Тремосус

01.03.2019 01:29
Тремосус

Тремосус

Најдоброто во врска со Португалија за мене е тоа што е апсолутно прифатливо да почнеш да пиеш вино претпладне. Една чаша пред ручек - зашто човек во текот на работниот ден веројатно стигнува да се изнервира на работа еднаш или повеќепати и потоа треба малку да ја одлабави краватата која стега претерано, да ги тргне мислите од мејлот или телефонскиот повик што го изнервирале или вознемириле. На неколку минути треба да се дистанцираме од сѐ што пред дванаесет часот напладне се обидело да ни го упропасти денот. Тука влетува виното, а за да не се опиете брзо, мора да грицкате, зашто ручекот допрва треба да биде, а со него е дозволена уште една чаша вино. Во амортизирањето на внесениот алкохол прискокнува тремосусот - киселкаста жолта махунарка која личи на пченка, но не дебелее толку, и чија лушпа се вади со забите како кај семките, само многу полесно.

Тремосусот се купува во кој било португалски супермаркет, се продава во мали и големи пакувања и е безобразно евтин. Притоа, може неверојатно да ве усреќи и да ве спаси од прерано пијанство. Ако некој побара да направам реклама за тремосусот, јас изрично би сакала да го рекламирам како „совршенство во грицкањето“: без глутен, киселкасто така што ќе ги помири сладокусците и соленокусците, поволно за дијабетичари и вегетаријанци, а го јадат и португалските трудници ако има недостаток од краставички (ова го измислив, но можам да замислам како португалските трудници успеваат да ги сведат сите свои барања на тремосусот и да не помислат на февруарските лубеници или мартовските вишни). Тремосус грицкаат луѓето кои се откажуваат од пушење, а легендата вели дека умее да го сочува достоинството на бившиот пушач така што му овозможува неколку недели откако ги оставил цигарите да не се разбуди како дебел непушач. Освен тоа, тремосус можете да нарачате навечер во кафуле со пијалок наместо кикирики и во уста да пикнете полна рака, а да не ве гризе совеста. Може да ги грицкате цела вечер и да не размислувате дали ќе ви мириса од устата кога после неколку чаши вино ќе решите да се бакнувате со некого. Тремосусот е пократкиот пат до бакнувањето, а еве и како.

Една госпоѓица, моја пријателка, која заради личната приватност сакаше да остане анонимна, еден ден отишла во музеј настината и мрсулава, но цврсто решена да ја разгледа секоја педа од музејот за културно да се инспирира. На врвот од инспирацијата, пред еден сосема досаден оклоп од некој витез чие име не го запаметила историјата, госпоѓицата кивнала. Еден Португалец рекол „на здравје“ (веројатно рекол „bless you“, но да не ситничариме, ова сепак е љубовна приказна). На таков почеток на една романса не се надевал ама баш никој, иако романсата можеби почнала и малку подоцна: дури кога во приказната се вмешал тремосусот, мирудија во секоја социјална интеракција со Португалците, како во Португалија така и надвор од неа. Госпоѓицата и Португалецот отишле на кафе, се сложиле дека кафето е подобро отколку во градот каде што се сретнале, дека сонцето е потопло во Португалија, дека косата поубаво се превиткува во Португалија зашто воздухот е посолен, дека е позабавно да се следат фудбалски натпревари во Португалија... И кога Португалецот прашал: „А што ти недостасува најмногу од Португалија?“, госпоѓицата рекла нешто толку неочекувано што Португалецот ѝ упатил речиси заљубен поглед: „Оние жолти грицки, како се викаат, не можам да се сетам.“ „Тремосус?“, прашал Португалецот, а госпоѓицата климнала со својата забораена глава, настината и мрсулава, но за Португалецот веќе многу поинтересна отколку пред три секунди. „Дедо ми умееше да посоли цел леген, да седне со пријателите, и јас знаев да се вовлечам, да грицкам тремосус и да ги слушам нивните приказни додека не ме избркаат во кревет“, рекол Португалецот. Постои едно непишано правило: кога некому ќе му го евоцирате детството, речиси сте го смувале. Кивањето по музеи исто така не е вишок - малку е непријатно, но како што велеше дедо ми: „За да се дознае вистината, треба да се слушнат двете ѕвона“. Што е сигурно, сигурно е.

Извор: Vreme