Европа како извор на нестабилност

23.02.2019 02:14
Европа како извор на нестабилност

Европската унија направи војната помеѓу нејзините членки да биде практично незамислива и затоа ѝ се восхитуваме. Тоа не е мал успех за континетнт кој последните две илјади години го поминал во речиси непрекината воена состојба.

Не само што не можеме да замислиме дека вообичаените актери од 19. и 20. век како што се Франција и Германија, повторно да завојуваат, туку истото важи и за помалку познати анимозитети кои периодично доведувале до крвави пресметки: меѓу Полска и Германија, Унгарија и Романија, Грција и Бугарија. Незамислива е можноста Велика Британија и Шпанија да изведат некаква реприза на Фокландско/Малвинска војна заради Гибралтар.

Но внатрешната геополитичка стабилност, барем во последните две децении, не беше проследена со надворешна геополитичка стабилност на границите на унијата. Мнозинството големи членки на ЕУ (Британија, Полска, Италија, Шпанија) учествувале во операцијата на таканареченото ослободување на Ирак, кое произведе околу половина милион жртви, го дестабилизираше Блискиот исток и доведе до создавање на Исис.

Како да не научиле ништо од ова фијаско, Франција и Италија набрзо покренаа уште една акција за промена на режимот, овојпат во Либија. Интервенцијата заврши со анархија, нова граѓанска војна, воспоставување на две спротивствени влади и повеќегодишна блокада на Советот за безбедност, затоа што е јасно дека Кина и Русија во догледна иднина нема да дозволат нова западна воена интервенција.

Војните што се водат долж замислениот лак кој ги поврзува Либија и Авганистан, а во кои учесник беше ЕУ, во значајна мера допринесоа за големото движење на бегалците кое започна пред неколку години и трае до денес. (Како што веќе пишував, главна причина за миграциите е огромната разлика во приходот меѓу Европа, од една страна и Африка и „поширокиот Блиски исток“ од друга страна. Но војните предизвикуваат нагли скокови во приливот на бегалци).

Уште еден пример на предизвикување нестабилност е Украина, каде владата на Виктор Јанукович беше срушена со протести кои личеа на државен удар, а кои ЕУ ги поддржа само заради одложувањето на потпишување на договорот на Украина со ЕУ. Нема сомнение дека некоја алтернативна историја во која договорите меѓу Украина и ЕУ на крајот сепак се потпишани, во која нема војна во источна Украина, а Крим и понатаму е нејзин дел, би била неспоредливо подобро решение од сегашната ситуација која се заканува да прерасне во војна од пошироки размери.

Конечно, да ја разгледаме Турција, која договорот за Европската економска заедница го потпишала уште во 1963 година, што значи дека во ЕУ чекалната поминала повеќе од половина век. Првите години од владеењето ан Реџеп Таип Ердоган беа одбележани со проевропски политики и со желбата да се воспостави „исламска демократија“, според моделот на христијанските демократии во Италија и Германија, како и цивилна контрола над војската. Меѓутоа, сфаќајќи дека заради големината, а веројатно и доминантната религија, Турција никогаш нема да биде признаена како дел од Европа, Ердоган се предомисли и тргна во спротивна насока, а изгледите дека ќе се врати кон своите изворни проевропски ставови се занемарливи.

Бескрајното чекање и растегнување на преговорите за 35-те поглавја кои мора да се усогласат помеѓу земјата кандидат и секоја од 28-те (наскоро можеби 27) држави членки предизвикува фрустрации и на Балканот. Одамна помина времето кога како Грција некоја земја може да стане членка само по неколку месеци преговори (можеби ни толку) и постигнување договор со францускиот претседател Валери Жискар Дестен и германскиот канцелар Хелмут Шмит. Европскиот блеф – зашто всушност ЕУ нема ни стап ни морков – долго криен зад превезот за пристапување, неодамна го раскринка косовското раководство започнувајќи трговска војна со Србија. ЕУ „изразува жалење“, но на тоа никој не обрнува внимание. Не толку одамна, ниту на Косово, ниту на која било балканска држава не би ѝ паднало на памет толку отворено да ѝ пркоси на Европа.

Сето тоа значи дека на Европа ѝ е потребна преосмислена надворешна политика, кога станува збор за односите со соседите. Има назнаки дека таа напредува во таа насока , но тоа го прави бавно и со многу колебање. Прво, потребен е мултилатерален договор со Африка за да се регулира миграцијата од континентот со најнизок приход и најголем пораст на бројот на население. Европјаните мора да вложат многу повеќе, не во конференции, туку во конкретни работи. Наместо да се жалат на кинескиот „Еден појас еден пат“, Европјаните би требало да го имитираат и да вложат пари во стекнувањето пријатели во Африка ако навистина сакаат да воспостават противтежа на кинеското политичко влијание. Сличен збир на проактивни политики потребен е и во рамки на медитеранската иницијатива, додека воените опции во регионот би морале да бидат исклучени, како што веќе е направено внатре во унијата.

Што се однесува до потенцијалните нови членки, како што земјите од Балканот или западните републики на некогашниот Советски сојуз, бескрајните преговори треба да бидат заменети или со понуда за посебен статус на придруженост без ветување за полноправно членство или појасен временски ограничен преговарачки процес кој води до полноправно членство. Двете опции овозможуваат подобро управување со очекувањата и спречуваат наталожување на незаволство и фрустрации.

Најголем предизвик се односите со Турција. ЕУ нема никаков план за Турција по Ердоган; исто така, нема што да ѝ понуди на турската секуларна опозиција, зашто ни самата не е сигурна дали ја сака Турција во Европа, или не. Верувам дека е очигледно дека Турција со својот економски потенцијал и влијанието што го има на Блискиот исток, би била скапоцен економски и стратешки сојузник. Таквата Турција, исто така, поинаку би се однесувала во Сирија и Анадолија затоа што би имала интерес да ги почитува европските правила.

Накратко, ова преиспитување на односите на ЕУ кон соседите упатува на три работи кои треба да се превземат: значајно зголемување на економската помош на Африка, укинување на поддршката на војните и проектите за уривање на режими и, конечно многу појасно дефинирани рокови за преговори за членство.

Извор: Social Europe

 

ОкоБоли главаВицФото