Нејтан Браун и Арон Шустер вечерва гостуваат на КРИК

19.06.2019 13:01
Нејтан Браун и Арон Шустер од САД вечерва гостуваат на КРИК – фестивал за критичка култура

Вечерва во 19 часот во Националната галерија, објект Чифте амам со свеченото отворање и две предавања почнува првиот дел од годинешното четврто издание на КРИК – фестивал за критичка култура.

Првото предавањето на тема: „Празнината темнината и соголеноста: засновани врз детерминантите во Цвеќињата на злото“ ќе го одржи Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот Конкордија во Монтреал Канада.

Во своите истражувања тој ги опфаќа хуманистичките и епистемолошките области: поезија и поетика, модерна и современа филозофија, книжевност на 20 и 21 век, марксистичка теорија, наука и студии на технологијата. Творештвото на Браун се фокусира на современата уметничка и филмска теорија. Неговото исражување се темели врз материјалистичкиот пристап кон уметноста, филозофијата и политиката. Неговата прва книга „Лимитите на фабрикувањето: материјалистичка наука и материјалистичка поетика“, објавена е од Фордхам, во 2017 година. Заедно со Петар Милат, тој е координатор на тековната серија на симпозиуми поднаслов „Коњуктури: филозофија, политика и естетика на 21-от век“.

Веднаш потоа, американскиот писател и филозоф кој живее во Амстрдам, Арон Шустер ќе го одржи предавањето „Театарот на мртвите на Жене“. Театарот на Жан Жене е еден од највеличествените политички театри на дваесетиот век, иако тој самиот ги нарекува своите претстави „имплицитно политички“ и често јасно и прецизно го одредува нивното политичко значење.

Во ова предавање Арон Шустeр ќе зборува за појавата на „осамениот“ и „фаталниот“ политички субјективитет, кој е обработен во драмите на Жене (фокусирајќи се на Слугинки и Балкон), преку две различни насоки на истражување. Прво, преку истражување на темата на смртта, веројатно главниот предмет во сите дела на Жене, разликувајќи три вида смрт, кои тој ги поврзува со 19 уметничкото дело (надоврзувајќи се на трите временски состојби содржани во иднината, минатото и сегашноста).

Второ, преку невообичаената споредба на Жене со Кафка на тема законите и правото.

Инаку, синоќа во пријатната атмосфера на кафе – кино Котур се одржа проекцијата на првиот филм од програмата „Критичко читање низ филмови“, која ја селектира Петар Милат од Хрватска. Станува збор за добитникот на Сребрена мечка на фестивалот во Берлин „Јас бев дома, но“, во режија на Ангела Шанилек.

„За КРИК селектирав остварувања кои носат вистински предзнак на „art house“ филмови, кои ќе останат со вас долго време отакако ќе ги изгледате за да одложено размислувате за нив“, рече Милат пред проекцијата.

Утре, 20 јуни, Артан Садику, истражувач, теоретичар и активист од Скопје ќе одржи предавање на тема „Илјада маргини“.

Годинава, темата на КРИК е „Човек без својства – политики на маргините“, што ги спојува различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обиде критички да ги истражи и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

КРИК - Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 - 2020, Град Скопје.
Логистички партнери на фестивалот се: Национална Галерија на Македонија (http://nationalgallery.mk/), КОТУР (https://www.facebook.com/KoturKafeiFilm/) и порталот окно.мк (https://okno.mk/)Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад.

Фотографии: Лени вон Гелева

Дизајн на КРИК: КОМА