Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (7)

11.02.2019 10:14
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (7)

Јован Дамјановски, Благослов или проклетство, (Меѓународен центар за славјанска просвета, Свети Николе)

Во бракот љубовта игра танц со разумот. Кога се обидуваш да не се сомневаш, сомнежот гризе подлабоко. Единствена утеха е ако успееш да премолчиш што се случува во тебе. Уште појасно е ако веруваш дека љубовта е како некоја болест која се шири во телото. Колку повеќе се плашиш за конечниот исход од борбата со болеста, толку поголема е опасноста.

Пријателката на Мирјана предизвика разорна атмосфера во нејзиниот брак. Од пријателството се очекува да помогне, ама невнимателност може не само да понижи, туку и да го доведе во прашање бракот и брачната љубов што е водилка во опстојувањето на човештвото. Разузданоста на мажот не е вест за другите, туку само за себе. Така се брани разнишаното женско достоинство. На таков начин и се објаснува синтагмата дека за љубоморство меѓу двајца, не мора да постои трет, четврти или петти учесник. Љубовта е загрозена од сопствената љубомора, зошто љубомората се раѓа директно од љубовта. Кога жената отворено се сомнева во верноста на својот маж, тогаш љубовта го повикува демонот што ја опседнал нејзината душа. Тој демон е судија во вечната трка што се случува меѓу љубовта и љубомората. Ретка е појавата љубовта да има предимство пред љубомората. Нејзиното траење е факторот што одлучува за конечниот исход. Најлош резултат во таа трка е омразата која ја заменува и љубовта и љубомората.

Жена со повредено достоинство се споредува со возило на кое сопирачките му се во дефект. Секоја жена со неверен маж е токму тоа – возило без сопирачки. Во душата лудува вознемиреност. Повредена жена е на крстопат каде нема патокази. Најпрвин сомнежите се претвораат во отворена љубомора со крајна цел да се провери љубовта. Во верувањето дека љубовта е постара од љубомората може да се пронајде некоја утеха од верскиот занес за што сепак е потребна божествена светлост. Што може во животот да ја исклучи љубомората од љубовта? – тоа е некој бесмртен пламен кој постојано ја пали навредената душа, а господовата искра е само за палење на душата, а за гаснење на огнот не помагаат ниту ангелите. Демонот во човекот кој го распалува огнот на љубомората, првин во навредената душа ја брише срамежливоста. Отворен е патот на слободата за фантазирањето во кое се натпреваруваат демоните и ангелите во човековата душа.

По информацијата од својата пријателка, Мирјана одлучи да му биде сенка на својот маж. Ама без светлина не се создаваат сенки. Бараше светлини и во ноќите и во деновите, за нови сенки за разјаснување. Но, сенките ништо не разјаснуваат во конечна смисла. Само ја влажат мислата со нови сомнежи. Беше свесна дека мора да пронајде начин за да се одбрани и да ја сочува љубовта и брачната заедница. Но, немаше начин да не сфати дека ја губи пријателката, зошто тешко стекнатите пријатели наместо подолго да траат, се губат.

Се обидуваше со некоја скриена толеранција да му овозможи на својот маж да поверува дека сомнежот кај неа е скротен. Филип беше свесен дека љубомората може само времено да се скроти, никако да исчезне. Заклучи дека единствено решение беше на кратко време да се постигне некаков мир, за потоа да продолжи војната. Ако се промени бојното поле единствено што може да се постигне е да се прераспределат силите и да се прилагоди тактиката на нови услови. Тешка е човекова борба внатре во душата за да се живее на свој начин, а не по диктатот на биолошкото во нас. За да се избориш за среќно решение мора да се посветиш на тоа со сите геометриски прогресии и дигресии на околностите и времето.

Летото беше на прагот. Заврши учебната година. Семејството требаше да го планира летниот одмор како што го правеа тоа секоја година. Филип ја дочека од работа. Со убав предлог кој требаше за кратко време да ги одложи расправиите со жена му.

