Кога Европејците бараат азил

24.12.2018 01:56
Кога Европејците бараат азил

Сите дискусии за правото на азил започнати во Европа последниве години – и расизмот кој ги следи – се темелат на идејата дека барателите на азил потекнуваат од Азија и Африка и дека пристигнуваат во Европа преку Медитеранот или Турција. Меѓутоа, само минатата година меѓу подносителите на барања за азил во земјите од Европската унија имало речиси 100 000 жители од Европа: Албанци, Турци, Руси, Грузијци, Украинци, Ерменци итн.

Оваа маса луѓе главно не го привлекува вниманието на јавното мислење и политичарите, можеби затоа што меѓу нив има голем број малолетници, кои не може толку лесно да се напаѓаат, но поверојатно затоа што овие баратели на азил имаат бела кожа. Се сметаат како помала закана од младите мажи со потекло од субсахарска Африка кои наводно ги преплавуваат нашите градови и затоа помалку се погодна мета за напади и инструментализирање со ксенофобна природа.

Франција е еден од ретките исклучоци по прашањето на општата незаинтересираност за овој феномен, зашто минатата година Албанците беа далеку најбројна група баратели на азил во земјата, што мораше да го привлече вниманието на медиумите и политичарите.

Имено, Албанците имаат мошне голем удел во вкупниот број барања за азил кои Европејците ги поднесуваат во Европа: во 2017 година повеќе од 22 000 Албанци барале азил во Европа, што е убедливо најголем број во однос на сите други националности, како во апсолутни бројки така и во однос на бројот на жители (речиси 1 процент од државјаните на Албанија минатата година барале азил во Европската унија).

Недоверливост и обесхрабрување

Поголемиот дел од Европејците кои се одлучуваат да бараат азил во Европската унија ги избираат Германија или Франција. Меѓутоа, последниве години двете земји почнаа да спроведуваат сè порестриктивна политика кон барателите на азил, како одговор на рекордниот број барања (вклучувајќи ги и оние на европските државјани) примени во 2015 година. Значи, вбројување на земјите на потекло на барателите на азил на листата „безбедни земји“; забрзана процедура за обработка на барањата; многу ниски стапки за одобрување на азил; присилни враќања; склучување договор со владите на земјите на потекло за ограничување на излезните текови; закана за повторно воведување шенгенски визи.

„Француските власти однапред поаѓаат од претпоставката дека барањата за азил се неосновани како оние кои ги поднесуваат државјаните на Албанија, и на овие баратели на азил не им се обезбедува ни сместување. Општ став е дека кон нив не треба да се однесуваат претерано љубезно“, тврди Оливие Перу, француски експерт за миграциски прашања. „Ни недостасува размислување за причините кои ги наведуваат овие лица да ја напуштат сопствената земја, како и за тоа на кој начин би можело да им се помогне. Но мошне често недостасува и основно знаење, за многу Французи, Албанците сè уште се мошне мистериозни.“

Број на барања за азил поднесени во 2017 година на целата територија на ЕУ според земјата на потекло (Еуростат, ЕДЈНет)

Точно е дека се, и пред неодамнешното заострување на миграциската политика, државите членки на ЕУ отфрлаа поголем дел од барањата за азил на европските државјани, а и во голем број случаи лицата кои бараат азил не се изложени на конкретни опасности и закани туку станува збор за економски мигранти, кои немаат многу други опции за преселба во странство. Како што потврдува албанската новинарка Фатјона Мејдини, меѓу нејзините сонародници кои се одлучуваат на емиграција има многу млади и семејни луѓе кои не успеваат да најдат работа во својата земја.

И покрај сè, расте бројот на одобрени барања

Иако властите главно ги сметаат за неосновани барањата за азил кои ги поднесуваат Европејците, бројките покажуваат поинаква слика. Во 2017 година во земјите членки на ЕУ одобрени се околу 18 проценти нови барања, додека пет години претходно азил добиле само 8 проценти од подносителите на барања за азил со европско потекло. Намалувањето на стапката одбиени барања сигурно не е последица на зголемување на великодушноста на владите на државите од ЕУ, туку пред сè е поврзано со свеста за објективно лошите животни услови во бројни европски земји. Сè почесто се одобруваат не само барања за азил од турски и украински државјани – кои очигледно се изложени на сериозни опасности – туку и барања на припадници на речиси сите други националности.

Така, на пример, барањата за азил на албанските државјани од година во година се одобруваат во сè поголем број: во Европската унија како целина, бројот на одобрени барања на албански државјани пораснал од 500 на 1600 во рок од пет години. Причините за одобрување на барањата главно се поврзани со опасноста од крвна освета, семејно насилство и дискриминација на ЛГБТ лицата и припадниците на ромската заедница. Како што потврдуваат поедини случаи, се работи за конкретни и реални опасности, иако албанската влада и медиумите избегнуваат да зборуваат за тоа.

Невозможно е да се игнорира фактот дека во бројни европски земји постојат сериозни проблеми поврзани со кршењето на човековите права и затоа државите членки на ЕУ не би требало а приори да ги сметаат за неосновани десетиците илјади барања за азил кои секоја година ги поднесуваат европските државјани. Со цел ефикасно управување со овој феномен и евентуално намалување на бројот на барања, потребно е сериозно да се размисли за причините кои наведуваат толку голем број луѓе да ја напуштат земјата која ние често ја замислуваме како привлечна туристичка дестинација и иден партнер во Европската унија.

Извор: http://www.h-alter.org

ОкоБоли главаВицФото