Груевски гради споменици, Бугарија ни го украде транзитот кон Европа

19.06.2013 08:51
Груевски гради споменици, Бугарија ни го украде транзитот кон Европа

Бугарија и Романија во петокот свечено го отворија вториот мост преку нивната заедничка секција од Дунав, која ги спојува градовите Видин на крајниот севрерозапад на Бугарија и Калафат на крајниот југозапад на Романија.

Работите ги вршеше шпанската компанија FCC, а изградбата на мостот траеше 6 години. Цената на мостот изнесува 275 милиони евра и голем дел од средствата беа дадени од Европската унија.

Мостот е долг 1,9 километри; тој е 43 метри над водата, еден е од најдолгите на Дунав и сè на сè четврт во долниот тек на најголемата река на европскиот континент.

Се состои од 4 ленти за патнички транспорт, железничка пруга, два пешачки тротоари и патека за велосипеди.

Заедничка бугарско-романска компанија ќе управува со мостот, преку кој се очекува да поминуваат околу 100.000 возила годишно.

Пред неговата изградба, единствена врска меѓу Романија и Бугарија беше мостот кај Русе 55 километри на исток, кој сега ќе биде реновиран.

Мостот Видин-Калафат мостот дел од Пан-европскиот Коридор 4 , кој оди од Истанбул до Дрезден и се смета за суштински за развој на транспортот во регионот.

Илија Јорданов, кој поседува транспортна компанија со 70 камиони и други превозни средства вели дека поминувањето на мостот ќе го скрати патувањето за 500 километри од Блискиот Исток до Западна Европа.

„Верувам дека мостот ќе ги охрабри и Србија и Македонија да ги намалат патарините“, вели тој за Би-Би-Си.

Досега најкуса рута кон Европа беше преку нашиот стар „дизелски пат“ или Коридорот 10, кој поминува низ Македонија. Но, ако се оди преку овој пат се чека двапати на излез и влез во ЕУ.

Ако се патува од пристаништето Пиреја во Атина се чека на македонско-грчката граница и на српско-унгарската граница. Сега вакво чекање со мостот Видин-Калафат нема да има зашто патот до Европа води само низ земји членки на Унијата и ова значи дека овој мост може да биде причина за одземање на дел од транзитниот сообраќај низ Македонија.

Специјализираната компанија за собирање транспортни податоци „Fanty-G Transport“ веќе направи споредба за километражата и цената на нафтата и патарините што би требало да се платат за еден камион од 20 тони кога тој би патувал од пристаништето Пиреја во Атина до Хамбург во Германија. Еве како изгледаат пресметките:

Рута 1: Грција-Македонија-Србија-Хрватска-Словенија-Австрија-Германија: 2.641 км, цена за камион од 20 тони: 580 евра.

Рута 2: Грција-Бугарија (стариот мост Русе-Георгиу)-Романија-Унгарија-Словачка-Чешката Република-Германија: 3.157 км, цена за камион од 20 тони: 500 евра.

Рута 3: Грција-Бугарија (новиот мост Видин-Калафат)-Романија-Унгарија-Словачка-Чешката Република-Германија: 2.780 км, цена за камион од 20 тони: 460 евра.

Во овие пресметки, сепак, не е наведено времето на чекање, кое нам не ни оди во прилог зашто единствено на нашата рута има излегување и влегување во ЕУ.

Извор: anfas.blogspot.se