Нови рокови за одбиените проекти од култура

20.02.2019 01:36
Нови рокови за одбиените проекти од култура

Премиерот Зоран Заев на средба со министерот за култура Асаф Адеми резговарале во врска со резултатите од годинешните конкурски на Министерството за култура, по реакциите и искажаното незадоволство на дел од јавноста, соопшти Министерството за култура.

Од Министерството наведуваат дека на средбата бил усогласен ставот комисиите по дејности да ги преиспитаат одбиените пријави и на субјектите кои доставиле пријави на годинешните конкурси, согласно Законот за општата управна постапка, да им се даде можност да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци.

„Дополнително појаснување на доставената пријава може да се побара само за проектите за кои стручната комисија оценила дека се во функција на развој, афирмација и промоција на културата во Република Северна Македонија и кои имаат предуслови да бидат избрани за проектите од национален интерес во културата за 2019 година“, се вели во соопштението.

Исто така се вели дека министерот Адеми ќе ги покани на состаноци во Министерството за култура сите апликанти кои имале забелешки, за да се дефинираат чекори со кои во иднина би се избегнале недоразбирања или недостатоци при јавните конкурси.