Стан

03.02.2014 13:42
Стан

Последните афери што излегоа со становите на синовите на пратеничката Силвана Бонева и на уредникот на Телевизија Сител Драган Павловиќ Латас уште еднаш го покажаа и докажаа култниот статус што станот го ужива на овие простори. Од некои причини, колекционирањето станбен простор тука се смета за еден од најумните претприемачки потези (успешен си само ако имаш повеќе станови), иако во суштина станува збор за мртов капитал!

Ваквиот, би рекле, традиционален однос кон станот (не кон куќата, туку исклучиво кон станот и евентуално кон деловниот простор) потекнува од најмалку две длабоко врежани сфаќања, односно искуства. Првото е дека станот е најсигурна инвестиција, своевиден еквивалент на улогата што ја имаше златото, нешто што не губи од својата вредност. Второто искуство, што се пренесува од колено на колено, се врзува со традиционалните тешкотии дури се стаса до покрив над главата. Во оние споредни причини влегува веќе фолклорната недоверба во банките како трезори на сопствените пари; потоа недовербата во себе, а уште повеќе во системот, дека парите нема да бидат загубени ако бидат вложени во некакво конкретно производство; и, конечно, континуираната потреба од станбен простор што овозможува тој релативно лесно да биде издаден под кирија.

Во таа смисла станот е единица мерка, своевиден еталон. Се сеќавам, на пример, кога еден пријател своевремено купи некаков џип, наводно по цена од 60.000 евра. Главен коментар на околината беше: „За тие пари можеше стан да си купи“. Во онаа, сега веќе растурена средна класа, денес често можете да слушнете и ваква забелешка: „Од кај му пари да купи стан?“ Значи, станот е некаква скала за успешност, умност, но и етичност („Сигурно крадел штом можел стан да купи!“).

На овие простори, преку станот секогаш се градела некаква популистичка квази-економска политика. Повозрасните читатели се сеќаваат на широко популаризираната акција против „црвената буржуазија“, која беше наречена: „Имаш куќа, врати го станот“. Името мошне асоцира и на акцијата што ја спроведува оваа власт: „Купи куќа, купи стан“, само што сега таа не е насочена кон осиромашување на „непријателските елементи“, туку напротив – кон давање илузија на веќе осиромашените дека можат да си го поправат статусот. Колкава моќ има станот во општествената свест, веројатно покажува и фактот дека најголемите финансиски афери и измами се врзани токму за продажба на станови.

За разлика од куќата, чиј симболизирачки елемент, исто така, е покажување на успешноста (карактеристичен пример се куќите на „гастарбајтерите“, но и оние хациенди на Водно што изникнаа како плод на новобогаташите), идејата на станот не е да биде виден од сите. Напротив, тој на некое симболичко ниво значи зголемување на приватноста (не е на ачик и не може да му се ѕирка во дворот), но затоа неговата општествена употребливост е поголема – оние што треба да знаат за бројот на становите што ги поседувам, тие знаат. Зад сопственикот на становите секогаш се крева некаква таинствена магла, некоја фама која го прави поценет во зедницата („Паметно прави тој“).

Станот, инаку, е типична урбана категорија. Неговата појава се врзува со појавата на индустриските, односно модерните градови. Добро, заеднички куќи што се некаква претходница на сегашните станбени згради се појавуваат и во Рим (инсули), и во средновековниот Египет итн. Она што им е заедничко е дека тие, барем на своите почетоци, воопшто не служат за задоволување на општествениот статус на припадниците на повисокиот слој, туку напротив, како простор за сместување на припадниците на средната и ниската класа, а во индустриската доба на работниците. Во секој случај, со индустријализацијата и развојот на градовите почнува да се води сметка за економичноста на просторот, па бргу е препознаен претприемачкиот капацитет на новоникнатите згради. Во таа смисла, иницијативните припадници на новата буржуазија почнуваат да ги жртвуваат своите куќи и на нивно место да ги градат многу поекономичните и поисплатливите згради. Прашање на момент било кога првиот се сетил во истата зграда да си направи луксузен стан за себе.

Некој би рекол дека денес постојат станови за сечиј џеб, освен, се разбира, за оние кои имаат празни џебови. Но, како и да е, се чини дека е направена некаква инверзија во развојот на просторите за живеење на општествените класи. Денес, имено, се чини дека се градат многу повеќе станови за оние со подлабоки џебови отколку за останатите. Средната и ниската класа, ете, денес почесто (и поевтино) го наоѓаат својот животен простор во куќи во предградијата. Таков тренд постои и во Скопје, каде што многумина ги продаваат становите и градат живеалишта во Волково, Орешани, Зелениково... односно во приградските села, каде што земјата уште не дошла на цена, како што е случајот со Злокуќани и Бардовци, на пример.

Пред сè поради својот ентериер и екстравагантноста, првите згради наменети за луксузни гости на кои авторот на овој текст може да се присети се кулите на Доналд Трамп во Њујорк (Trump Tower и Trump World Tower). Нам посебно ни е интересна таканаречената „светска кула“, која е сместена во Менхетен, веднаш наспроти зградата на Организацијата на Обединетите Нации. Таа е пуштена во употреба во 2001 година и сè до пуштањето на кулите во Дубаи (2003) и Сеул (2004), таа е највисоката зграда од овој тип во светот. Наводно, еден од првите станари на оваа екстравагантна кула е д-р Срѓан Керим, кој тука имал изнајмено стан во периодот додека бил амбасадор на Македонија при Обединетите Нации (2001 – 2003).

Нема многу примери за користење на станот како главна нишка во популарната култура. Тој повеќе е мизансцен, отколку што има улога на јунак. Хичкок, на пример, често ги користи станбените ентериери во своите филмови (додуша и куќите). Во барем два негови филма севкупното дејство се одвива во стан. Првиот е „Јаже“ (Rope, 1948), а вториот е „Поглед низ прозорец“ (Rear Window, 1954). Еден од најзначајните филмови што во насловот го содржи зборот „стан“ е филмот, кај нас погрешно преведен како „Апартман“ (The Apartment, 1960) на Били Вајлдер, со Џек Лемон и Ширли Меклејн во главните улоги (Американците за „стан“ го користат зборот „apartment“). Од некогашното југословенско наследство можеби некој ќе се сети на театарската хит-комедија „Заеднички стан“, чиј автор е актерот Драгутин Добричанин Гута (најпознат по улогата на Васа С. Тајчиќ во серијата „Театар в куќи“). По овој текст снимен е истоимен филм во 1960 година, во режија на Марјан Вајда, а со Миодраг Петровиќ Чкаља и Мича Татиќ во главните улоги.

Како и да е, аферите со становите на Бонева и Латас не се ниту први ниту последни. Сепак, тврдиме дека тие ќе имаа помал ефект во јавноста, ако стануваше збор за автомобили, уметнички слики или некои други предмети со слична вредност. Вака, станови се во прашање...

Фотографиите се од филмот The Apartment, 1960.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото