Контраспин: Сулејман Реџепи преку спин стаса до говор на омраза

10.04.2019 00:32
Контраспин: Сулејман Реџепи преку спин стаса до говор на омраза

Не постои народ кој може да се окарактеризира како „дива животиња“. Не постои народ како таков, а да „нема идентитет“ и не постои нешто што би можело да се нарече „бездушен народ“. Стереотипи, навреди и шовинизам. А, до овој говор на омраза Реџепи стигна преку друго извртување на вистината – нема попречување на изградби на џамии, за што зборува нивната бројката од 700

Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи, во говор во с. Арнакија, скопско, по повод удирање темели за возобновување на џамија на 14.03.2019 г., го искажа следниот спин:

Спин: Џамиите да се попречуваат и да не се одоброува нивната изградба, оваа работа нема да ја дозволиме. Никогаш нема да молчиме. Се надеваме со господ напред дека ќе дојдат подобри времиња и секаде имаме народ и места… во село Лажец, битолско каде повеќе од 100 години немаат џамија. Замислете вие каков див народ е овој со кој сме во соживот. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика што ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот не се освестува.

[Извор: Канал 5 тв – Поглаварот на ИВЗ: Македонскиот нардо е див и затоа нема идентитет, датум: 09.04.2019]

Контраспин: Исламскиот верски погавар во РСМ, Сулејман Реџепи – според видеото кое можевме да го прегледаме и кое ги потврдува изречените реченици наведени во другите медиуми, како и во пријавата за говор на омраза на Хелсиншкиот комитет, прави целосно извртување на вистината, т.е. спин.

Точно е дека станува збор и тоа недвосмислено за говор на омраза, но тука ќе го појасниме и спинот од кој произлегува говорот на омраза.

Реџепи најпрво прави генерализација околу изградбата на џамиите во РСМ, тврдејќи дека „џамиите се попречуваат и не се дозволува нивната изградба“.

Потоа, од случај во с. Лажец, за кој нема фактички материјален доказ дека наводно намерно се попречува изградба на џамија, Реџепи вади вулгарни квалификации за цел народ, тврдејќи дека македонскиот народ е „дива животиња кој токму поради тоа немал идентитет и никогаш немало да го има“. Без разлика што тие – Албанците, сакале да им помогнат на Македонците, ама бидејќи овие биле бездушни, тоа било невозможно.

Спинот е очигледен. Не постои народ кој може да се окарактеризира како „дива животиња“. Не постои народ како таков, а да „нема идентитет“ и не постои нешто што би можело да се нарече „бездушен народ“. Стереотипи, навреди и шовинизам. Без оглед за што и да е незадоволен Реџепи, нема право на такво спинување и говор на омраза, до кој доаѓа преку друг спин. Спин – поотврда за тоа дека злоупотребува еден случај.

Имено, Самиот Реџепи неодамна изјави дека во РСМ има 700 џамии. Таа бројка се наоѓа во неговото писмо – закана до Владата на РСМ, наведувајќи дека ако не се решеле проблемите со денационализацијата, како и со с. Лажец, ќе биле принудени ги информираат верниците за долготрајната дискриминација што се вршела врз ИВЗ и верниците во земјата, на што владата одговори.

Според тоа, прашањето е следно – ако се врши диискриминација врз верниците и ИВЗ, како се стигнало до бројката од 700 џамии? Според едно, не така дамнешно истражување објавено од Бирн/Призма, во земјата, од 2004 до 2014 се изградени речиси 350 џамии и минариња и исто толкав број цркви, манастиири, параклиси…

Оттука, не може Реџепи, од случај или два-три, да преувеличува и генерализира и преку чисто извртување на вистината, т.е. спинување, да стигне до говор на омраза. А, говорот на омраза, како што точно забележува Хелсиншкиот комитет, употребен од страна на висок и влијателен верски лидер, е особено опасен и недозволив. Зашто од говорот на омраза до криминал од омраза се стига многу брзо и не особено тешко.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото