Стоп за малите хидроцентрали

22.05.2019 12:05
Стоп за малите хидроцентрали

„Стоп за малите хидроцентрали“ е испишано со камења на брегот на реката Радика, во близина на селото Присојница. Се работи за уметничко дело со кое се укажува на сè почестото уништување на планинските реки и водотеци со изградбата на мали хидроцентрали кои исклучително негативно влијаат врз целиот жив свет а особено врз ихтиофауната и крупните цицачи.

Акцијата и ланд арт делото е на ликовниот уметник Адем Сулејманоски кој живее и работи во селото Ростуше, во срцето на националниот парк Маврово кој исто така е под закана од издавање концесии за малии хидроцентрали.

„Речната пастрмка, балканскиот рис, слатководните школки и ракови се само неколку од многуте загрозени видови во земјава на кои им се заканува исчезнување поради стратегиската определба по секоја цена да се искористи хидропотенцијалот на реките за производство на струја од мали хидроелектрани дури и во заштитени национални паркови“, вели тој.

Со оваа акција авторот предупредува за проблемот со малите централи и алармира дека при издавањето на концесиите не се внимава на заштита на загрозените видови и воопшто на биодиверзитетот. На овој начин авторот со својот уметнички печат едновремено сака и да ја поддржи борбата на еколозите за зачувување на биодиверзитетот и одржливата животна средина.

Уметничката инсталација „Стоп за малите хидроцентрали“ е дел од серијата ленд артови со еколошка тематика кои авторот ги работи оваа пролет. Изработката на делото е финансиски поддржана од Фондацијата отворено општество Македонија

 

ОкоБоли главаВицФото