Македонија со демократски напредок, но останува „хибриден режим“

10.01.2019 18:30
Македонија со демократски напредок, но останува „хибриден режим“

Македонија изминатава година напредна 10 места според Индексот на демократија на британскиот „Економист“. Земјава се наоѓа на 78 место од вкупно 167 држави од светот, со скор од 5,87 поени, на скала од нула до 10, каде повисоката цифра означува подобра демократија.

Земјава останува во групата земји со „хибридни режими“, иако Индексот потенцира дека Македонија е меѓу земјите со најголем напредок претходнава година покрај Ерменија, Еквадор, Хаити и Тунис.

Од регионов Македонија се наоѓа зад Словенија (на 36-то место), Грција (39), Бугарија (46), Хрватска (60), Србија (63) и Албанија (76), а е подобра од Црна Гора (81) и Босна и Херцеговина (101).

Од петте категории кои ги оценува индексот, и кои го сочинуваат вкупниот резултат, земјава има најголем проблем со политичката култура, каде има само 3,75 поени. Највисок скор Македонија има во категоријата граѓански слободи 7,06, политичкото учество е оценето со 6,67, изборниот процес и плурализмот има 6,50, а функционирањето на владата 5,36.

Во последниве 12 години Македонија напредува во последниве две години, иако земјава сè уште е далеку од најдобриот рејтинг постигнат во 2006 година. Најголемиот пад се случил на индексот за 2016 година, кога земјава имала скор од 5,23.


Норвешка, според индексот, е најдемократска земја во светот, а во првите пет се уште и Исланд, Шведска, Нов Зеланд и Данска. Северна Кореја е на дното на листата, заедно со Сирија, Демократска Република Конго, Централноафриканска Република и Чад.

Најголеми назадувања имаат Никарагва и Венецуела – дури 17 позиции. Додека големи падови се забележани и во Италија (12 места), Турција (10) и Русија (9).

Извештајот од Индексот на демократија заклучува стопирање на падот во демократијата на глобално ниво и стабилизирање на вкупниот скор кај сите земји за прв пат во последниве три години.

„За стабилизирањето на Индексот на демократија главен фактор е зголемување на политичкото учество во 2018 година. Сепак тоа не е доволно за да се направи пресврт во „демократската рецесија“. Она што ќе следи ќе зависи од тоа како политичкото учество ќе влијае на владеењето, политичката култура и граѓанските слободи. Во сите овие сфери постојат големи прашалници околу идните случувања, особено поради тоа што зголемената ангажираност, излезност на гласање и активизам во многу земји беа во името на политичките партии кои се анти-естаблишмент и политичари кои можат да ги пореметат политичките системи и демократските практики во неочекувани правци“, стои во извештајот.

Индексот покажува дека само 4,5% од светската популација живее во „целосна демократија“, додека изминатава година 48 земји забележале подобрување, а 42 држави забележале пад во споредба со 2017.

Извор: http://www.eiu.com

 

ОкоБоли главаВицФото