Првото издание на фестивалот „Словокулт: литература“ се одржува во Гевгелија, Скопје и Берлин

27.08.2018 00:17
Првото издание на фестивалот „Словокулт: литература“ се одржува во Гевгелија, Скопје и Берлин

Интернет списанието „Словокулт: литература“ и „Арт-еквилибрум“, од 24 до 30 август организираат меѓународен фестивал на современата уметност, текст и поезија, кој првпат ќе се одвива паралелно во Македонија и во Германија. Настанот вклучува групна изложба и поезија, кратка проза, текстуални фрагменти, читање и изведби на тема „Вистината во современата уметност и литература во време на лажни вести“.

Фестивалот ќе им оддаде чест на мртвите поети со читање избрани песни од Бошко Бозаџиевски во Гевгелија, во рамки на Бош фестивалот и во Берлин и од Игор Исаковски во Скопје и во Берлин.

На неколку локации во Гевгелија од 24 до 26 август се изведува поетски мултимедијален перформанс, повеќејазичен книжевен настан и групна изложба.

Во Скопје во галеријата „Акантус“ ќе биде отворена изложба на 29 август во 18 часот, а во градината на галеријата од 20 часот ќе се одржи повеќејазичен книжевен настан и поетски мултимедијален перформанс.

Настаните во Берлин, каде што ќе гостуваат уметници и од Македонија и од други земји, ќе се одржуваат од 9 до 11 септември.

Во Македонија ќе биде претставен и најновиот број на „Словокулт“, кој ќе излезе во август.

Главната уредничка на „Словокулт“, Елизабета Линднер-Костадиновска, поетеса, мултимедијална уметница, писателка, литературна преведувачка, првпат ќе ги прикаже своите мултимедијални перформанси во Македонија на македонски, кои досега се изведени само во Берлин на германски.

Ова е нејзиниот манифест издаден по по повод првото издание на фестивалот.

Во низата настани од Македонија ќе учествуваат поетите Д.А. Лори и Александар Кирковски, Исток Улчар и Марија Грубор.

Ќе бидат прочитани стихови и од Томас Антонич, поет, писател, публицист, доктор по книжевност и биограф на Волфганг Бауер, професор на Школата за поезија во Виена, музичар, перформер, од Илија Ѓуровиќ, поет, писател, драматург, уредник и коосновач на издавачката куќа „Жута корњача“ од Подгорица, Црна Гора, Краус Зиген, поет, есеист, прозаист, перформер, доцент по креативно пишување.

Од странство ќе учествуваат уметниците Силвија Лоренц, скулпторка, ликовна уметница, перформерката Јамес Дин (Александар Јестровиќ, Берлин/Белград), ликовен уметник, перформер, а од Македонија Дијана Томиќ-Радевска.

На изложбата ќе бидат застапени слики од берлинските уметници Катрин Салентин, Јамес Дин, Силвија Лоренц, Елизабета Линднер Костадиновска, Цетелман и од Македонија: Дијана Томиќ-Радевска, Ѓорѓе Јовановиќ, Касиопеја Наумоска, Владимир Лукаш, Дороти Пачкова, Кристијан Крстески, Моника Мотеска, Миро Масин и Тони Шулајковски.

Фестивалот ќе има и придружна програма во „Ла Кања“, која на 28 август ќе вклучува концерт на Лин, кантавторка од Њујорк-Париз, и на 30 август забава за затворање.