Да се расте како ЛГБТИ

22.12.2018 03:27
Да се расте како ЛГБТИ

Да се одгледува, расте и да се порасне како геј, транс или кое било друго родово различно дете не е лесно и едноставно, било каде, но најмалку во традиционална и религиозна заедница, каква што е Македонија. Следствено, за традиционалното, типично македонско семејство темите за родот и сексуалноста се длабоко закопани, табу теми.

Во училиштата, членови на тие семејства се нечии наставници или автори на учебници, за кои родовите прашања отсекогаш биле надвор од нивната агенда, во воспитувањето на многу генерации деца. Тие и реално многу малку знаат или не сакаат да знаат за детската сексуалност и затоа измислуваат и импровизираат кога пишуваат за неа. А и не се начисто како да ги отворат овие прашања, а да не ги испуштат децата од контрола, за која најчесто сметаат дека е најдобра кога младите за „тоа“ што помалку знаат.

Оставени во незнаење, децата и младите денес, во Македонија, го живеат својот живот како знаат и умеат, собирајќи полувистини од електронски и други медиуми, од попкултурата, од моралистичките пораки на неуки подучувачи, полни со стереотипи и предрасуди. Сите овие извори се генератори на насилството, зашто не даваат одговори за разнообразноста на човековата сексуалност и искуства, ниту водат сметка за разликите во родовото себе-изразување, за правата и слободите како развојни потреби, за промените на телото и сликата за себе, како силни и евидентни показатели на развојот, но и на самодовербата и на умешноста да се успее со животните предизвици.

Наместо тоа, се отвoра простор за манипулации со лажни слики, што ја извртуваат детската самоперцепција, создавајќи хаос во главите на младите.

Сè што учат децата во училиштата, едни од други, или од непроверени извори, нема како да го помине тестот на реалноста, зашто и таа е извитоперена. Лажни се податоците, но лажирана е и реалноста, и тоа што младите го минуваат искуствено, и што е единствено автентично и веродостојно, нема вредност, зашто нема каде и на што да се потпре, за тие да можат да ги разберат процесите на родовото доживување, прилагодување и самоприфаќање, без страв и преголеми ризици.

Кога прашањата за сексуалните и родовите идентитети остануваат да висат, или се криво интерпретирани и сместени во тесните хетеро-нормативни и моралистички рамки, тогаш доаѓаме до проблематизирање на главните текови на детскиот развој, нивната себеидентификација, припадност и себерегулација. А тоа се клучните прашања: кој сум, каде припаѓам и како да се раберам себеси и другите?

Каде и како во сето тоа да се снајдат ЛГБТИ младите, како родово или сексуално нетипични млади? Каде да ги најдат одговорите за себе и како да се справат со сопствената различност, со ексклузивноста, со перманетното негирање, со изолацијата и заканите, често и по нивниот живот?

Трансродовите и ЛГБТИ млади под голем ризик од насилства

Веќе неколку години во Македонија ги следиме состојбите поврзани со здравјето на нашите ЛГБТИ млади. Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (HBSC) во Македонија покажа дека 1-2 отсто момчиња и 4-5 отсто девојчиња на 15-годишна возраст се изјаснуваат дека ги привлекуваат момчиња/девојчиња од истиот или и двата пола.

Споредено со нивните хетеросексуални врсници, хомо и би-сексуалните млади се почесто исложени на насилства и повисок ризик по нивното емоционално и социјално здравје. Наодите покажуваат дека хомо и би-сексуалните млади на 15 години, се дваипол пати почести жртви на малтретирање во училиштата, со двојно поголема изложеност на физичко насилство во семејството, во споредба со хетеросексуалните млади. Тие се и четири пати почести жртви на полов напад, повеќе од еднаш, од своите хетеросексуални врсници.

Во поглед на менталното и емоционалното здравје 15-годишните ЛГБТ млади во Македонија, двојно и повеќе, од своите хетеросексуални врсници чувствуваат: главоболки, болки во грбот, нерасположенија, раздразливост и несоници, почесто од еднаш неделно. Тие во голем број (74 отсто) страдаат од два и повеќе психосоматски симтоми, почесто од еднаш неделно, и речиси секој втор од нив живее со чувството на тага и безнадежност, која кај една третина од нив завршува со сериозни размислувања за самоубиство. За разлика од нивните хетеросексуални врсници, ЛГБТ младите во Македонија поретко се дружат и имаат помала поддршка од родителите и врсниците.

И за трансродовите млади има сè повеќе сознанија дека се под уште поголем ризик од насилства и малтретирање, не само во училиштата, туку и во семејството.

