Хроника на најавената смрт на „Чичко Стоилко“

05.05.2014 10:55
Хроника на најавената смрт на „Чичко Стоилко“

Кога пред извесно време градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски рече: „Ги спасивме барем Градскиот трговски центар и зградата на ЕВН“, мислејќи на спречување на најавената „барокизација“ на фасадите на овие два значајни објекта во центарот на Скопје, никој не кажа, ниту помисли дека со тоа се спаси и легендарната сендвичарница „Кај чичко Стоилко“. Деновиве, кога повторно се актуелизира реновирањето на зградата на ЕВН, никој не го проблематизира нејзиниот нов надворешен изглед, туку речиси сите наслови во медиумите гласат: „'Чичко Стоилко' заминува во историјата“, „Барокот го изеде 'Чичко Стоилко'“ и слично на тоа.

Тоа е судбината на таканаречените култни објекти: ги забележуваме само кога ќе ги снема. Или барем кога ќе биде најавено нивното исчезнување (уривање). Нема ова никаква врска, или барем не голема, ни со убавината на објектот, ни со неговата намена, па дури ни со четиридецениската традиција (колку што функционира овој киоск). Тоа, пред сѐ, има врска со сроденоста на објектот со градот, со неговата природна поставеност во нашиот видокруг, со неговата улога на незаменлив ориентир, со неговата функција на собирач на спомени...

Сепак, случајот на „Чичко Стоилко“ е поспецифичен од останатите. Умирањето на овој објект речиси може да се спореди со фабулата на новелата „Хроника на една најавена смрт“ на неодамна починатиот нобеловец Габриел Гарсија Маркес. И не мислиме тука само на грозоморното убиство на неговиот сопственик во, ако не се лажеме, 1997 година, кое, колку што ни е познато, уште не е разјаснето. Иако и оваа трагедија, разбирливо, го фрли дуќанот, барем на извесно време, во агонија. Но, вистинската агонија на „Чичко Стоилко“ започнува со почетокот на агонијата на Скопје, односно со почетокот на проектот „Скопје 2014“.

Имено, уште пред околу три години беше најавено негово уривање поради потребата да се уреди околината околу Триумфалната капија. (Патем речено, ова монструозно чирче, никнато каде што не му е местото веднаш го доби името „Триумфалната капија кај 'Чичко Стоилко’“, а никој никогаш не рекол, на пример, „'Чичко Стоилко' кај Триумфалната капија“). Дали поради немање смелост или поради нешто друго, важно тогашните челници во општина Центар не се решија на овој чекор, односно рекоа дека објектот нема да се урива сѐ додека нема неопходна потреба од тоа. Од тоа време остана запомнет очајниот апел на сопствениците, кои изразија подготвеност да го реновираат дуќанот во соодветниот стил, што кај надлежните предизвика подеднаков ефект на оној што го предизвикува дувањето на ветерот, а кај добронамерната јавност извесна доза на потсмев. Овојпат не се споменува повеќе Триумфалната капија и неумесноста овој тип киосци да се наоѓаат во нејзина близина (веројатно некој сфатил дека работите стојат обратно: дека е неумесно Капијата да се наоѓа таму каде што се наоѓа). Сега на ред е зградата на ЕВН како главен виновник за уривањето на овој, слободно можеме да кажеме, споменик на скопската урбана култура.

Скромната и не многу битна дебата по ова прашање што срамежливо проѕирка по некои интернетски форуми само ја покажува апатијата на жителите на градот, кои се врзани за урбаната култура и урбаниот начин на живеење само преку некои магливи, сосема нејасни и скромни сеќавања. Поддржувачите на идејата за уривање на „Чичко Стоилко“ и на останатите трафики од околината ќе кажат дека станува збор: за „грдотија среде градот“, за „времени објекти, на кои местото не им е тука“, за „злото што го носи ова ѓубре од храна“, за „време кога треба новите генерации да го создаваат своето опкружување“ итн.

Јасно, како и во многуте случаи од овој тип што, налик на елементарна непогода, го стрефија Скопје последниве години, на секоја од овие тези можат да се спротивстават низа контрааргументи. Ниту киоскот каде било и кога било претставувал „грдотија“ (напротив, градовите со традиција, а Скопје тоа очигледно не е, со гордост си ги чуваат своите најстари киосци), ниту формулацијата „времен објект“ значи нешто (и оној накараден огромен крст што никна во Аеродром се води како „времен објект“, па не постои никаква идеја за негово уривање), ниту некој докажал дека плескавиците во хамбургерите се поштетни од, на пример, ќебапите кај „Дестан“, ниту пак секоја генерација треба да го менува изгледот на градот (ако беше така, градовите повеќе немаше да личат на себе, а на страна фактот што никој не ја праша сегашната генерација за она целосно демолирање на Скопје). Конечно, зошто би биле убави оние подвижни клупи на кои се продаваат половни книги или оние тезгичиња со таканаречените американски крофни, или оние кутри ликови што свират на хармоники и кавали..., а „Чичко Стоилко“ би бил грд? Напротив. Со отстранувањето на „Чичко Стоилко“ се разнебитува централното градско подрачје, процес што беше започнат уште од градоначалникувањето на Пенов, кога од централниот плоштад беа исечени дрвјата и отстранети главните елементи: киосците за весници и продавачите на цвеќе. Плус уште еден од симболите на Скопје, дуќанот за фарбање кожа „Кенан“.

Но, сепак најважната поента се испушта: „Чичко Стоилко“ на еден недвосмислен начин е предвесникот на современото живеење на градот, негово приклучување кон цивилизираниот свет. Како и да звучи тоа во ова њу ејџ доба, сепак брзата храна е еманципација на граѓаните. Таа го обезбедува највредното во човековиот живот – слободното време. Потребата од појава на брза храна не е ништо друго, туку знак дека жената се вработила и дека нејзината основна функција повеќе не е грижа за кујната, туку дека таа станува целосно општествено битие со сите општествени потреби и барања. Со други зборови, брзата храна е знак за појава на граѓанската класа, во вистинската смисла на овој збор. И нормално е дека во дуќаните каков што е „Чичко Стоилко“ ќе се продаваат хамбургери, хот-догови, тостови... Тие се, конечно, симболите на западната цивилизација. А граѓанската класа е токму производ на еманципираните западни вредности кон кои ние се стремиме. Или, можеби, не?

Како и да е, има некаква правда во исчезнувањето на „Чичко Стоилко“. Имено, во убиениот град, во градот што повеќе не поднесува ништо граѓанско, каде што системот на вредности, всушност, е сосема обратен, нема место за „Чичко Стоилко“. Тој и онака ќе штрчи во сеопфатниот кич што денес го живееме.

Слични содржини

Став
Став
Став

ОкоБоли главаВицФото