Солидарност

19.05.2014 12:47
Солидарност

Секако дека основната цел на она што се случуваше во текот на вчерашниот ден на плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и во повеќе градови во земјата, беше да се собере неопходната помош за поплавените подрачја во Србија и Босна и Херцеговина (лично се надевам дека дел од таа помош, а хуманитарната акција, колку што знам ќе трае до крајот на месецот, ќе се насочи и во Хрватска, каде што состојбата во меѓувреме драматично се влошила), но зад целиот овој хепенинг стои еден, кај нас веќе заборавен, збор – солидарност!

Солидарноста е основа на општествениот, особено на градскиот живот. Таа е фундамент на идентитетот на урбаниот човек. Без солидарност, едноставно, не е можно да се живее, на пример, во една станбена зграда. Без солидарност не е можно опстојување на еден сталеж, на една професија, на едно семејство, ако сакате... Иако најбазичната, да не кажеме најрудиментираната солидарност е хуманоста, односно емпатијата при големите несреќи (болести, пожари или природни непогоди, како што сега беше случај), сепак големиот број граѓани, кои, безмалку, самоорганизирано ја изразија сопствената подготвеност да се солидаризираат со туѓата мака покажува дека таа чудна билка, наречена „граѓанин“ сѐ уште не изумрела на овие простори. За волја на вистината, се чини дека долго време беа притаени, потиснати, сокриени во некаков сопствен азил, но сепак еден импулс беше доволен повторно да го вратат во себе урбаниот дух.

Добро, можеа да се слушнат забелешки дека некои дошле само за да се фотографираат како помагаат и тие фотографии да ги стават на својот фејсбук-профил, другите да се самопромовираат како еднократни хуманитарци, трети да ги исфрлат од дома непотребните работи итн., но сето тоа не е ни толку битно. Битно е дека е покажана солидарна волја.

Впрочем, воопшто не е битно кој дошол. Битно е кој не дошол, а едно отсуство некако бодеше очи. Го немаше оној кој единствен прима плата да го негува урбаниот дух на градот, оној што се нарекува „градски татко“ – градоначалникот Коце Трајановски. Наводно бил на Фестивалот на цвеќето, што за првпат се организира во Скопје, и за кој, патем речено, градот издвоил 1.200.000 денари. Инаку, според достапните информации, градот на солидарноста Скопје испратил во Србија 50.000 вреќи за песок, еден шлепер со амбалажирана вода, еден гумен чамец и едно противпожарно возило со две пумпи за испумпување на вода. Не е наведена вредноста на испратената помош. Од друга страна, државата Македонија, на пример, не се сети да се откаже од данокот на додадена вредност од хуманитарните телефонски дотации.
Како и да е, сликата со отсутниот градоначаник на Плоштадот асоцира на една друга слика од неговата присутност на истиот плоштад, во времето кога беа поставени првите споменици од проектот „Скопје 2014“. Тогаш Коце Трајановски можеше со часови да стои на Плоштадот и да ги лови туристите и добронамерниците за да се фотографира со нив (неколку пријатели на авторот на овие редови, токму од Србија и Босна, освен вреќите за полнење песок, ете имаат и еден таков сувенир од Скопје). Сега не се појави ни да се фотографира.

Во суштина, во право е Коце Трајановски што не дојде на хуманитарната акција. Таа промовира некои вредности што, очигледно, се спротивни од неговиот вредносен систем, од вредносниот систем што пропагира фотографирање пред споменици.

Не знам дали масовноста и позитивната енергија што излегуваше од акцијата ќе придонесе за некаква промена на колективната свест за солидарноста кај граѓаните, иако тоа тешко може да се очекува. Имено, во македонската дехуманизирана варијанта на оголениот неолиберализам солидарноста е проскрибиран збор. За луѓето на кои им е потребна вистинска солидарност, а кои, ете, не настрадале од природна непогода или од болест, туку од општествената неправда на предолгата транзиција, не само што нема сочувство, туку тие се прогласени за неснајдени, општествени паразити, штетници... тие се презрени.

Солидарноста е основа на секој морал, на религискиот, на човечкиот, но пред сѐ на општествениот. Францускиот социолог Емил Диркем, еден од основоположниците на општествените науки воопшто, ги дели општествените уредувања токму според видот и степенот на солидарноста. Тој таа општествена солидарност, онаа што е врзана за секој човек на заедницата ја нарекува органска солидарност, значи природна, а онаа што е врзана за нацијата и религијата – механицистичка солидарност, значи вештачка.

Според лексикографските дефиниции солидарноста е „спонтан или договорен облик на поврзаност на одредена група луѓе, врз база на компатибилноста на идеите, ставовите, интересите, мислите, емоциите“. Според Вебстер, солидарноста е „заедништво на цели, интереси и стандарди“. Од етичка гледна точка, солидарноста не се однесува на одредена група луѓе, туку на сите луѓе како вид. Во социјалните односи, солидарноста би можела да се дефинира како чувство на взаемност и темел за взаемно помагање. На пример, волонтерската работа (во која спаѓаат и некогашните работни акции) ѝ припаѓа на социјалната солидарност. Во Италија, на пример, постои министерство за социјална солидарност (а не за социјала и труд).

Терминот „солидарност“ најчесто се врзува за синдикалното здружување. Впрочем, синдикатите и се формирани како унии за меѓусебна работничка помош. Најпознатиот синдикат во историјата го носи токму името „Солидарност“. Станува, се разбира, збор за полскиот синдикат на работниците од бродоградилиштата, со седиште во Гдањск, кој одигра круцијална улога во рушењето на полскиот комунизам.

Самиот збор е од колевката на демократските принципи, Франција (solidaire – солидарен), првпат е запишан во Енциклопедијата од 1765 година, а подоцна практички прераснува во револуционерниот извик „братство“ (fraternite) од славната парола „слобода, еднаквост, братство“. Во југословенската варијанта, таа парола беше претворена во „братство-единство“. Во основата на зборот е латинската придавка „solidus“ (цврст). Индоевропскиот корен „sol“ на латинскиот му ги дава и зборовите „salus“ (здравје) и „salvus“ (сигурен, спасен), на грчкиот „holos“ (цел), на англискиот „whole“ итн.

Во Македонија постои фудбалски клуб „Солидарност“ од Маџари (Скопје), како и невладината организација Левичарско движење Солидарност.

Солидарноста е честа тема во традиционалната револуционерна и работничка музика. Една од најпознатите синдикални химни го носи насловот „Solidarity Forever“ (Солидарност засекогаш), напишана од Ралф Чаплин во 1915 година, па е добра можност и овој текст да се заврши со верзијата на оваа песна на Пит Сигер.

ОкоБоли главаВицФото