Почнува КРИК - Фестивал за критичка култура

17.06.2019 13:23
Почнува КРИК - Фестивал за критичка култура

Почнува четвртото издание на КРИК – Фестивал за критичка култура, кој го организира Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики.

Од 18 до 22 јуни ќе се одржи првиот дел од четвртото издание на Фестивалот, годинава со тема „Човек без својства – политики на маргините“, кое ќе ги спои различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обиде критички да ги истражи и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

Фестивалот свечено ќе биде отворен во среда (19 јуни) со почеток во 19, 30 часот, во Националната галерија, Чифте амам со предавањето на Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот Конкордија во Монтреал Канада. Претходно, како бонус содржина утре (вторник, 18 јуни) во кафе – кино Котур, во рамки на програмата „Критичко читање низ филмови“, чиј селектор е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат, во 19, 30 часот ќе биде прикажан филмот „Јас бев дома, но“ (2019) во режија на Ангела Шанилек.

Меѓу гостите на првиот дел од Фестивалот се и Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија и други.

„Секогаш постои нешто сенишно во тоа да се живее постојано во добро-уредена држава. Не може да се излезе на улица или да се испие чаша вода или да се влезе во трамвај, без да се допре балансираниот лост на гигантскиот апаратус на законите и взаемните односи, поставувајќи ги во движење или дозволувајќи им да ве одржуваат во мирно постоење; тешко дека некој може да ги спознае ваквите лостови, кои досегаат во длабочините на нештата и, провирајќи се од другата страна, се губат себеси во мрежата чија структура не била разоткриена никогаш од никого. Значи се порекнува нивното постоење, исто како што просечниот граѓанин го порекнува воздухот, тврдејќи дека станува збор за празен простор. Но, сите овие нешта кои се порекнуваат, овие безбојни, безмирисни, безвкусни, бестежински и морално неодредливи нешта, какви што се водата, воздухот, просторот, парите и времето што одминува, за право на вистината, се покажаа како најважни од сите, а токму тоа му дава на животот застрашувачко својство.“
Роберт Музил, „Човек без својства“

Оваа година „КРИК - фестивал за критичка култура“ ќе се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното. Токму затоа, ве повикуваме низ овој прв дел на КРИК да бидеме заедно и отворено да разговараме за сите можни патеки низ кои би сакале да го движиме нашето тело како стратегија на отпор.

КРИК 04, со темата „Човек без својства – политики на маргините“ ќе биде посветен на разговор, критичко промислување и анализа на политичкиот, економскиот и, пред сѐ уметничкиот синдром кој го живееме, а тоа е синдромот на човекот без својства кој е во постојана залудна потрага по изгубеното време.

Сведочиме на исчезнување на сите аксиолошки вертикали, на обезвреднетост на идеолошките и политичките наративи, кои наместо да создаваат простор за напредок во новите формати на заедници, сосема спротивно, го обесвојствуваат човекот дополнително.

Човекот без својства е човек на неприпаѓање, своевиден анархист, кој е во постојана потрага по методологијата со која практиките на неприпаѓање ќе ги вообличи во еманципаторски процеси. Бидејќи практиките на неприпаѓање водат во еманципација. Тој се обврзува кон процесите и кон изнаоѓање на вертикали на содржината преку која ќе го артикулира отпорот. Човекот без својства е во постоја напрегнатост за повторното изнаоѓање на инаквите простори на политичкото.

Во таа потрага по загубените својства и по наметнатите заедници, она што е е клучно е отсуството на стабилноста. Уметникот, граѓанинот, политичарот ќе мораат да прифатат – стабилност не постои. Постои непрекинато создавање на критички перспективи, кои се единствениот начин да се артикулира слободата во концентрични кругови на единството на различностите. Ние кои сакаме да раскрстиме со историјата на угнетувачките и понижувачките модели на припаѓање, копнеејќи по недопрените полиња на новите потенцијали на политичката имагинација, мора да ја присвоиме токму неа, нашата позиција на талкачи – позиција на постојано разликување од познатите својства на сегашните општествени, културни и политички коњуктури. Да се биде без својства значи можност да се мисли суштински новата политика, која не е посредувана од својствата на „овој свет“ и која постојано се обидува да се преобмисли и пресоздаде себеси на самите маргини и, преку тоа, да генерира уште повеќе можности за бегство од кој било збир на својства, кои се обидуваат да се воспостават како авторитет во однос на мислата и животот.

