Пакетчиња

21.08.2018 02:45
Пакетчиња

Направете милион пакетчиња со по едно шише пиво од литар ипол, зејтин-литар и 750 деци вино, плус плико со сто евра во секое пакетче, распоредете ги правилно по избирачките места и викнете некое приватно обезбедување да ви прави ред во километарската колона луѓе што ќе дојдат да гласаат за договорот со Грција, односно за ЕУ и НАТО.
Плус минус, сто милиони евра.

Јас мислам дека колоните би биле километарски и да има во пакетчињата само шишиња со зејтин или само по десет евра, но, еве, нека е ова скапа комбинација од почетокот на овој статус.
Ви гарантирам дека во нато би биле примени на 30 септември меѓу 10.30 и 11.20 часот.

Сакам, во врска со оваа идеја, да додадам уште неколку работи:

Прво, не можете во океанот од корупција да барате на референдумскиот остров да се гласа без да се плати. Државата да му даде на Мицко милиони евра за да труби против договорот, а на народот, од кого очекувате позитивен одговор, да не му дадете ништо, да го молите за сто грама патриотизам. Тој да ви даде.

Второ, јавното мислење, односно гласачите и без тие пакети се изложени на чудовишни влијанија и изобличувања на свеста, до нивото на кое сиромашките луѓе, остануваат без деловна способност да носат разумни решенија. Најдобар начин за санирање на оваа ситуација се парите.

Од каде толку пари. Не знам, продајте некоја од глупостите за кои беа поарчени не сто туку илјада милиони. Археолошкиот музеј со се граѓата, додуша, малку влажничка или Триумфекалната капија, или обезбедете пари од буџетот, од донации, како знаете и умеете, најдете сто милиони, ебаму мајката, паре ли су сто милиона, мори мамо.

Конечно, се сеќавам дека во „Нова Македонија" и во "Утрински", сме продавале по неколку пати поголеми тиражи кога во весниците поместувавме некакво ливче со автомобилска карта или со рецепти за печење на куровска капија. Луѓето ги фрлаа весниците и си ги задржуваа ливчињата затоа што знаеја дека тие се предметите што ги добиле џабе. Така и со рферендумот, со помош на пактчиња може да го натераш Македонецот да достигне и десет милиони души излезност плус да му ја утврдиш цената на името, на патриотизмот на себе, на сè.

Тоа е, не се заебавам!


Слики: Свирачиња