,,Мишко” на Ханис Багашов селектиран на ,,Сараево филм фестивал”

10.08.2018 00:36
,,Мишко” на Ханис Багашов селектиран на ,,Сараево филм фестивал”

Македонскиот краток игран филм ,,Мишко” ќе биде прикажан во детската програма на претстојниот „Сараевски филмски фестивал“, кој се отвора на 10 август.

,,Мишко” е приказна која го следи Ангел, тивко и повлечено момче, кој оди со својот другар Мишко да бере јаболка за продажба. Но, како што минува денот, Ангел сѐ повеќе се соочува со суровоста на Мишко и своите родители.

Режисер и сценарист на филмот е 18 годишниот Ханис Багашов, продуцент и кинематографер е Самир Љума, монтажата е на Радован Петровиќ, музиката на Златко Ориѓански, костимите на Мирјана Јосифоска, дизајн на звукот на Зоран Проданов, а колорот на Андреј Ѓорѓиевски.

Улогите ги толкуваат Марко Ристоски, Тарик Рамадани, Верица Недеска, Игор Ангелов и Веда Спасовиќ.

Филмот е во независна продукција, без финансиска поддршка од Агенција за филм.

Филмот ја имаше својата премиера на ,,Скопje филм фестивал” во април годинава, а оттогаш беше прикажан и во Италија, Црна Гора, Албанија, како и на неодамнешниот „Бич филм фестивал “ во Охрид. Селектиран е и на фестивалот за краток филм во Љубљана, како и во Карловац, Хрватска. Добитник е на специјалната награда за млади на „Balkan Film Food Festival“ во Поградец, Албанија.

Инаку, на 24-то издание на Сараево филм фестивал на публиката ќе ѝ бидат понудени вкупно 266 филма од 56 земји. Фестивалот ќе го отвори филмот „Студената војна“ на оскаровецот Павел Павликовски, кој за овој филм ја доби наградата за режија во Кан. Во програмата „Open air“, која традиционално привлекува најмногу посетители, ќе биде прикажан новиот филм на Асгар Фархади, „Сите знаат“, со Пенелопе Круз и Хавиер Бардем во главните улоги. Овој афирмиран ирански режисер годинава е и на чело на жирито во Сараево, кое ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција.

 

ОкоБоли главаВицФото