(Многу е тажно сето тоа...)

18.06.2019 10:24

Многу е тажно сето тоа.
И само понекогаш ќе се запали
понекое светло во мракот.
Дали ме гледаш? Дали ме слушаш?
Кој е тој што гледа? Кој е тој што слуша?
Ноќта се спушта на градот
како мрачен молк.
Многу е тивок нашиот град
деновиве.
Само мирис на липи
се шири по улиците
како невидлив телеграф.
Придушен дамар во слепоочниците.
Светла во човечките мравјалници.
Слепи светларници.
Се развлекуваат преку покривите детските сништа
полни млеко и приспивни песнички.
Меките мачкини шепи на лимот
никого нема да разбудат.
Младата мајска ноќ
се спушта на младиот коријандер
во саксијата, на терасата.
Созрева тајна
во зрно грашок.
Само понекогаш ќе се запали
понекоја ѕвезда во Големата Кола.
Дали ме гледаш? Дали ме слушаш?
По небото се шири молк
и болно удира
во ушната школка.

Превод: Ѓоко Здравески

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото