Интервју со бегалец од законот: има ли правила?

08.02.2019 00:30
Интервју со бегалец од законот: има ли правила?

Разговорот кој го водеше новинарката на ТВ „Сител“ со експремиерот Груевски, кој е правосилно осуден по еден судски предмет, а по уште неколку се води како обвинет и судењата се во тек, подигна доста прав. Една од причините за тој интерес е и дилемата – дали треба да се разговара со бегалец од законот? Постојат ли услови до кои новинарот треба да се држи при такви средби? – би била следната дилема ако за првото прашање имаме „расчистен терен“.

Не е спорно дека Груевски е бегалец од правдата, по него постои меѓународна потерница и со него е врзана како дел од бегалскиот багаж и извршна пресуда за ефективна казна затвор. Тој ужива азил во една членка на ЕУ, наспроти ставот по тоа прашање на меѓународната заедница, а на барањето на нашите власти за негова екстрадиција, сè уште нема официјален одговор од Будимпешта.

Деновиве, следејќи го тој интерес, еден наш колега на Фејсбук ги предочи редакциските правилана Би-Би-Си во случај на известување за криминал или сторители на антисоцијално однесување, кои без сомнение произлегуваат од една респектибилна новинарска куќа која е дел од демократски систем со неспорна традиција.

Правилата на Би-Би-Си за разговор со бегалец од правдата

Според тие правила, оној новинар или уредник кој сака да разговара со бегалец од правдата или криминалец, најнапред треба да напише барање со оправдување за целите на тоа интервју до раководителот на секторот за Редакциска политика и стандарди на Би-Би-Си. Интервјуто може да се случи само ако има јасни цели и ако од интервјуираниот може да се извлече некое сознание кое не е познато за јавноста и кое подобро може да го осветли криминалниот чин што го сторил интервјуираниот.

Еве ги тие правила, посочени подолу согласно на бројот во упатството:

8.4.16

При интервјуирање на криминалци, треба да се внимава да се минимизира потенцијалната неволја што може да ја предизвика кај жртвата на криминалот или нивните роднини.

8.4.17

Интервјуата со активни или осудени криминалци не смеат да го воздигнуваат престапот, да го преферираат сторениот чин во однос на судскиот процес или да откријат детали што ќе овозможат копирање на криминалот.

8.4.18

Контактот со избеганите затвореници или лицата што ги бара полицијата може во некои околности да претставува кривично дело. Секој предлог за контакт или интервју со такви лица мора да биде упатен до директорот за Редакциска политика и стандарди и во одделот за правни совети.

8.4.19

На меѓународно ниво, постојат различни дефиниции за криминал и криминалци. Во некои земји, на пример, политичките дисиденти и активисти се дефинирани како криминалци, но интервјуата со нив може да бидат важни во обезбедувањето на целосно разбирање на настаните. Меѓутоа, за луѓето мотивирани од лична корист од нивните криминални активности мора да примениме други принципи, оние што важат во Велика Британија.

Интервјуто со нарко босот Ел Чапо

Своевремено доста прав подигна и интервјуто кое го направи холивудскиот актер Шон Пен со познатиот злосторник, шефот на најголемиот нарко-картел во Мексико – Хоакин Гусман, познат по прекарот Ел Чапо. Тој беше трипати апсен и носен во наводно најчувани затвори во Мексико ама двапати избега од нив, доста спектакуларно. Во ноември минатата година започна неговото судење во Њујорк, откако беше направена екстрадиција меѓу Мексико и САД.

Објавениот разговор во магазинот „Ролинг Стоун” (направен во октомври 2015) нашироко се дискутираше во Мексико, но и во САД – едни гледаа во него апологија на криминалот, други, пак, само вид на шоу новинарство.

Во прилично долгиот текст добитникот на „Оскар“ го претставува наркодилерот „како човек осуден од околностите да го избере овој животен пат, несклон кон насилство и барајќи само начин да се заштити; човек кој би бил речиси симпатичен ако ги немаше десетте илјади убиства, припишувани на неговиот картел “, коментираше новинарот Леон Краус во весникот „Национал “. Хоакин Гусман прифатил да разговара со Шон Пен и со актерката Кејт дел Кастиљо, која ја договорила оваа долготрајна средба, но шверцерите поставиле услов да го видат текстот пред да биде дистрибуиран. Ова е секако доказ дека тоа не било слободно четиво, туку дека во интервјуто влегло нешто што било по волја на интервјуираниот, што го зајакна чувството дека тоа не е слободно новинарство, туку алатка во рацете на наркобосот! Имињата на многу луѓе се променети, како и на местата каде се остварени контактите. Сепак, полицијата потоа ги искористи видеоснимките и преку разговори со жителите на Мексико кои го помагале ова интервју, го уапси Гузман. Ова го спаси Пен од обвинение, ама не и неговата придружничка, мексиканска државјанка дел Кастиљо која беше гонета.

