Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (8)

12.02.2019 10:25
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (8)

Наташа Димитриевска, Пинокио и вештерката (Или-или)


- Замина - рече Чевларот спокојно. - Не му реков да го донесе мојот алат, ако го најде во некоја од одаите!

- Што ќе ти е алатот кога твојот цар е во некоја друга одаја? За кого ќе правиш обувки? И од што? - го праша Лутко.

- Од вратата - рече чевларот. - Од вратата ќе направам дрвени кломпи и едно чевличе за Пепелашка.

- Таа не е тука - рече Лутко.

- Ако - спокојно продолжи Чевларот - ќе ѝ го облечеме на Снежана. Можеби Пинокио ќе ја пронајде и ќе ја донесе. Можеби Трнорушка ќе се разбуди ако ѝ пасува на стапалото.

- Глупости - се јави Ѕверот. - Тоа не може така.

- Зошто? - праша Чевларот. - Зошто да не може?! Па ние не сме вистински кај нас е сѐ можно.

- Значи тогаш јас ќе го добијам својот лик ако Снежана или Трнорушка се вљубат во мене.

- Да можно е - рече Чевларот. - Само Пинокио треба да ми го донесе алатот. А ти и Жабата да се договорите која од двете убавици во нашата одаја да се вљуби во тебе, а која да ја бакне неа ваква крастава.

- Снежана има свој принц, што има таа да се вљубува во Ѕверот. Види го каков е? И Вештерката ќе се исплаши од него ако го види. Лажга е тоа дека некоја Убавица се вљубила во ваква грдосија - расправаше Лутко.

- Како баш ти од сите седум џуџиња се најде тука со нас? - се јави Жабата.

- Како баш тебе Вештерката те претвори во ваква крастава Жаба? - му возврати Лутко.

- Јас ќе си го вратам мојот лик штом престане магијата, а ти и кога ќе се разбуди Снежата ќе останеш ист. Намуртен. Лош. Никаков, затоа што тој ќе ја бакне неа, а не тебе, кре кре кре... - крекаше Принцот Жаба во обид да се насмее.

- Ај глеј си работа... - рече Лутко. - Јас не ја знам твојата приказна. Ама ич нема логика некоја убава принцеза еве на пример како мојата Снежана да те бакне тебе. Па види каква си крастава, дури и мувите бегаат од тебе.

- Епа како може Снежана да се разбуди од бакнеж ако е мртва, а Жабата не може да стане принц од бакнеж? - се замеша Ѕверот.

- Сѐ зависи кој ќе ја бакне и дали бакнежот е од срце. - рече Чевларот. - Јас ако не внесувам љубов во чевличките што ги правам тие нема да пасуваат ниту на една нога.

- Ајде глупости само зборувате. Снежана не е мртва, само парчето отровно јаболко ѝ е заглавено во грлото.

- Да, да една од верзиите на приказната за Снежана и седумте џуџуиња е дека таа оживеала кога Лутко се спрепнал додека сите џуџиња го носеле стаклениот сандак во кој лежела мртва. И тогаш сандакот се занишал, а отровното залаче ѝ испаднало од грлото, и таа оживеала. А Принцот дошол подоцна - објаснуваше Ѕверот.

- Од каде ја знаеш пак ти приказната за Снежана, кога ти си од друга приказна? - се побуни Лутко. - И не се спрепнав јас, туку Трапавко, ако баш сакаш да знаеш. Тра-пав-коооо....

- Ја знам затоа што сум принц. Сите принцови ја имаат истата улога. Да ги натераат принцезите и убавиците да се заљубат во нив. Ти Лутко си во рангот на слугите и на потчинетите и затоа ништо не разбираш - се разлути Ѕверот.

Лутко се намурти уште повеќе. Ги прекрсти рацете пред себе и седна до Трнорушка. Таа спиеше исто како и Снежана во својата приказна и Лутко се почувствува како да е дома.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.