Графичка новела „Алкохоличарот“: Години изгубени во пиење

18.09.2018 01:03
Графичка новела „Алкохоличарот“: Години изгубени во пиење

Ако не ве натера да престанете да пиете моментот кога ќе се разбудите во комбе со полничка, џуџеста постара бездомничка, тогаш навистина не знам што би ве натерало? Токму прашањата и размислувањата колку често човек може да потоне и повторно да исплива ги покренува „Алкохоличарот", графичката новела напишана од Џонатан Ејмс (Jonathan Ames) и илустрирана од Дин Хаспиел (Dean Haspiel).

Книгата е хроника на незгодите на Џонатан А., писател од Њујорк, за кого на задната корица се вели дека има само „случајна сличност" со авторот. Џонатан копнее за емоционална врска и често ја исполнува празнината со големи количини алкохол. Приказната започнува во август 2001 година, кога Џонатан се буди во Азбери Парк, Њу Џерси, во друштво со минијатурната постара госпоѓа во возило преполно со домашни миленици и предмети, коешто се чини дека е нејзин дом. Таа е расположена за врска за една вечер, но тој има само една помисла: Како се најдов тука?

Одговорот започнува во 1979 година, кога Џонатан е средношолец и ги открива магичните ефекти на пивото: „Не ми беше грижа за вкусот. Го сакав начинот на кој се чувствував. Првпат во мојот живот се чувствував кул. Секогаш мислев дека сум грд, но не и таа ноќ".

По ова првично искуство, Џонатан со својот најдобар пријател Сал, се опива секој викенд во следните две години. Но, не е секогаш само забава, игра и пиво. Една страница ги доловува подемите и падовите: мрзливо пиење покрај езерцето, забавите на кои се пие пиво од буриња, но и повраќањето во шумата и онесвестувањето во кревет.

За оние со што не се толку храбри или лесно се навредувааат, треба да се истакне дека „Алкохоличарот" не се стеснува во описите на сексуалните ситуации и употребата на дрога. Некои од тие ситуации се комични, како првите обиди на Џонатан за интимност, додека други се вознемирувачки, како кога тој се буди гол во канта за ѓубре, по кокаинска ноќ со геј дилер на дрога.

Една вечер со шише „Southern Comfort“ и порно списанија води до сексуален однос со Сал, која ќе ги прогонува во текот на нивниот живот. Утрото потоа, тие не се подготвени да разговараат за тоа што се случило. „Ќе биде подобро со девојките", вели Сал на крајот, и Џонатан брзо се согласува.

Сцената е доказ за врвното мајсторство на Хаспиел, кој преку јазикот на телата на ликовите го пренесува нивниот страв, страдање и вистинските чувства. Придружниот текст: „Не знаев дали она што тој го кажа е вистина или не, но се преправав дека се согласувам со него. Се срамев зашто ми се допадна тоа што се случи“ – е речиси непотребен.
Но, само речиси. Низ книгата, синтезата на зборови и слики создава живописен портрет на Џонатан: од забавната, измислена лента на фотографии која го покажува ретчењето на неговата коса од 1991 до 2001 година до трогателната секвенца во која Џонатан ги оплакува своите родители, кои починале во сообраќајна несреќа во доцните 1980-ти години.

Неговите мисли се движат од „Не ги сакав доволно" до „Замисли ја нивната ужасна болка на крајот".

Хасипиел ја користи техниката на поделен панел за да го покаже писателот во бар со коктел и дома со пиво, со наведната глава и спуштени раменици. Можете да го видите и почувствувате неговиот очај.

За среќа, тетката на Џонатан, Сади, која живее во Квинс, е на негова страна. Таа му предлага да замине во Париз, каде што се запознала со сликар, откако нејзиниот прв брак се распаднал. (Хасипиел вешто се префрла од пенкало и мастило во акварел за цртежите што ја прикажуваат неа од тоа време.) Сади е гласот на разумот и го сака иако е груба со него.

Во раните 2000-ти години, Џонатан запознава девојка која авторот ја нарекува Менхетн, по населбата каде што живее. Врската добро се развива во следните девет месеци, сè додека Менхетен не се пресели во Сан Франциско. Како и многу наивни двојки пред нив, тие си ветуваат дека ќе обидат да имаат врска на далечина, но за само една недела, таа одлучува дека ѝ треба нов почеток. Џонатан е очаен.

„Срцето треба да ти е потврдо", вели тетката Сади. „Ако си дозволев да ја чувствувам сета болка во мојот живот, одамна ќе бев мртва".
Три месеци подоцна, Џонатан сѐ уште пие. (Сади го советува: „Таа ти кажува како се чувствува - не е вљубена во тебе. Заборави ја!") Дури и откако Менхетен ќе се пресели во Сиетл, тој останува опседнат. Во август 2001 година, таа се враќа во Њујорк. Но, кога Џонатан ќе ја посети со букет цвеќе, ја наоѓа со ново момче.

„Влегов во првата врата за да не ме видат", се сеќава тој. И види чудо, таа прва врата е влез во еден бар, каде што покажува слабост и го пие својот прв пијалок од смртта на неговите родители во 80-тите години. На крајот, тој завршува во дупка, во Азбери Парк, каде што се сретнува со похотливата баба од почетокот на романот. Но, дури и таа непријатна сексуална ситуација, не е доволна да го одврати Џонатан, кој продолжува со пиењето и завршува со чир на желудник, сè уште копнеејќи по Менхетен.

„Иако ми прави експлозија во стомакот, сепак сакам да се омажам за неа", ѝ кажува на тетка му, Сади.
Таа одговара: „Ожени со неа, ако сакаш до крајот на животот да носиш пелена! Те сакам, но се откажувам! "

Следните неколку недели се магла составена од читање книги, тажната вест за Сал и, се разбира, 11 септември. Употребата на дрога ескалира. Дводневната доза хероин има ужасни последици кога тетка му Сади не стигнува да му помогне. Кога конечно ќе стигне до болницата таа на Џонатан му ја кажува оваа мудрост: „Никој не добива сè што сака".

Џонатан е погоден од сознанието дека  веќе не ја сака Менхетен и дека не може да се контролира околу алкохолот. Советите на Сади стануваат негова мантра. Тој, на претпоследната страница, изјавува: „Никогаш веќе нема да пијам". Тоа е добро напишана сцена на епифанија. На последната страница писателот несигурно стои пред еден бар, тажно моќен.

Извор: The New York Times

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото