Шест месеци книжевна критика

17.05.2019 11:23
Шест месеци книжевна критика

ШЕСТ МЕСЕЦИ КНИЖЕВНА КРИТИКА

Извештајот од мониторингот на книжевната критика во Северна Македонија е дел од регионалниот мониторинг „Бунтовните критичарки истражуваат: авторките и критичарките - присутни или не?" спроведен во пет земји: Србија, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Истражувањето е реализирано од страна на неформалната група Бунтовни читателки, формирана и раководена од страна на млади книжевни критичарки од регионот, кои главно дејствуваат во пост-југословенското книжевно поле и се занимаваат со современите тенденции во книжевноста и книжевната теорија. Проектот е целосно заснован врз солидарна и волонтерска работа и е независно спроведен, со цел да се направи увид на книжевната сцена од феминистичка перспектива.

Освен што пишуваат критика и книжевни есеи, оваа група на критичарки се занимава и со организирање на работилници и разговори за книжевноста и поп-културата, како и вмрежување и пронаоѓање на други колешки од регионот. Како резултат на една ваква регионална соработка, минатата година во печат излезе зборникот Rat iz dečje perspektive.

Промоција и дискусија по повод објавувањето на резултатите од шестмесечниот мониторинг се одржа на 10 мај 2019 година, во Домот на културата – Студентски град (Domu kulture - Studentski grad), во Белград.

______________________________________

Мониторингот на книжевната критика во Северна Македонија кој траеше од јуни 2018 година до почетокот на 2019 е скромен, но, се надеваме, значаен увид и придонес за книжевната критика на национално, како и на регионално ниво. Создавајќи ја конечната листа на медиуми, нашиот тим, составен од млади книжевни критичарки, теоретичарки, професорки и преведувачки, се соочи со тешкотии поради нередовното печатење и објавување на книжевна критика, како и малиот број на медиуми кои објавуваат текстови поврзани со книжевноста и уметноста воопшто.

Во последниот список во најголем број влегоа онлајн порталите, еден дигитализиран дневен весник, неколку електронски списанија, два печатени магазини за култура, една книга, два зборници и два поткасти односно радио емисии. Изборот на текстови беше дополнително ограничен штом како критериуми ги поставивме редовноста на објавување на книжевна критика, како и нејзината достапност за пошироката публика. Популарноста, култниот карактер или препознатливоста исто така играа улога во донесувањето на конечната одлука.

Меѓутоа, првичниот број на наведени медиуми на почетокот од нашето истражување драстично се намали по откритието дека многу од изворите кои со децении објавувале книжевни осврти и рецензии и неколку кои беа свежи во културата – бавно или пак одненадеж запреле со работа и/или публикување на текстови врзани со уметност во целост. Дневните, неделните и месечните печатени весници, како и многу други електронски медиуми беа отфрлени поради незадоволување на главниот фактор – редовноста. Многу од печатените зборници, магазини или антологии исто така не беа земени предвид поради нивната недостапност, што за жал е последица на други надворешни фактори врзани за финансиските аспекти од нивното издавање. Дополнително, многу од нив честопати се даваат од рака на рака, меѓу познаници, на други промоции на книги и настани, или пак биле географски локално распространети во ограничен број, и оттаму самите изданија но и информациите за нив беа тешко достапни.

Пред почетокот на нашето набљудување планирани беа и Фејсбук профилите на одредени критичар(к)и кои редовно објавуваат книжевни осврти на своите виртуелни „ѕидови“. Сепак, поради неможноста да се пронајдат сите луѓе кои потенцијално пишуваат критички осврти на конкретната платформа и јавната недостапност до веќе избројаните приватни профили, сите беа исклучени од набљудувачкиот процес.

Од општиот попис од целокупната граѓа информации може да се види дека има 62 текстови (критики, есеи, емисии) напишани од страна на жени критичарки и 61 текст (критики, есеи, емисии) напишани од страна на мажи критичари. Заклучно, станува збор за околу триесет критичарки и дваесетина критичари. Земајќи предвид дека еден од авторите пишува поголем број на текстови во истражуваниот период, со тоа што самиот има напишано дури 36 книжевни осврти, со строго следење на податоците, не може да се изведе општ заклучок во врска со продуктивноста врз база на родот. Но, и покрај овој момент, интересно е што постои некаков баланс, макар да е тој изразен само во бројки.

Понатаму, статистиките покажуваат дека 48 од текстовите се посветени на авторки, додека дури 74 од текстовите се посветени на автори. Големата разлика по однос на ова прашање овде не произлегува од тоа во чија сопственост е медиумот, но е загрижувачки сооднос од кој треба да се тргне во понатамошно испитување на заедничката тенденција (и кај мажите и кај жените) да се пишува претежно за мажи-автори, без разлика на тоа дали се од овде, од регионот или од пошироко.