Стигмата и срамот не се лесни за надминување

Во едно средно училиште во Скопје, едно трансродово 15-годишно момче кое се охрабрува да му се довери на директорот и да побара да биде заведено во училишните книги под машко име, за децата од класот да почнат да го ословуваат така, се судира со непомирливиот став на родителите. Нивното толкување дека детето премногу време минува на интернет, дека попаднало во група што го насочува во погрешна насока, меѓу другото и да експериментира со родовата улога, што е модерно на таа возраст, превагнува, за на крајот се` да заврши со тоа „инцидентот“ да се заборави.

Секогаш сум се прашувала како да се интервенира во родителството, гледајќи како неговите одлуки за „доброто“ на детето директно ги попречуваат детските развојни потреби и права? И покрај сите предупредувања за повредите што им се нанесуваат на овие деца, доколку не се поддржат на време, како на пример, за крајната изолација, за ризиците да не го завршат образованието, за скратените младешки пријателства и социјални искуства, кои никогаш веќе нема да можат да се надоместат, овие родители долго остануваат на своето, сè додека не биде предоцна. Но, стигмата и срамот пред другите, стравот од губитокот и разделбата со нивното „вистинско“ дете, себеобвинувањата „каде сме згрешиле“ присутни кај родителите на ЛГБТИ децата, не се лесни за надминување.

Но, дали можеме да ја бараме одговорноста само и воопшто кај родителите за состојбите со нивните ЛГБТ деца во заедница каква што е нашата? Нивните погледи без исклучок и отсекогаш биле свртени кон стручната јавност и системите на поддршка и заштита, од кои тие се` уште не добиле ништо.

Дали се работи за болни или за здрави деца?

И во тоа лежи и најголемата препрека на промената во нивните ставови. Статусното прашање на ЛГБТ младите во Македонија фактички не е решено. Дали се тие болни или здрави, дали се нормални или ненормални? Имаат ли еднакви права со сите други деца? Ова се одамна одговорени прашања во научните кругови и секојдневната практика на многу земји во светот и од таа перспектива дури звучи невкусно и да се поставуваат.

Но кај нас не е така. Нашата стручна јавност е сè уште без официјален став. И уште полошо не е ни свесна за репрeкусиите на нејзините произволни, лични, непрофесионални ставови. Дури и кај оние кои не ги делат истите конзервативни гледишта, не се чувствува потребата за расчистување со шаренилото од толкувања и за преземање на одговорноста што сите ја делиме заедно, како струка, за ваквата состојба.

Пред извесно време една наша млада револуционерна колешка, психолог, излезе јавно со ставот за т.н. „криминално“ изложување на трансородовите деца на хормон-блокатори, споредувајќи го тоа со третман на аноректични млади: „Замислете, искоментира, кога третманот на аноректично дете би се потпирал на почитување на неговата волја да не зема храна, каде тоа би не одвело, до изгладнување до смрт, наместо да биде спасено“. Сосема произволен и штетен, коментарот доаѓа од претставник на струката, која треба да биде авторитет, и таа „де факто“ и доби голем број „загрижени“ следбеници.

Ваквиот став не е штетен само поради дадените дезинформации, туку и поради „стручно“ искажаната недоверба кон детското автентично родово доживување, а со тоа и кон правото на учество во одлуките кои длабоко го засегаат. Наместо неговото мислење и чувства да се земат како највалидна алатка на проценка, со што и неговото самоопределување би добило простор за размена и артикулација и за рамноправно учество во изборот, кој потоа може и да се следи, проверува и анализира, како и секој друг став и состојба, детето во старт се елиминира како информатор за својата состојба. Многу е важно да се нагласи дека детето има легитимно право да биде слушнато и информирано за сите аспекти на својата состојба, за да може рамноправно и активно да учествува, без присила или застрашување, по сите прашања на својот живот. Став што е сосема непознат за нашата традиционална, загрижена, моралистичка средина...

Споредувајќи ја со аноректична состојба, понатаму, нашата експертка, трансродовата состојба ја поистоветува со болест која треба да се лечи. Конзервативно - популистички став на традиционалната средина, која треба да се едуцира и модернизира, наместо да ѝ се додворува и повладува, при што целата струка се (зло)употребува.

Да создаваме инклузивни родовочувствителни средини

Научната и стручната мисла во Македонија мора да исчекори од овие збркани стојалишта, за потоа да стане влијателна и во менување на дискриминирачките ставови и уверувања, со кои со децении ги воспитуваме децата. Медицинарите, психолозите, педагозите и сите останати стручњаци, мора да бидат во тек со современите научни достигнувања и својот став да го искажат јавно, преку своите тела, асоцијации и комори, затоа што е тоа нивна задача и одговорност.

Сè до тогаш, додека тоа не го средиме, немаме морално право да ги повикуваме на одговорност родителите, кои во потрага по вистината, откако ќе променат дузина доктори и стручњаци, своите деца ќе продолжат да ги носат на бајачки, оџи и исцелители, сo единствена цел да ги „излечат“.

Извор: Respublica