Јапонците смислија „антибиблиотека“. Се вика цундоку.

03.01.2023 13:21
Јапонците оваа практика ја нарекуваат цундоку, и таа може да даде трајни придобивки

Умберто Еко

Многу читатели купуваат книги со намера да ги читаат, за на крајот да ги остават да стојат на полицата. Статистичарот Насим Николас Талеб верува дека опкружувањето со непрочитани книги го збогатува нашиот живот бидејќи тие нè потсетуваат на сè што не знаеме. Јапонците оваа практика ја нарекуваат цундоку, и таа може да даде трајни придобивки.

Сакам книги. Ако влезам во книжарница само да ја проверам цената на некоја книга, оттаму излегувам со три книги за кои претходно веројатно не сум ни знаел дека постојат. Купувам книги на старо, колку што ми собира во торбата, на распродажбата на Пријателите на библиотеката, и на на жена ми ѝ објаснувам дека тоа е за добра цел. Дури и мирисот на книгите ме обзема, таа едвај забележлива арома на земја и ванила што се шири наоколу кога ќе вртиш страница.

Проблемот е што мојата навика за купување книги ја надминува мојата способност да ги читам. Ова води до FоMO (страв дека нешто се пропушта) и повремени мачнини кои произлегуваат од чувството на вина поради непрочитаните томови што се прелеваат низ моите полици. Звучи познато?
Но, можно е оваа вина да е целосно погрешна. Според статистичарот Насим Николас Талеб, овие непрочитани томови го претставуваат она што тој го нарекува „антибиблиотека“ и тој верува дека нашите антибиблиотеки не се знаци на интелектуални слабости. Сосема спротивно.

Живеење со антибиблиотека

Талеб го изложи концептот на антибиблиотека во својата бестселер книга: “Црниот лебед: Влијанието на крајно неверојатното”. Тој започнува со дискусија за плодниот автор и научник Умберто Еко, во чија лична библиотека имало неверојатни 30.000 книги.

Кога кај Еко ќе дојдеа посетители, многумина ќе се восхитуваа на големината на неговата библиотека и претпоставуваа дека таа го претставува знаењето на домаќинот - кое, несомнено, беше обемно. Но, неколку итри посетители со голема моќ на запазување ја сфатија вистината: библиотеката на Еко не беше обемна затоа што тој прочитал толку многу; беше обемна затоа што имал желба да прочита многу повеќе.

Еко го потврдува истото. Според некоја негова груба пресметка, открил дека би можел да прочита само околу 25.200 книги доколку читал по една книга дневно, секој ден, на возраст од десет до осумдесет години. „Ситница“, вели тој со жалење, во споредба со милион книги достапни во секоја добра библиотека.

Умберто Еко потпишува книга.
Дел од огромната антибиблиотека на авторот во позадина.


Тргнувајќи од примерот на Еко, Талеб заклучува:

Прочитаните книги се многу помалку вредни од непрочитаните. [Вашата] библиотека треба да содржи исто толку од она што не го знаете, како што се вашите финансиски средства, хипотекарните стапки, а моментално тесниот пазар на недвижности ви дозволува да ги ставите таму. Ќе акумулирате повеќе знаење и повеќе книги како што ќе стареете, а сè поголемиот број на непрочитани книги на полиците ќе ве гледа заканувачки. Навистина, колку повеќе знаете, толку се поголеми редовите на непрочитани книги. Да ја наречеме оваа збирка на непрочитани книги антибиблиотека.

Марија Попова, чиј пост на Brain Pickings прекрасно го сумира аргументот на Талеб, забележува дека нашата тенденција е да ја преценуваме вредноста на она што го знаеме, додека ја потценуваме вредноста на она што не го знаеме. Антибиблиотеката на Талеб ја превртува оваа тенденција наопаку.

Вредноста на антибиблиотеката произлегува од тоа што таа ја предизвикува нашата самопроценка со тоа што обезбедува постојан, континуиран потсетник за сè што не знаеме. Насловите што го покриваат мојот дом ме потсетуваат дека малку или ништо не знам за криптографијата, еволуцијата на пердувите, италијанскиот фолклор, употребата на недозволени дроги во Третиот рајх и што и да е ентомофагија. (Не ми го расипувајте задоволството, сакам да бидам изненаден.)

„Ние имаме тенденција да го третираме нашето знаење како лична сопственост што треба да се заштити и одбрани“, пишува Талеб. „Тоа е украс кој ни овозможува да се издигнеме во рамки на хиерархијата. Така, оваа тенденција да се навреди библиотечниот сензибилитет на Еко со фокусирање на познатото е човечка пристрасност што се протега на нашите ментални операции“.

Овие себства на неистражени идеи нè поттикнуваат да продолжиме да читаме, да продолжиме да учиме и никогаш да не се чувствуваме удобно што знаеме доволно. Џесика Стилман ова сознание го нарекува интелектуална понизност.

Луѓето на кои им недостига оваа интелектуална понизност - оние кои немаат желба да набават нови книги или да ја посетат нивната локална библиотека - може да уживаат чувство на гордост што ја освоиле нивната лична колекција, но таквата библиотека наликува на трофеј поставен на ѕид. Станува „додаток што го подига егото“ само за украсување. Не е жив, растечки ресурс од кој можеме да учиме додека не наполниме 80 години - и, ако имаме среќа, неколку години подоцна.

Домашната библиотека на Умберто Еко во Милано.

 

Цундоку

Го сакам концептот на Талеб, но морам да признаам дека терминот „антибиблиотека“ малку ми е непотполн. За мене, тоа звучи како заплет за заговор во роман на Ден Браун - „Брзо! Мораме да ги запреме Илуминатите пред да ја искористат антибиблиотеката за да ги избришат сите книги што постојат“.

Пишувајќи за Њујорк Тајмс, Кевин Мимс исто така не се грижи за терминот на Талеб. За среќа, неговиот приговор е малку попрактичен: „Навистина не ми се допаѓа терминот на Талеб „антибиблиотека“. Библиотеката е збирка книги, од кои многу остануваат непрочитани долго време. Не гледам како тоа се разликува од антибиблиотека“.

Неговиот претпочитан термин е позајмица од Јапонија: цундоку. Цундоку е јапонски збор за куп(овите) книги што сте ги купиле, но не сте ги прочитале. Неговата морфологија ги комбинира цунде-оку (да се остават работите да се натрупуваат) и дукошо (читање книги).
Зборот настанал кон крајот на 19 век како сатиричен удар на наставниците кои поседувале книги, но не ги читале. Иако тоа е спротивно на поентата на Талеб, денес зборот не носи стигма во јапонската култура. Се разликува и од библиоманијата, што е опсесивно собирање книги за да се направи колекција, а не нивното евентуално читање.

Вредноста на цундоку

Додуша, сигурен сум дека има некој фалбаџија библиоман кој поседува колекција споредлива со мала национална библиотека, но ретко кога отвора корица. И покрај тоа, студиите покажаа дека поседувањето книги и читањето обично одат рака под рака до одличен ефект.

Една таква студија откри дека децата кои пораснале во домови со меѓу 80 и 350 книги покажале подобрени вештини за писменост, математика и информациско - комуникациска технологија како возрасни. Изложеноста на книги, сугерираат истражувачите, ги зајакнува овие когнитивни способности со тоа што читањето го прави дел од животните рутини и практики.

Многу други студии покажаа дека навиките за читање пренесуваат и низа придобивки. Тие сугерираат дека читањето може да го намали стресот, да ги задоволи потребите за социјално поврзување, да ги зајакне социјалните вештини и емпатијата и да поттикне одредени когнитивни вештини. И тоа е само за фикцијата! Читањето не-фикција е во корелација со успехот и високите достигнувања, ни помага подобро да се разбереме себеси и светот и ви дава предност да се истакнете во друштво.
Во својата статија, Џесика Стилман размислува дали антибиблиотеката делува контра на ефектот Данинг-Кругер, когнитивна пристрасност што ги наведува неуките луѓе да претпостават дека нивното знаење или способности ги прават повешти отколку што навистина се.

Бидејќи луѓето не се склони да уживаат во потсетниците на нивното незнаење, нивните непрочитани книги ги туркаат, ако не кон мајсторство, тогаш барем кон постојано проширување на разбирањето на компетентноста.

„Сите тие книги што не сте ги прочитале се навистина знак на вашето незнаење. Но, ако знаете колку сте неуки, вие сте многу понапред од огромното мнозинство на други луѓе“, пишува Стилман.

Без разлика дали го претпочитате терминот антибиблиотека, цундоку или нешто сосема друго, вредноста на непрочитаната книга е нејзината моќ да ве натера да ја прочитате.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: Big Think

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот / Култура
Книжевност / Психологија / Култура / Теорија
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Книжевност / Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото