Водич за читање во воз, автобус, авион

16.04.2019 01:42
Водич за читање во воз, автобус, авион

Знаеме дека со појавата на железницата се зголемила продажбата на книгите. Зашто покрај разговор и зјапање низ прозорецот, што може друго да прави човек на долго патување освен да чита? Ана Карењина читала во воз кога сфатила дека младиот гроф Вронски толку силно ја привлекува што е подготвена да направи голема животна промена.

Дали е можно возовите, автобусите и авионите навистина да довеле до пораст на книжевната продукција? Извесно е дека превозните средства брзо продреле во световите на писателите. Првата слика што од детството ја памети Вирџинија Вулф е фустанот на нејзината мајка во омнибусот. Откако за малку ќе загинел во железничка несреќа, Дикенс го напишал расказот „The Signalman“, кој важи за еден од најдобрите раскази за духови на сите времиња. „Идиот“ на Достоевски почнува со долга сцена во воз. Исто како и „Кројцеровата соната“ на Толстој. И се разбира, Толстој умрел на железничка станица, додека бегал од својата жена по 48 години поминати во една од најплодните, дисфункционални врски во книжевноста.

Д.Х. Лоренс особено ги сакал зеленитe трамваи, со кои во сабота навечер, рударите од нотингамширските рудници се возеле во град, да се забавуваат. Тие би „нурнале во црниот индустриски предел, а потоа нагоре и надолу по брдото...бодри, полни со себе, зелени како весело гранче магдонос од црната јагленикова градина“. Подоца, тој се вљубил во парабродовите. „И пљус! ќе кажеше морето кога ќе ги пресечевме брановите“, вели во „Море и Сардинија“. „Тоа чудно ритмично плускање и шупливото тропотење на парабродот во морето има наркотично, речиси залудувачко дејство врз човечкиот дух“.

Џовани Верга, кому Лоренс многу му се восхитувал, ја опишува зависта што ја предизвикува возот кај еден италијански селанец во сенката на вулканот Етна. „О, мора да е прекрасно така да се возиш и да задремеш! Како пред него да татнеше парче од градот со неговите улични светилки и блескави излози“. Звукот на татнењето на возот во далечина и клопотарењето на неговите тркала помеѓу стеблата праски, на Ангвила, јунакот на романот „Месец и огнови“ од Чезаре Павезе, му го дава опојното наговестување на слободата „како да сум се напил вино“.

Патувањата на Антонио Табуки повеќе биле меланхолични, отколку ослободувачки. Тмурниот автобус од Мадрас за Мангалор, во доцна ноќ, спаѓа меѓу најдобрите сцени во „Индиско ноктурно“. Зафрлената станица на која патниците чекаат врска за автобусот Мудабири – Каркала е едно од неколкуте места во светот кадешто писателот можел на својот јунак да му пружи прилика за разговор со гротескно деформираното видовито дете.

Не е необично што главните јунаци на „Конформист“ од Алберто Моравија водат љубов во воз, додека во поново време Флер Жеги во „С.С пролетерка“ го опишува своето адолесцентско алтер его, 15 – годишна девојка која на крстарењето по Медитеранот го открива сексот и уште некои други работи. Се разбира, долгите патувања со авион, воз и брод можат да бидат ужасно здодевни („8 часа во воз е тешка судбина“, се жали еден од јунаците во „Бесови“ на Достоевски). Ако немате книга за да го скратите времето, тогаш сексот, убистовто (во Ориент Експерс) и хаосот нужно ќе ја преокупираат или барем ќе ја скокоткаат фантазијата на писателот: ни паѓаат на ум „Човек – ѕвер“ од Емил Зола, „Убиство во Ориент Експрес“ од Агата Кристи, „Воз за Истанбул“ од Греам Грин. Но да се вратиме во прозаичната реалност: додека купеата на италијанската железница уште имаа завеси на вратите, често ми се случуваше да ги вознемирам и посрамотам љубовниците во возот, кој во 21.05 поаѓаше од Милано за Венеција.

А бидејќи нема крај на набројувањата и анегдотите, ќе одам еден чекор понатаму и ќе кажам дека постои длабока врска помеѓу книгите и превозните средства, токму како и очигледната аналогија помеѓу приказните и патувањето. И приказните и патувањата некаде водат, ни нудат исчекор од рутината на секојдневието и прилика за необични средби, нови места и душевни и духовни состојби. Но без претерано голем ризик. Кога летаме над пустината или брзо возиме низ неа, всушност не мора вистински да ја доживееме. Тоа е заобиколна авантура. Исто е и со книгата. Романот може да биде потресен и загадочен или здодевен или неодолив, но малку е веројатно дека ќе нè изложи на реална опасност.

Притоа, патникот којшто се сретнува со туѓинци од различни класи и поднебја мора да стане посвесен за себе и за кршливоста на идентитетот. Колку се менуваме кога разговараме со различни луѓе! Колку се поинакви нашите животи кога се отвораме пред тие луѓе. „Која сум јас?“ се прашува Ана Карењина додека ги набљудува сопатниците во возот за Санкт Петербург. „Јас или некоја друга жена?“.

Токму таквите колебања ги имал на ум Григорие XVI кога во 40 – тите години на 19-от век ја забранил железницата во папските држави. Стравувал дека таа би им овозможила на луѓето, едноставно, со купување на возен билет, да му побегнат на добронамерниот надзор на своите сакани свештеници. Добриот папа се плашел од книгите, па многу од нив и ги забранил. Имено, тајната намера на писателот е да го размрда идентитетот на читателот со опишувањето на промените во животот на своите јунаци – кои многу често патуваат.

Иако некои романи личат на суперсонични летови, а други на клај-клај патувања, сосема сум сигурен дека возот е превозно средство што е најблиску на доживувањето на пишаниот наратив. Во авионот сме заробени на своето седиште и премногу оддалечени од земјата за може да ја доживееме. Во автобус, во голема мера, сме дел од сообраќајот што значи дека зависиме од околностите.

Во возот сме само неколку стапки над земјата, блиску до светот кој поминува покрај нас, а сепак одовоени и заштитени од него; ослободени од одговорноста, но повикани да обрнеме внимание. Зарем не е токму тоа искуството на читање книга? Зарем додека пишува, писателот не го бара токму тој однос кон светот, безбеден во својата соба, а сепак тесно поврзан со своите ликови? Вирџинија Вулф совршено го опишала тоа чувство во краткиот расказ од 1919 година:

„Од брзиот воз ги гледав брдата и полињата и видов човек со срп кој го подигна погледот додека проаѓавме, а љубовниците во длабоката трева зјапаа во мене без да им биде непријатно, како што и јас отворено зјапав во нив, без да ми биде непријатно. Некој товар, некоја препрека беше отстранета.“

Слики: Honoré Daumier

Извор: The New York Review of Books

 

ОкоБоли главаВицФото