Доминантните вредности не се одраз на спонтаните уверувања на мнозинството

26.06.2019 00:32
Доминантните вредности во општеството не се одраз на спонтаните уверувања на мнозинството

Јелена Василиевиќ е научна соработничка на Институтот за филозофија и општествена теорија, каде е и членка на Групата за студии за ангажираност. Докторирала на Одделението за етнологија и антропологија на Филозофскиот факултет во Белград. Академското упориште ѝ е во политичката и правната антропологија, како и во студиите по граѓанство. Во досегашните истражувања се занимавала со политиките на граѓанството и државјанството во земјите на поранешна Југославија, дебатите за културата и правото, политиките на сеќавањето и паметењето, и истражувањето на медиумските наративи во контекст на распадот на Југославија во деведесеттите. Во моментов најмногу се интересира за темите на политичката солидарност, активистичкото граѓанство и општествените движења на Балканот, како и за проблемот на теоретското помирување на поимите солидарност и граѓанство. Работела како истражувачка и стипендистка на Универзитетот во Единбург и на Универзитетот во Грац. Авторка е на монографијата Антропологија на граѓанството (Медитеран и ИФДТ, 2016).

Јелена, на панелот во Бања Лука многу се зборуваше за културата на сеќавањето. Колку таа е важна за нашиот простор и колку таа воопшто се негува?

Културата на сеќавањето, барем според доминантното разбирање во општествените и хуманистичките науки, не е нешто што самото по себе е добро или лошо, туку едноставно означува разни мнемонички и меморијални практики кои нужно постојат во секое општество и со кои се плете идентитетскиот наратив за колективниот идентитет и траењето низ времето. Во таа смисла, каде што постои општество нужно постои и негова култура на сеќавањето. Но, секако, треба да се постави прашањето каква култура на сеќавање негуваме денес во нашите општества, кои вредности притоа ги нагласуваме (а што забораваме) и кои наративи се легитимираат притоа - зашто секоја култура на сеќавање нужно ја има и таа легитимациска и впрочем идеолошка функција. За жал, на нашите простори доминираат културни практики со кои се легитимираат националистичките наративи и интересите на владејачките етно-елити. Затоа е многу важно да се развива она што Тодор Куљиќ го нарекува критичка култура на сеќавањето која е во состојба да го демистифицира селективното памтење и организираниот заборав.

Колку личното сеќавање е (не)одвоиво од колективното, она кое е доминантно во едно општество?

Понекогаш личното може да биде контра официјалната култура на сеќавањето - на пример, кога поединци инсистираат на убавите спомени од социјализмот иако официјалниот наратив се обидува да ги увери дека тогаш сме живееле во тоталитарно општество итн. Но, нашите лични сеќавања секогаш се и групни, односно поделени во рамки на некоја заедница; сеќавањата и спомените се сведоштво за нашиот идентитет, „потврда“ дека сме постоеле, дека траеме низ времето, и како такво сведошто тие имаат смисла само ако можат да бидат искажани преку наративи, раскажани од други и сфатени од страна на другите. Значи, тие имаат смисла само ако се изразат во соодветен јазично-културен код. Таа идентитетска функција на сеќавањето, како и нивната нужно наративна природа, ни зборуваат за интринсично општествениот карактер на самиот феномен на сеќавањето и нарацијата за минатото.

Кој е вистинскиот начин за соочување со минатото?

Многу е тешко да се одговори на ова прашање. Би било премногу лесно, но се плашам и бесмислено ако одговорам на следниот начин, со благородни побуди: дека треба објективно да се согледа болното минато, да се сослушаат другите, дека треба да се прости, адекватно да се казнат докажаните злосторства од минатото, да се изградат заеднички наративи заради довербата во подобра иднина итн. Минатото е неверојатен легитимациски извор за политичките елити, но и за секој идеолошки наратив кој претендира да се наметне во општеството. Да се контролира тој извор значи да се контролираат доминантните претстави во општеството, да се биде во позиција од која е можно да се управува и со идните движења во општеството. Илузија е да се мисли дека е можно да се изгради стабилна и долготрајна наративна рамка за соочување со минатото, надвор од сферата на политиката и идеологијата. Доколку имаме цел да изградиме одговорна и неисклучувачка политика на соочување со минатото, која би била и во функција на мирот и заедничкиот просперитет, треба да се разбере дека во тој процес мораат да бидат вклучени и политичките институции, односно својата работа мора да ја разбереме како политичка, а не само општествена во потесна смисла на зборот.

Што значи солидарност, односно колку сме солидарни или под влијание на забрзаноста на животот ја изгубивме таа црта на емпатичност?