Човекот без својства се обидува низ лавиринтите на загубените комуникациски вредности, на отсуството на заедниците кои обезбедуваат креативно проникнување во светот на другоста, отсуството на заедниците кои се емпатични и солидарни, да ги пронајде местата во кои ќе ја редефинира политичката ентропија, која ризоматски се шири и го заробува субјектот и светот.
Во деградацијата на јазикот, на мислењето, на знаењето, се случува состојба во која сме заробени од вителот на изгубените идеи и идеологии. Первертираните идеолошки системи, го растопуваат мислењето и капацитетот за стекнување, практикување и употреба на критичкиот дијалектички апаратус. Оттаму, социо-културниот простор е во вакуумот на отсуството на политичките, сензибилните, естетските својства кои ќе му обезбедат на човекот временска и просторна социо-културна вкотвеност.

Во атмосфера каде што медиокритетството е медиумски востоличено како ултимативен вредносен критериум, каде што историско-политичкиот ревизионизам, олицетворен во новите наличја на фашизмите, е фаворизиран, каде што антагонизмот кон другиот и поинаквиот е мерка за патриотизам, и доминација на една група во однос на друга, просторот за интелектуален, креативен отпор во однос на пост-национализмите и на новите фашизми (и леви и десни) на капиталот и криминалот се минимални и ризични. Но, сепак, без разлика на лошите услови за организирање и манифестирање на отпорот, тој мора да постои и да егзистира.

КРИК 04 ќе се обиде да ги спои различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обидеме критички да ги истражиме и презентираме алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

Искра Гешоска и Артан Садику

ПРОГРАМА
18 Јуни (вторник, локација: Котур)
19:30
- КРИТИЧКО ЧИТАЊЕ НИЗ ФИЛМОВИ
(Селекција на Петар Милат)
Ich war zuhause, aber (Јас бев дома, но) [2019]
Режија: Ангела Шанилек
Времертаење: 105 мин

19 Јуни (среда, Чифте Амам)
19:00 – 20:30

Нејтан Браун, Канада: „Празнината, темнината и соголеноста: засновани врз детерминантите во Цвеќињата на злото“ - предавање
20:30 – 21:30
Арон Шустер, Холандија: „Театарот на мртвите на Жене“ – предавање

20 Јуни (четврток, Чифте Амам)
16:30 – 18:30

Нејтан Браун, Канада: „Естетичко образование наназад: политички ќорсокаци на сегашноста“ - семинар
20:00 – 21:00
Артан Садику, Македонија: „Илјада маргини“ - предавање

21 Јуни (петок, КОТУР)
19:30
- КРИТИЧКО ЧИТАЊЕ НИЗ ФИЛМОВИ
(Селекција на Петар Милат)
Segunda Vez (Втор пат) [2018]
Режија: Дора Гарсија
Времетраење: 94 мин.

22 Јуни (сабота, Чифте амам)
19:30 – 20:00

Лина Гонан, Хрватска: „Геј нормалност и анти-инклузивистичка квир мисла“ - предавање
20:00 – 21:00
Станимир Панајотов, Бугарија: „Резервна армија на смртта“ - предавање

 

Погледнете ја брошурата на македонски јазик и на англиски јазик или превземете пдф на следните линкови МК верзија и АНГ верзија

*********************************

КРИК - Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).


Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 - 2020, Град Скопје.

Логистички партнери на фестивалот се: Национална Галерија на Македонија (http://nationalgallery.mk/), КОТУР (https://www.facebook.com/KoturKafeiFilm/) и порталот окно.мк (https://okno.mk/)

Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад.

ОкоБоли главаВицФото