Промоцијата на публикацијата „Мапирање на супкултурите“

07.10.2022 14:08
Промоцијата на публикацијата „Мапирање на супкултурите“

Во сабота, 8 октомври, со почеток во 19 часот, во Социјалниот центар Дуња ќе се одржи промоцијата на публикацијата „Мапирање на супкултурите“, што ја иницираше Одделението за едукација на Манифеста 14 и која помогна да се расветли природата на супкултурните движења во Приштина, Скопје и Тирана.

Автори на истражувањето во Скопје се Артан Садику и Ѓорѓе Јовановиќ, а е спроведено во рамките на 14- тото издание на Манифеста биенале во партнерство со Термокис од Приштина.

Во рамките на овој настан ќе биде прикажан документарниот филм „Скопје: Вовед во движење одоздола“, а концерти во живо ќе одржат Марија Каева и 40ес дена.

„За да се реализира ова истражување, неопходно беше да се разбере поширокиот социо-политички контекст во регионот после 90-те години, период на големи културолошки и економски транзиции во Скопје, Приштина и Тирана, период на големи надежи, но и разочарувања. Супкултурните движења во овие три града беа анализирани првенствено преку истражување на независните простори и луѓето што ги придвижуваа алтернативните визии за културата и неформалното образование во 90-те, 2000-те и 2010-те години“ – велат авторите на истражувањето.

Во Приштина истражувањето е фокусирано на почетокот на 2000-те, повоениот период кога импровизирани културни центри организираа спорадични настани, изложби и фестивали, а сето ова, вклучувајќи го и одржувањето на Манифеста 14 во Приштина, го туркаа млади луѓе кои ги поминаа турбулентните 90-ти години. Тоа беше период на неинституционална културна продукција што почна веднаш по воените настани во Косово, во барови, кафулиња и други простори, која сè уште не е соодветно документирана.

Во Тирана временската рамка е поширока, делумно затоа што не постоеле претходни истражувања на супкултурните движења во градот. Тимот во Тирана се фокусира на три супкултурни движења од периодот меѓу 90-те и 2010-те години и го следи менувањето на фокусот – од рок музиката и поезијата, кои беа во центарот на автономниот културен свет на крајот на 20. век, преку феминистички, активистички и артивистички иницијативи што ја дефинираат сцената во поново време.

Во Скопје истражувачкиот тим анализираше супкултурни движења во два периоди: движења, групи и манифестации што се случуваа во социјалистичкиот период, кои обично се фокусираа на слободата на изразување и иницијативи што се појавија при обновата на капитализмот и повторната традиционализација на балканските општества во 2000 и 2010-те години. Истражувањето се фокусира на разбирање на предусловите што ги создадоа неинституционалните, не-мејнстрим културни движења, како и нивното влијание.