Господар - човекот или компјутерот?

21.10.2010 11:20
Господар - човекот или компјутерот?

Веројатно најведрата дефиниција на сметачите доаѓа од Франција. Таму за т.н. PC или персонален компјутер често велат – ordinateur. Изразот потекнува од латинскиот збор ordinator, што (го) означува она што воспоставува ред. Ех, кога би било така! Повеќе не сме толку сигурни дека компјутерите внесуваат ред во нашите животи. Ниту дека го разубавија. Понекогаш, да, во одредени прилики...

Впрочем, за компјутерите фрлени низ прозорецот, удирани со цврсти предмети и сл. често се пишува во рубриките „Верувале или не“. Бидејќи, понекогаш настапува мигот кога ни се чини дека компјутерот ја „прелеал“ чашата. Тогаш тој страда од раката на корисникот: зашто се закочил, бидејќи е преполн со разни податоци, писма, или дека имаме впечаток дека нè прогонува...

Лоренс Лесиг, професор на угледниот американски универзитет Стенфорд, се наоѓа меѓу првите кои уште во 2004 г. официјално прогласи „поштенски банкрот“. Имено, станува збор за е-поштата. Одереден период, поради презафатеност и патувања, професорот не го проверувал своето е-сандаче, а кога еден ден се приклучил на интернет, имал што да види: илјадници писма на кои не одговорил зашто, се разбира, не ги ни прочитал.

Секако, добар дел од поштата биле разни реклами. Но имало и многу важни писма, лични пораки. Што сторил професорот Лесиг? Во мигови на напад на паника, тој ги избришал сите писма со еден потег. Му било жал, го мачела грижа на совест и подоцна му требале недели за да заздрави од овој настан.

Слични неволји со компјутерите им се случуваат на многумина. Или ги забораваме лозинките, или цркнува матичната плоча, хард дискот... или губиме многу време пред компјутерот. Бидејќи, многу интересни нешта на интернет ни го привлекуваат вниманието, и понекогаш губиме осет за време, па трошиме часови и часови зјапајќи во екраните. А потоа се каеме, сфаќаме што сè сме пропуштиле, и си се лутиме себе си. А посебно на компјутерот! Далеку е тоа од внесување ред во нашите животи.

Работата е во тоа што компјутерот не внесува сам по себе ред во нашите животи, туку тоа треба да го правиме ние самите. Компјутерите само ни го олеснуваат начинот побрзо да завршиме некоја работа или задача, да разгледаме многубројни податоци, но постојано треба да бидеме свесни дека ние сме тие што владеат со ситуацијата, пред сè, со нашето време.

„Кога ќе ги прифатиме компјутерите како лични помошници, нештата ќе се сменат“, пишува Џина Трапани, американски инжинерка, програмерка и блогерка. Во книгата „Подобри си го животот“, која во САД е бестселер, таа прикажува список на различни начини и упатства како компјутерот може да ни го подобри животот, а не да го уништи.

На пример, ако професорот Лесиг ги прочиташе упатствата на Трапани, ќе знаеше дека е-сандачето треба да се празни секој ден. Каде и да се наоѓаме. На ниедно писмо, се вели во книгата, не треба да му се посвети повеќе од една минута за одговор. Значи, треба да ја прочитаме пораката и кратко да одговориме. Писмата кои бараат повеќе време треба да се издвојат во посебна папка.

Исто така, битно е да се научи како на најефикасен начин да се врши пребарувањето преку интернет пребарувачите за кои со сигурност знаеме дека ни даваат точни информации.

Сепак, најважното е нашето чувство за време. Мораме да бидеме свои газди, советува Џина Трапани. Задолжително е секој од нас да има зацртано своевидна временска мапа. Бидејќи, кој ќе отстапи од неа, сигурно ќе падне во најлудото компјутерско ропство. А од тие ланци луѓето тешко се ослободуваат. Тоа е така поради еден едноставен факт – дружејќи се исклучиво со компјутерите, а со луѓето само виртуелно, тие ја губат врската со пријателите. Ние нема да направиме ништо, иако ни се чини дека сè ни е на дофат на дланката. Накратко, нашиот мал компјутер не е ordinateur, туку disordinateur. Оној што внесува неред. Имајте го тоа предвид!

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото