Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (29)

11.03.2019 10:45
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (29)

 Николина Андова Шопова, Некој бил тука (Темплум)

 

***

Знаев дека нема да можам да го исконтролирам поривот и дека ќе барам начин и изговор да се шмугнам повторно во станот. Требаше да чекам со денови и недели за повторно да се видиме и тоа ме излудуваше.

Утрото воопшто не се појавив на работа, туку директно отидов таму. Вања ми имаше кажано дека Сопственичката рано излегува од дома и дека се случува да се прибере доцна навечер, но не сакав да ризикувам да одам во некое друго време од денот, зашто така беа поголеми шансите да бидам фатен. Сешто можеше да се случи, можеше ненадејно да се врати дома во текот на работното време, но можноста да го направи тоа рано наутро тукушто замината на работа ми се чинеше помала. Дури и да бев таков баксуз и да ме снајдеше таква несреќа, имав подготвено одговор. Планирав да ѝ кажам дека веќе некое време го барам својот часовник, но не се сеќавам каде сум го оставил. Дека часовникот е подарок од мојата мајка и дека многу ми значи. Дека сум го барал секаде, дома, во автомобилот, на работа, на местата каде што знам дека сум бил, но никаде не сум можел да го најдам, па сум помислил дека можеби сум го извадил и сум го заборавил таму, на некоја од брзите средби со Вања. Дека ми било незгодно да ѝ давам задолженија преку Вања и да ја замолам таа да го бара часовникот низ станот, па сум решил самиот да свратам и да го побарам онаму каде што сум се сомневал дека би можел да биде.

Секако, тоа би била гадна ситуација и бев свесен дека мојот изговор би звучел неубедливо, но не можев да се сетам на друга алтернатива. Во мојата глава глатко се одвиваше срамната сцена, доколку таа навистина се појавеше на вратата, во која јас бев бескрајно културен и љубезен, свесен за непријатноста на ситуацијата и полн со извинувања и учтиви реплики. Таа сигурно и не знаеше дека некој друг освен Вања го има клучот, и сигурно би помислила дека таа ми го позајмила за да влезам.

Вања безрезервно ми веруваше, така што би немал проблем да се оправдам и пред неа користејќи ја, секако, истата причина за моето натрапништво. Ретко носев часовник, но за среќа се имаше случено да носам еднаш-двапати кога се среќавав со Вања во станот. Ми пречеа и ме стегаа часовници на раката, дури и кога ги носев разлабавено, закопчани на некое од последните дупчиња. Самата помисла на тоа дека на раката носев нешто што отчукува време, правеше да ги чувствувам часовниците како оние апарати за мерење пристисок што ти го стискаат месото до болка. Часовникот не беше подарок од мајка ми: го купив од тезга на шеталиште при еден одмор во Грција. Елеонора нè молеше да ја турка количката на Натали, а јас и Ирина одевме зад нив, фатени за рака со испреплетени прсти. Секогаш шетавме така, се пуштавме од раце само кога требаше да ги употребиме за нешто.

Весна Мојсова-Чепишевска и Елена Атанасиу, 101 живот (Матица македонска)


Скопје, Македонија
31.05.2016
22 часот


Драга моја,

Се исплашив кога погледнав колку време поминало. Повеќе од цел месец од моето и повеќе од дваесет дена од твоето пишување.

Голем застој направив. Токму јас. Ама овој период ми беше ептен, ептен турболентен. Крај на семестарот и почеток на сесијата. Всушност, мај ми е исто толку исполнет/зафатен како и декември. Сепак, мај го сакам повеќе, заради пролетта! А згора на сè имаше и многу настани кои ме заплиснаа. Па така во овие триесетина дена имаше од сè, имаше и премногу, имаше и веселби, и матурски, и дипломски, и апсолвентска вечер со најсаканата генерација студенти, и свадба кај еден студент, па уште една свадба кај ќерка на другар на Стево, и некои промоции, па и свирки на Оff fest, како онаа на популарниот француски бенд Сен Жермен (St Germain), или на бразилката Бади Асад (Badi Assad), некој концерт, како оноj по повод патронатот на нашиот Универзитет на кој свиреше големиот Стефан Миленковиќ, и ...Имаше, ама сè беше (преу)баво!

Сигурно си многу разочарана од мене. Ме (с)нема, занемев... снеможив, ми се изгуби писмото... Таман кога ги поставив „филозофските“ прашања до кога ќе трае ова нашево, затаив комплетно!!! Ме нема и во онаа другата комуникација, преку вибер. Успорив како теретен воз, зашто проживеав експресни триесет дена.

Имам чувство дека генерално живееме сè побрзо и побрзо и затоа со возбуда ги чекам малите излети и одмори кои ќе ми ја наполнат душата, како излетот во Маврово кој се случи пред некој ден, поточно пред два дена, во неделата, како и оној во Соње кој го планираме за неколку дена, поточно наредната недела. Тоа се моменти кога се собираме цела фамилија. Па така во куќата на мајка ми и татко ми во Маврово, бевме сите, освен Џоле, зет ми, сопругот на сестра ми Маја, кој дента беше на пат. И за момент балконот од куќата која како на дланка го има целото Мавровско Езеро стана тесен, но облеан со топлина од семејниот џагор. Трпезата преполна, а муабетите преслатки како шумските/дивите јаготки кои ѕиркаат покрај патот. Зашто, покрај моите родители, бевме и јас и Стево и Горазд, но и Сара со Младен и Илина, а и Маја со нејзиниот Марко. А и на оној во недела ќе биде целата фамилија, ќе бидеме сите, само од страната на Стево во куќата на мајка му и татко му во Соње. Па така ќе се исполни дворот со муабети и со смеења од гласовите на мајка му на Стево (татко му ни е во срцето и во муабетите веќе 11 години, таму ни живее), од гласовите на нашето семејство, мојот, на Стево, Горазд, Сара, Младен и Илина, но и со оние на семејството на сестра му Тања, на нејзините Вале, Милан и Ана. И нашите смеења ќе им пркосат на мирисите на узреаните цреши, а разговорите ќе се ладат во дебелата сенка на ореовото дрво.

Со страст ја чекам и летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид! Онаа истата на која се запознавме и ние двете пред пет години, нели?


Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.