав од бар до бар/ А в зори дојдов на твојата врата/ Затоа што морав да ти кажам// Однеси ме од овој град/ Однеси ме, не сакам да останам тука/ Однеси ме на некое друго место/ Однеси ме од овој град// Дојдов наутро и донесов вино/ Седнавме во кола и ни беше фино/ Возеше брзо низ празните улици/ Радиото свиреше, а јас реков// Однеси ме од овој град/ Однеси ме, не сакам да останам тука/ Однеси ме на некое друго место/ Однеси ме од овој град.

Слики: Matt Duffin

Слични содржини

Општество / Став
Општество / Став
Општество / Квир / Став
Општество / Став
Став
Став

ОкоБоли главаВицФото