Јован Дамјановски, Глобалните ѕвезди на небото (Напредок, Тетово)

По средбата со Марина во Окланд, Ламбе се чувствуваше како неговата свест да е под наркоза. Освен љубовта, сѐ друго беше отворено прашање. Како да се визионира иднината кога љубовта е тежок товар? – Уште потешко е што треба да се менува нешто што веќе е утврдено како конечна цел. Неизвесноста го мачеше. Мислите му пелтечеа. „Ако Марина не најде сили да се однесува според моите желби, дали сум подготвен да ѝ простам? – Простувањето е чин и за олеснување од вината. Но, за да очекувам почит, треба да се почитува и спротивната желба. Љубовта тука е само еден флуид, кој се померува од едната на другата страна. Дали е нормално да очекувам да се почитуваат само моите аргументи. Освен времето, таа со ништо не покажува спротивставување за наш заеднички живот. Неизвесноста кај мене е прашање на време. Убрзувам како сите прогнози да ја загрозуваат нашата заедничка иднина... за мене останува да барам смиреност во себе. Неизвесноста е во прашањето дали таа ќе ја поддржи мојата определба за живот во Шведска. Мојот аргумент е Европа, блиску до мојата земја, но, да бидам искрен пред себе, во мислите се надевам и на брат ми Стефан. Потребна ми е поддршка. Значи, се сомневам дека моето его ќе ги издржи сите отворени прашања. Дали Марина конечно ќе ја издржи далечината? – тоа е и прашање дали нашата љубов ќе биде посилна од сите отворени прашања на кои треба да се очекуваат повеќе одговори. Ете, тука можеби сум во предност од неа. За разлика од мене, таа не размислува глобалистички, што значи и не можам да очекувам глобалистички и да се однесува. Ако кажам дека земјата во симболична смисла е сѐ помала, ама припаѓа на целиот човечки род, ќе ми возврати дека филозофски размислувам. Проблемот и за мене е тоа: не сум сигурен дека во најтрезвена состојба и јас не помислувам дека се мачам со филозофски мисли. Да и речев ме мачи мојата носталгија кон родната Македонија, можеби ќе беше полесно да ме сфати. Со Слободан можеби имаме заедничко чувство, балканска носталгија. Затоа ми е полесно да анализирам некој сон, ама во себе, можеби ќе се збунам ако се обидам да објаснам во стварниот живот. Дали не е тоа прашање на мојата ментална структура? – Еве, да речеме да сонувам во таа Шведска? Брат ми Стефан е постар од мене, ама никогаш не разбрав дали сонува како јас. Ако не сонува, зошто сум поинаков од него? – но, за среќа, јавето е тука. Дали се филтрира во соништата, или обратно – соништата се филтрираат во јавето?“ – размислуваше во себе.

Ламбе навикна на такви „токсични“ моменти да побара совет од пријателот Слободан.

- Дали си слободен? – Ми требаш.

- Во токсична состојба си? – дали сонуваш, или во јавето анализираш по одењето на Марина. Имам работа, ама ти си ми поважен. Чекај ме на јахтата. Да пиеме силно турско кафе.

- Ама, ако не си слободен, ќе почекам.

- Е, тука е отровот што ја мачи твојата душа – немаш време смирено и на време да размислуваш, нели така? – Што ќе правиш во Шведска, без мене. Многупати го спомнуваш брат ти, кој можеби не е како нас.

- Електрониката ќе помага да сум во постојан контакт со тебе. Да доаѓам или да те спасам од мене барем утрово?

- А, бе, дојди. Ова со Шведска може да биде и добра идеја.

На прекрасната јахта каде најчесто двајцата пиеја кафе тоа утро беше свежо. Палубата беше исчистена од вредните раце кои работеа на јахтата. Но, за Ламбе свежината доаѓаше од влажноста на воздухот. Тоа го загрозуваше. Како во младоста да боледувал од белите дробови. Понекогаш му се причинуваше како да паузира по неколку секунди со дишењето.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.