Професионалните новинари беа скандализирани од „глумењето” новинар на холивудскиот глумец, кој според нив погазил куп етички принципи во портретирањето на наркобосот. Факт е дека на новинарите не им се допадна тоа што некој (и тоа во случајов озлогласен криминалец) има, или може да има, моќ да менува новинарска статија и потенцијално да ја претвори во самопропаганда.

Протолкувано на овој начин интервјуто, и покрај тоа што содржи интересни изјави на Ел Чапо во врска со неговиот живот и криминално дело, никогаш не требало да се случи. Вака излегува дека престижно списание од типот на „Ролинг Стоун“ станува негов форум, а дека Пен е негов ПР агент.

На крајот на истрагата излезе дека кон Пен, кој повеќе не е под истрага на мексиканските органи, се има поинаков третман од мексиканската актерка Кејт дел Кастиљо, која му ја овозможила средбата и преведувала. Зошто случајот на првиот се толкува како „легитимна новинарска задача која обезбедува одредена законска заштита”, а на другиот актер како „славна личност-која оправдува убиец-шверцер на дрога”, тоа остана нејасно.

Марко Рубио, републиканскиот кандидат за претседател, го срочи тоа вака:

Ако некој од американските актери кои профитирале од големината на оваа земја и кои заработиле од нашиот слободен пазарен систем, сакаат да се гребат за внимание преку некој криминалец, тој има уставно право да го направи тоа. Но за мене ова е гротеска

Никако да не му се наштети на бегалецот!

Но, да се вратиме на поводот за овој текст – интервјуто на ТВ „Сител“ со бегалецот Груевски. Што од гореневедените дилеми се допира со појавата на Груевски на малиот екран? Па, речиси сè.

Најнапред авторката на разговорот (Славица Арсова) не дава никаков вовед, кој би значел и одговор на она како, каде, зошто…. Формата на изведување на разговорот е рамна на некаков онлајн муабет, што говори дека постои начелен договор да нема ниту еден детаљ кој би можел да наштети на бегалецот. Тоа е секако важен услов на кој „Сител“ секако се согласил. Дури и реализацијата на интервјуто е правена за да сокрива каков било детаљ за местото каде е правен разговорот (се користи визуелизацијата план-контраплан, нема широк агол и опфат на просторијата). Сè делува клаустрофобично, секако со цел да нема ниту ронка од елементи кои би го загрозувале интервјуираниот.

Водителката во објавените 18 минути од разговорот оди само по шемата „прашање – одговор“, без користење на контрапрашање, а не дај боже некакво сериозно опонирање и тоа на човек кој просто предизвикува во него да барате одгатнувања на многу тајни. Прашањата, не се сите наивни, но се кажани во стилот „незадолжително“, без да се инсистира на нивен вистински, рационален одговор кој би му дал смисол на интервјуто.

Соговорникот практично ги одби сите теми кои нешто треба да му значат на аудиториумот (како што е на пример, начинот како Груевски стигнал од дома до Тирана), си ги кажа оние работи што тој сака да ги испрати во земјата каде стекна многу непријатели и меѓу најблиските соборци. Леснотијата со која се објаснува егзилот е секако поттик за други такви потенцијални бегалци, а цинизмот кон својата матична држава, исто така, делува охрабрувачки во та насока. (да ѕирнеме сега во правилото 8.4.17 на Би-Би-Си). Многу завиени одговори, на пример од типот: „немам докази, имам сигурни информации“, се прифаќаат со леснотија. Тука влегува и молчешкум прифатеното објаснувањето дека Груевски е политички бегалец (а доаѓа од земја која има систем кој ги отвора вратите на НАТО, на пример), дека наводно не ги убедувал другите пратеници да гласаат против Преспанскиот договор (иако има многу сведоци, па и новинари присутни во Парламентот за неговата постојана пресија кон колегите како тие да гласаат) …

И после едно вакво интервју, а во отсуство на официјални реакции на оние тела кои треба да се изјаснат за овој тип на разговор со бегалец од законот, треба ли да очекуваме кон Будимпешта од Скопје да тргнат нови новинарски екипи за разговор со Груевски?!

Извор: http://crithink.mk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото