За смислата на растењето - со учество

30.04.2019 02:29
За смислата на растењето - со учество

Не пораснавме и никако да направиме услови за растење, со учество. А без тоа нема автономија, нема зрелост, а ни способности за донесување здрави и добри одлуки... Нема напред. Се потпираме на слушнат збор, на моментално чувство, на празни верувања и ставови за кои се држиме цврсто како да се вистина. Ако ги напуштиме, се плашиме нема да остане ништо, а можеби ни нас нема да не има. Секоја промена е грч. Постојано сме во штрек-мод. На секое различно мислење активираме одбрана и си заминуваме, во „најбезбедната“ позиција, на пасивна и обесправена жртва. Нашата најдобро научена улога, во основа длабоко губитничка. И неодговорна. Само затоа што не сме пораснале, со учество.

Често деновиве ги спомнуваат младите, како сме им ја уништиле иднината, како масовно си заминуваат, а ние неутешни тагуваме... Никој да каже нешто за тоа, колку не знаеме како да ги пораснеме, па тие самите да носат најдобри одлуки за себе, со кого, како и каде ќе живеат. А не да ги воспитуваме, за сè повеќе да страдаат, а и ние со нив, зашто се непораснати.

Пред повеќе години присустував на одбрана на докторска дисертација која ги истражуваше стадиумите на когнитивниот развој (според Пијаже) кај младите средношколци од Македонија. Од тезата беа изведени интересни заклучоци според кои нашите деца доцнат со когнитивниот развој (со возраста), заглавувајќи во стадиумот на конкретно - оперантно мислење, за сметка на апстрактното резонирање. Овој интересен наод, упатен пред сè кон образовните политики и практики, укажуваше на фактот дека интелектуалниот капацитет не само што не е детерминиран со она што ни е дадено /наследено/, туку дека може и да се унапредува и поттикнува, како што може и да се ограничува и забавува, со условите на живеење и учење.

Две децении потоа, сличен наод добивме со Пиза истражувањето, за високиот степен на функционална неписменост кај нашите средношколци. Токму, формално - оперантното резонирање, според Пијаже, кое користи симболичко - апстрактни поими и сложени операции (со повеќе варијабли) при изведување на претпоставки, засновани на претходни сознанија, е она што им недостасуваше на децата, научени своето знаење да го потпираат на сувопарно меморирање, неповрзано со реални проблем ситуации.

И што правиме сега? Тоа што сме требале да го поттикнуваме континуирано, со образованието и воспитувањето, не сме го правеле никогаш до сега? Што ако никогаш не сме ја достигнале формално-оперантната фаза на когнитивниот развој кај најголем дел од населението?

Имаме безброј примери за тоа, како ги користиме нашите способности на резонирање /мислење/ при донесувањето одлуки во секојдневниот живот, но и во несекојдневни, критични ситуации. Тешко разликуваме базични потреби, како основа на човековиот опстанокот (на пример, за храна, дом, чиста средина, внимание, љубов, признание, квалитетен и достоинствен живот и сл.) од желби и копнежи (да се има, да се биде, да се добие, освои, покаже и сл.) Или, не разликуваме потреби од права, како универзални хумани вредности, за кои се неопходни комплексни и сеопфатни механизми за тие да станат достапни до што поголем број луѓе, и да почнат да се практикуваат, унапредуваат и штитат. И да бидат препознаени и употребени како инструмент на развојот на заедницата, а не само како празни флоскули.

И како, кога немаме развиено „апарат“ за практикување на овие, различни по својата сложеност поими и операции, да се справиме со ситуации каде што се очекува да процениме, анализираме, да направиме приоритети, и да заклучуваме врз основа на истражени состојби, за потоа и да предлагаме решенија /политики/, важни за луѓето и заедницата?

Атмосферата по првиот изборен круг, на пример, покажа потполно непрепознавање, до слепило, за понудата на две, сосема спротивставени опции за избор на претседател, што ретко кога биле толку различни по својата суштина. Едната ретроградна, конзервативна, националистичка и манипулативна, другата отворена, искрена, инклузивна и со јасни пораки, дека одговорноста за иднината, сепак, може да биде и во наши раце.

Во толкување на првиот изборен круг, аналитичарите, како и партиите, заглавија во наводните незадоволства, разочарувања и желбите за казнување и морализирање, што повеќе наликуваше на родителска расправија со прфрлување на одговорноста, по бегството од дома на нивниот бунтовен адолсецент, кој наивно верува дека така ги казнува, додека за возврат добива шамар, или клуч на врата... Заглавени на ниво на конкретни мисловни операции, без автономно исчекорување со анализа на приоритетите, ретко кој покажа способност да го истакне најклучното во дадената ситуација – откажувањето од правото на глас, едно од најтешко извојуваните права, поврзани со правото на изразување и учество.

И факт е дека мнозинството наши гласачи сè уште не се свесни со што точно располагаат кога го игнорираат, или отфрлаат сопственото избирачко право. Зошто, да се бориш против нешто што е неправедно, така што ќе се казниш себе си, откажувајќи се и од тоа што е неприкосновено твое, надевајќи се дека со својата жртва го казнуваш другиот, е не само манипулативно, туку и крајно наивно верување, и за тоа требаше да се зборува многу повеќе. И конечно сè уште не знаеме, дали гласачите навистина сакаа некого да казнат, или реално никогаш немале, и не научиле како да го (ис)користат своето право на учество, за да извојуваат (макар лична) победа?

Недоволно информирани и исклучени, без вистинските алатки за резонирање и заклучување, голем дел од гласачите и натаму „цврсто“ ќе останат на одлуката за (само)откажување од своето право на глас, несвесни дека се откажуваат од учеството во важна заедничка одлука, но и од мноштвото сознанија вградени во идните исходи.

Време е да почнеме да се бавиме со сосема други прашања - со детето, и со човекот, директно, отворено, и со почит. Време е да изградиме вистински услови за учење и учество. Да ги учиме децата од мали, Како (наместо Што) да мислат, да им дозволиме да учествуваат и да создаваат, и да им покажеме Како да се (из)борат и да вложуваат во себе, за да бидат храбри и одважни. Наместо уплашени, и арогантни. Само така нема да ги имаат истите (наши) несигурности и неодговорности. Друго, поважно од тоа, нема.

Колажи: Joseba Elorza