Паралелно, во неформална анкета (спроведена во функција на друго истражување, но која поради сродноста претставува релевантна согледба и во овој текст) во која баравме од интервјуираните млади луѓе да набројат барем три омилени домашни поетеси (и прозаистки), често се соочувавме со негативни одговори од типот дека не знаат и немаат читано ниту една наша поетеса (или прозаистка) или пак дека воопшто не читаат поезија. Ова мало истражување зборува за маргинализираноста на ракописите на жените, особено кога станува збор за поезија, покажувајќи ја реалната загрозеност на женската поезија. Женското писмо во крајна линија е неформално прогласено за непостоечко, и покрај активното и квалитетно творење на веќе втора генерација неправедно игнорирани поетеси. Воочувајќи го овој проблем, значајно е да истакнеме дека нужно е посветување на поголемо внимание на присутноста на жените-авторки, на чие актуелизирање треба да се гледа како на задача за доделување на моќта на зборот, која тие ја заслужуваат.

Уште еден проблем на национално ниво е недостатокот на негативна, објективна или сугестивна критика. Критичар(к)ите речиси никогаш не ги потенцираат недостатоците во книжевните дела, што е особено забележливо онаму каде што има сериозни пропусти во дела на веќе признаени автор/ки кои не би смееле во ниту еден случај да си дозволат одредени сижејни, стилски и јазични пропусти. Најчесто критиките имаат промотивен карактер или длабински ги анализираат дадените дела, без притоа да остават коментари за подобрување кај автор(к)ите. Секако, овој тип на книжевни критики се во поголемиот број случаи насочени кон дела кои им се допаднале на критичар(к)ите, па затоа и ги избрале за предмет. Од друга страна, широко раширен впечаток е дека поради малата книжевна средина, пријателските и познаничките односи претставуваат фактор на ризик за објективноста на критиките. Се надеваме, овој текст ќе помогне во увидување и дискусија токму на овие проблеми и ќе поттикне практикување на поостра критика со која авторите ќе станат подобри автори, а критичарите подобри критичари во име на општата книжевна благосостојба и творечка атмосфера.

Во однос, пак, на присутноста на есеите и интервјуата во одбраните медиуми, не го бележевме родот на автор(к)ите за кои се пишува штом увидовме дека во повеќето од нив стануваше збор за анализи кои опфаќаа повеќе автор(к)и, цели опуси или беа компаративни анализи и општи книжевни манифести.

 


Земајќи предвид дека се работи за мала книжевна сцена, бројот на релевантни извори не нѐ изненади сосем. Она што нѐ затече неподготвени беше конечниот резултат од мониторингот од кој може да се детектираат родовиот небаланс и необјективната критика. Освен тоа, се појави уште еден клучен фактор, старосната граница, која гледано од сегашна перспектива, би била значајна да се вклучи во некое идно слично истражување. Нашето видување во врска со ова е дека станува збор за појава на општа неприсутност на младите критичар(к)и на македонската културна сцена. Ова истражување не ги опфати причините за таквата состојба. Можни причини се пристапноста до веќе споменатите медиуми, страв и срам при објавување на книжевна критика или степенот на заинтересираност на младите да пишуваат. Како и да е, генералната присутност на повозрасните книжевните критичар(к)и треба да биде поттик за поголем ангажман од страна на веќе признаените имиња од културата да ги мотивираат младите критичар(к)и да бидат активни на ова поле, како и причина повеќе тие самите да најдат различни креативни решенија да продрат во светот на уметноста како критичар(к)и. Како и да се постапи, треба да се има на ум дека сите се стремиме кон истата цел - да ја зачуваме и издигнеме професијата (книжевен) критичар до општествениот статус кој го заслужува и да ги потсетиме оние кои поседуваат средства и моќ дека критичарот не треба да е само почитуван, туку и платен за своето знаење и авторитет од кои зависи просперитетот на целокупната уметничка заедница.

Во текот на нашите разговори околу мониторингот стана збор и за потребата од критика на книжевниот превод како дел од книжевната критика воопшто. Сметаме дека покрај тоа што во нашата држава многу често се преведува книжевност од странски јазици и со тоа се збогатува фондот на литература достапна на македонски јазик, потребно е критичко око што ќе го процени нејзиниот квалитет. Важно е да се знае по кои критериуми се избира што е вредно да се преведе, кој и колку преведува, како и какви книжевни врски се создаваат меѓу авторите и преведувачите. Некое идно истражување што би додало на нашите сознанија за рецепцијата на книжевноста кај нас би можело да се сосредоточи токму на обемот на продукцијата на преводи и постоењето на филтри во однос на нивниот квалитет. Притоа, би можело да се оствари соработка со плодни македонски книжевни преведувачи или со организации на преведувачи.

Како практично решение за ниската критичка продуктивност, го предлагаме и отворањето на конкурси за најдобри критики во рамките на веќе постоечките фестивали, манифестации, награди, па дури и промоции на новоиздадени и преведени дела. Како близок пример би го навеле фестивалот за европски филм Cinedays, кој има воведено посебна програма за пријавување на филмски критичари кои ќе го проследат фестивалот, ќе пишуваат за прикажаните филмовите, и со тоа ќе се натпреваруваат во посебна категорија наменета за најдобра филмска критика. Имено, овде станува збор за награден конкурс на кој има солиден одзив и кој веќе прераснува во традиција. Преземајќи ја оваа пракса и во книжевната критика би постигнале поголема критичка активност и покриеност на домашната книжевност, но и на сите новитети во уметноста.

Во Македонија останува неискористен и потенцијалот на алтернативните платформи. Иако постојат неколку книжевни блогови, блогерите ретко пишуваат книжевна критика и главно споделуваат преводи/адаптации од статии објавени на англиски, како и препораки за книги со краток опис и мислење, поезија, настани и слично. Со правилен поттик и стратегија платформите како WordPress, YouTube, Instagram и Tumblr можат да ја демократизираат книжевната критика внесувајќи млади критичари и читатели на сцената кои така поставени, надвор од традиционалните медиуми и тесните книжевни кругови, ќе имаат повеќе простор за искрена критика.

Дополнително, кај нас има една, во споредба со останатите земји кои влегоа во рамки на истражувањето, нетипична појава. Книжевната критика се објавува и во формат на книги и тоа станува сѐ попопуларна форма на објавување критики. Автор(к)ите, понекогаш не ги објавуваат редовно (периодично) книжевните критики, туку чекаат да се соберат за да ги објават како целина. Во друга варијанта тие ги собираат своите критики од различните извори каде биле првично објавени (некогаш и во период од цела декада) и ги реобјавуваат во друг, современ контекст. Тоа може да ја објасни критичката суша во одредени периоди, но и повремената огромна продуктивност по лице (како во случајот со авторот кој сам има објавено 36 критички осврти) во истражуваниот период. Во останатите земји во регионот ова е главно непозната и неискористена пракса. Некогаш се печатат критики заедно со новообјавените книги, било да се тие поезија или проза. Рецензијата стои како еден вид „поговор“ во книгата. Имаме и критички поговори во книгите со собрани критики на авторот/авторката, кои зборуваат за методологијата и стилот на изразување на истоимениот/истоимената критичар/ка, така што нашата критичка сцена доживува и едно мета-критичко ниво. За жал, овие книги не влегоа во избраниот временски период за мониторинг, иако за потенцирање и пофалба е што меѓу нив сретнавме критички текстови без промотивен карактер.

Конечно, во новата година, по завршувањето на нашиот мониторинг, се случија две нешта кои не се директно врзани за книжевната критика, но зборуваат за јавувањето на една пријатна појава по однос на родовите аспекти во книжевноста. Романот „Некој бил тука“ на македонската авторка Николина Андова-Шопова ја доби годинешната литературна награда Роман на годината, а романската поетеса Ана Бландијана е лауреатката и добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата годинава. И, иако изгледа дека овие случувања не се толку значајни во поширок контекст, зборуваат за едно гласно поставување на жените на радарот на критичарите преку двете, можеби и најзначајни манифестации во земјата, кои исто така се надеваме ќе ве поттикнат, вас, читателите и професионалците, да обрнете повеќе внимание кога избирате кого читате и за кого пишувате.

„Предниот дел од јазикот кренете го кон тврдото непце, а врвот свиткајте го кон долните заби. Страните од јазикот нека ги притиснат горните катници. Пуштете шум! Шшшш.“ (Бушава азбука, „Ш“)

 


Логистички тим на мониторингот:
Мања Величковска, Мартина Јанеска, Фросина Крушкаровска,
Марија Гегоска, Марта Стефановска, Викторија Блажеска и Ајнур Касо

 


Истражувањето во pdf можете да го симнете на линкот.
Повеќе информации за работата и интересите на Бунтовните читателки можете да најдете на веб страницата Bookvica, а резултатите од набљудувачките процеси во останатите земји може да ги проследите на следниве линкови:

Мониторинг на книжевна критика во Црна Гора
Мониторинг на книжевна критика во Србија
Мониторинг на книжевна критика во Босна и Херцеговина
Мониторинг на книжевна критика во Словенија

ОкоБоли главаВицФото