Почина Матија Барл, славниот Кекец

06.08.2018 11:14
Почина Матија Барл, славниот Кекец

Во Марезиге крај Копер завчера почина Матија Барл (1940-2018), словенечкиот актер и продуцент кој стана познат по улогата на Кекец во истоимениот филм снимен во 1951 година.
Веста ја објави Крајбрежниот аероклуб Порторож, каде Барл бил член.

Барл имал само 11 години кога се појавил на големото платно за да ја одигра улогата на Кекец, а храброто момче и неговите авантури по словенечките Алпи многу брзо стана еден од омилените детски ликови во поранешна Југославија. 

„Кекец“ е црно-бел словенечки младински филм од 1951 година во режија на Јоже Гале, снимен според планинските раскази за Кекец на Јосип Вандот. Се смета за еден од најдобрите во словенечката и југословенска кинематографија, како и првиот словенечки филм со меѓународна награда. Toj ja доби награда Златен лав во категоријата филмови за деца на возраст од 11 до 14 години на Филмскиот фестивал во Венеција во 1952 година.

Барл потоа се појавил и во филмовите „Старото добро пијанино“ на Франце Космач (Dobri stari pianino, 1959), „Под синото небо“ на Душан Пребил, снимен во 1988 година во продукција на RTV и во германскиот филм „Црни и бели како денови и ноќи“ (Schwarz und weiß wie Tage und Nächte) на Волфганг Петерсен од 1978 година. Во 2002 година на кратко се појави во младинскиот филм „Заборавено богатство“ (Pozabljeni zaklad)на Туго Штиглиц.

Тој не студирал драмска игра, туку драматургија на Академијата за театар, радио, филм и телевизија (AGRFT) во Љубљана. Првично, работел како уредник на телевизиски реклами на РТВ Словенија, а потоа во 1962 година се преселил во Германија. Се вратил назад во Словенија по прогласувањето на независноста.

Работел како независен продуцент, а меѓу останатите, соработувал и со славниот режисер Рудолф Ноелте. По исклучително напорното снимање на Сицилија целосно ја променил професијата и станал судски преведувач.

Фотографии: SFC

 

 

ОкоБоли главаВицФото