Панорамско тркало

30.06.2014 14:16
Панорамско тркало

Еве еден интересен податок: Владата на Република Македонија деновиве донесе одлука да започне со реконструкција на железничката инфраструктура на делниците Куманово – Дељадровце, Драчево-Велес и Битола-Кременица. Се проценува дека овој потфат ќе чини околу милион и пол евра, главно европски пари (200.000 евра се од државниот буџет). Речиси истовремено Советот на град Скопје го одобри покачувањето на цената на чинењето на панорамското тркало во Скопје од предвидените 12 на 15,5 милиони евра (за три и пол милиони евра). Во новинските извештаи се наведува дека градоначалникот Коце Трајановски истакнал дека парите за тркалото нема да одат од градскиот, туку од државниот буџет.

Нема, се разбира, место за какви било рационални или логични коментари на овие факти. Работата, едноставно, одамна е избегана од сферата на рационалното во мистериозните и недоволно испитани општествени психопатолошки простори. На ниво, значи, на некоја семантичка симболика, јасно се гледа што и зошто е приоритет. Наспроти железницата, како сѐ уште ненадминат модус за транспорт на луѓе и услуги во Европа, односно наспроти разменувањето на луѓе и стока се спротивставува возењето – во круг! Злобниците би рекле дека и во ова има некаква правда: баравте – вртете се во круг.

Зашто, панорамското тркало и не служи за ништо друго. Тоа не може да ве однесе од точката А до точката Б, туку секогаш ќе ве врати на местото од каде што сте тргнале. Зошто е тогаш важно тркалото? Затоа што ви овозможува убав панорамски поглед на постигнатите градителски успеси, а ви оневозможува да видите, на пример, како функционираат трамваи, метроа, па и возови...

Во културолошките студии за индустријата на забава главно се истакнуваат две функции на панорамското тркало: забавната (наменета за деца) и панорамската, односно видикот (наменет за туристи). Првата функција главно ја исполнуваат помали тобогани, односно панорамски тркала, какво што е она постоечкото во Луна-паркот во Скопје, додека вистинските панорамски тркала се градат во (главно) богатите градови, каде што не постојат соодветни височинки или брда од каде што може да се пружи убав видик врз градот или барем нема доминантни згради од кои може да се пружи таков поглед. Таков е случајот со Лондон и неговото „Милениумско око“ (веројатно најпознатото панорамско тркало на светот и веројатно урнекот по кој Скопје ќе го гради своето), со Лас Вегас (најголемото панорамско тркало на светот, отворено на 31 март годинава), со Виена (каде што тркалото не е сместено среде град, туку во паркот Пратер), со Сингапур (до изградбата на она во Лас Вегас, најголемото панорамско тркало) итн.

Скопје, се разбира, ги има и Кале и Водно (или барем она што остана од него), а ако сакате и Скопска Црна Гора и Китка... Ако веќе треба веќе да се има целосен поглед од самиот град на самиот град, тогаш се можни бројни (и многу поевтини) решенија. На пример, може на врвот на зградата на Македонската радио-телевизија да се направи некаква кафеана со прекрасен поглед. Или од врвот на комплексот банки. Или од врвот на Домот на печатот (сега зграда на Владата на Република Македонија). Конечно, во Аеродром се градат оние небодери, а богами и на врвот на Водно се гради импозантен ресторан.

Скопското панорамско тркало, јасно, не е нова идеја. Таа некако чудно и надреално се провлече уште во 2010 година како дел од проектот „Скопје 2014“. Како што сега стојат работите, со повторното актуелизирање на изградбата на тркалото се чини дека проектот „Скопје 2014“ ќе трае барем до 2020 година. Имено, предвидено е тркалото да се гради четири години. (Сингапурското тркало, на пример, кое е високо 165 метри и широко во пречник 150 метри, е изградено за две и пол години.)

Како што сега стојат работите, скоското тркало ќе се гради на Вардар, некаде меѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“, односно наспроти зградата на новиот-стар театар, каде што треба да се изгради уште еден пешачки мост. Е, сега... како целата оваа конструкција ќе се вклопи во урбаниот амбиент, вкучувајќи го тука централниот плоштад, барокизираната зграда на Владата, како и зградите од другата страна на Вардар не е тешко да се претпостави. Но, претпоставките, како и досега, вклучувајќи ги тука и критичките гласови околу изградбата на тркалото, се – небитни. Ова краткотрајно искуство нѐ учи дека ниту гласот на стручната јавност, а уште помалку гласот на граѓаните може да доpре до Големиот брат што ја смислил целата оваа шега со Скопје. Авторот на овие редови, сепак, се обидува и поблагонаклонето да гледа на работите, па ќе констатира дека барем некои од продуктите на „Скопје 2014“ со ова монструозно тркало ќе бидат маркирани, односно помалку видливи.

Инаку, скопското тркало би требало да биде високо 73 метри и широко 57 метри. Треба да има 30 гондоли, со капацитет од 750 килограми, односно осум возрасни лица и две деца. Сѐ уште не се шпекулира со цената на билетот, но со оглед на цената на чинењето на тркалото, најверојатно и таа би требало да биде субвенционирана. Инаку, цената за возење со панорамското тркало во Лондон е 18 евра.

Иако патеписците забележале вакви играчки уште во Средниот век на територијата на негогашната Отоманска империја (според некои извори, први тобогани што личеле на панорамски тркала се забележени на територијата на Бугарија, а биле придвижувани со жива сила), модерното панорамско тркало е прилично нова забава. За првпат е претставено во 1893 година на Големата светска изложба во Чикаго. Негов автор е американскиот инжeнер Џорџ Вашингтон Гејл Ферис јуниор, поради што и најчесто е познато како Ферисово тркало (Ferris Wheel).

Панорамското тркало e прилично малку застапено во популарната култура. Нема или има многу малку референци во сликарството и литературата, додека во музиката најпозната е песната „Ferris Wheel“ на младиот, опскурен кантри-пејач Џејсон Џонс. Панорамското тркало главно се појавува во некои тинејџерски филмови, а од ремек-делата веројатно е најславна сцената со Орсон Велс и Џозеф Котон во „Третиот човек“ на Керол Рид (1950, „The Third Man“), снимена во Пратер во Виена. Токму пред панорамското тркало Орсон Велс ја кажува онаа славна реплика за тоа дека Италија со векови живеела во војни и колења, а на светот му ја подарила ренесансата, додека Швајцарија живеела во мир и демократија и на светот му подарила – часовник со кукавица. Впечатлива сцена со панорамско тркало има и во неправедно заборавената комедија на Стивен Спилберг „1941“ (1979). И тоа би било сѐ.

Затоа пак, за возови, железници и слични цивилизациски придобивки референци има колку сакате. Освен во Македонија!

Сроден текст: Лудилото, се разбира, продолжува

ОкоБоли главаВицФото