Солидарноста не иста со емпатијата. Солидарноста во себе носи и политичка димензија на залагање за еднаквост. За солидарноста не е доволно јас да разберам и да сочувствувам со другите или дури да правам добри дела во вид на филантропија или милосрдие. Солидарниот чин на пружање помош или откажување од сопствените привилегии (од солидарност со другите) подразбира и одредена вредносна рамка која наложува дека сите заслужуваме исти права и дека општествените привилегии не се праведни. Покрај тоа, најчесто тоа не сум само „јас“, туку „ние“ кои сме солидарни, во „себеси“ и едни со други, зашто и идејата за заедница и заедништво исто така е важна за солидарноста. Толку слабеењето на идејата за заедништво, како заедница на реална упатеност едни на други, доведе до тоа „да немаме време“ да бидеме солидарни, зашто мораме да се грижиме за себеси во ова сѐ позагрозувачко општествено опкружување.

Посматрајќи го нашето општество или нашите општества колку воопшто е можно да се биде солидарен?

Сега ќе си противречам на себеси од претходниот одговор. Но, впрочем се работи за комплексност на хаотичноста на времето во кое живееме. Од една страна, токму во нашите општества понекогаш сме принудени да бидеме солидарни, зашто нема никаква друга (институционална) помош или таа е недоволна: да се сетиме на поплавата од 2014 година, лекувањето на децата преку СМС пораки, волонтерската помош за бегалците и мигрантите... Сето тоа се примери на самоорганизирање или солидарно помагање во ситуации кога институционалната поддршка изостанува или доцни, и солидарноста се наметнува како единствена рамка за помош. Од друга страна, во некои други секојдневни ситуации, толку сме преокупирани со преживувањето што не стигнуваме да мислиме на другите и затапуваме за нивинте проблеми и нивното страдање. Тоа се парадокси во општествата во кои институционалната солидарност (некогаш олицетворена во социјалните системи на државата на благосостојбата) исчезнува, и се појавува она што го нарекувам „реактивна“ или ситуациона солидарност. Помеѓу овие два пола - реактивната солидарност и тоталното изостанување на каква било солидарност - расте просторот за градење политичка солидарност: за политички освестена потреба дека солидарноста не треба да биде ад хок меѓусебна помош, туку дека мора да биде вградена во институциите на општествата во кои живееме.

На нашите простори национализмот уште од деведесеттите ги разорува сите слоеви на општеството, се поставува како основна линија за поделба на ние и тие. Дали денес сме свесни што ни направи национализмот?

За жал денес доаѓаат и генерации кои не беа сведоци на појавувањето и конечната победа на таквиот националистички дискрус, туку растат во закрилата на неговата целосна доминација. Па сепак, простор за отпор секако дека има секогаш. Мислам дека доминантните вредности во општеството не се одраз на спонтаните уверувања на мнозинството, туку дека се ефект на политиките и дискурсите на оние кои имаат моќ и кои најуспешно ги наметнуваат своите интереси во јавниот простор и говорот. Во таа смисла, не е важно колкумина од нас, во бројки, му се спротивставуваат на национализмот, туку што (политички) ќе направиме со тие уверувања и на кои места, во јавноста, ќе ги застапуваме.

Кога зборуваме за национализмот тука секогаш во тесна врска е религијата. Како гледате на тој однос на религијата и политиката кај нас?

Религијата, поточно многу верски официјални лица, за жал значително придонесоа за дивеењето на национализмот во деведесеттите години на минатиот век, а многумина од нив придонесуваат и денес. Меѓутоа, не смееме да го губиме од вид значењето кое религијата го има за голем број луѓе, со самото тоа и потенцијалното влијание кое би можела да го има на развојот на некои еманципаторни политики. И јас, во изминатите неколку години, запознав многу луѓе од разни конфесии кои имаат мошне прогресивни и бескомпромисни сфаќања, понекогаш ризикувајќи многу; тие би можеле да бидат важен арбитар за разбирање на секојдневието и за ориентација во политичкиот свет.

Како да се бориме против политичките, радикалните, националистичките доктрини кои се наметнуваат постојано?

Радикално, политички, антинационалистички.

Колку граѓанскиот активизам е важен лост за општествена промена?

Важен е од најмалку две причини. Прво, важно е активно да се дејствува, зашто само така може да се изнедри некаква промена. Второ, активното дејствување придонесува за јакнење на чувството за зголемување на сопствената моќ за дејствување, што е ефект кој не смееме да го потцениме. Особено не денес, кога општата пасивизација и повлекувањето од секаков вид политички живот се оправдуваат со тоа што граѓаните се чувствуваат сосема беспомошно, исклучено, без никаква моќ за влијаење и на најмалите промени. Активното учествување во организација од каков било тип дејствува лековито на чувството на лична беспомошност и ја враќа верата во моќта за дејствување и организирање - ја враќа и верата во заедницата и заедништвото.

Дали може да дојде до некои поважни општествени промени ако не дојде до важни политички промени?

Апсолутно не. Тоа е една причина повеќе сериозно да го сфатиме императивот за организирање и здружено дејствување - доколку не сакаме „внатрешната емиграција“ да биде единствениот дострел на сопствениот ангажман во борбата со неподносливото секојдневие.

Слики: Bill Armstrong

Извор: https://www.6yka.com

Слични содржини

Општество / Европа / Балкан
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото