Oставката на Атанасов oтвoра дилеми: Каде се образовните реформи?

27.06.2019 00:21
Oставката на Атанасов oтвoра дилеми: Каде се образовните реформи?

Оставката на заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов, отвара прашања за анализа – зошто стојат во место образовните реформи и зошто не се реализира во пракса сето она кое се очекуваше и ветуваше во изминатиот период?

Атанасов вели дека главните приоритети во образованието за поголем квалитет, не се исполнети и дека ако се продолжи со ова темпо, образованието би се реформирало дури за 10 до 15 години. Тој се залагаше за дигитализација на наставата, нешто што беше отфрлено како опција од Владата, односно од министерот Арбер Адеми.

За тоа, зошто образованието тоне, зошто реформите стојат во место и зошто не се работи суштински на решавање на проблемите, разговаравме со неколкумина познавачи на ресорот, кој е главниот столб во државата.

– Министерството за образование и наука е министерство кое резултатите ги дава после неколку години. Тоа е едно од најтешките и најкомплексните институции зашто има многу таргет-групи, различни социјални категории граѓани и различни сфери. Тоа не е министерство кое има постигнување на резултати веднаш. Секоја реформа, па и онаа за дигитализација на наставата, треба да се прави со цел да се подобри системот, а не само тоа да биде мерка за маркетинг. Треба да постои визија и стратегија за следење на потребите на пазарот на труд, за да се прилагоди образовнието на тие потреби, а за такво нешто треба суштински да се нафатат да работат оние кои го водат. Мислам дека во последниве години има недоволна имплементација на законите, нешто што треба да се промени. Треба да се следат движењата на трендовите во општеството бидејќи ова е динамично време, кое бара агилност и конкретни решенија – смета поранешниот министер за образование и наука, Сулејман Рушити.

Проф. д-р Кирил Барбареев, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и професор на Факултетот за образовни науки, смета дека најлошата вест, е што политичарите можат да загубат на избори за прашања поврзани со образованието, но не можат да ги добијат изборите за образованието, бидејќи резултатите ќе се видат многу подолго од нивното просечно владеење и нивниот поглед од жабјата перспектива.

– Целата суштина за реформите во образованието лежи тука. Политиката знае дека избори не се добиваат од образование. Затоа, во искуствата на многу земји, луѓето кои ги воделе реформите, професионалците, учителите, заклучиле дека политиката е всушност кочница на подигањето на подобар образовен систем. Што се однесува конкретно на дигитализацијата, неа не може да ја има во овие услови. За неа не е направена стратегија. Дигитализација значи дека треба да се реформира и структурата на училницата, треба да се знае кои програми ќе се реформираат. Потребен е цел еден посебен концепт за дигитализација. За тоа се потребни интердисциплинирани тимови од повеќе области кои би работеле на таа проблематика. Кај нас се воведува дигитализација, а нема мрежа во училиштето. Не може училница со компјутерска опрема да е една во Скопје, а во планина во подрачно училиште да е поинаква. Условите мора да се подеднакви за работа за сите ученици. Да не зборувам за обуките на наставници, каде што исто така има проблем – смета Барбареев.

По денешната оставка на Атанасов, од Владата пак за „Мета“ изјавија дека следниот период ќе постапуваат законски.

„Владата ја прими информацијата за најавената оставка на заменикот-министер Петар Атанасов и во следниот период ќе постапува согласно предвидените законски процедури низ извршната и законодавната власт“, велат од Владата.

Инаку, по денешната оставка на Атанасов, се огласија и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде ја поздравија неговата одлука да го напушти, како што велат, бродот што тоне.

– Атанасов направи храбар чекор и ѝ кажа не на неработливата и криминална влада, која потроши повеќе од две години од животот на граѓаните, а притоа не направи ниту еден проект. Атанасов за разлика од другите одговорни во министерството за образование и наука призна одговорност за неуспехот на СДСМ, за разлика од Рената Дескоска која бесрамно смени министерства, Атанасов призна дека СДСМ нема кредибилитет затоа што ништо не направи – стои во соопштението од партијата.

Сега веќе заменик-министерот Петар Атанасов, брзо откако стапи на функцијата пред безмалку една година, најави дека проектот „Компјутер за секое дете“ ќе добие наследник и дека тоа е неопходно да се случи. Тој се залагаше за дигитализација на наставата, нешто што подразбира обезбедување повеќе ресурси, опремување на училиштата и овозможување алатки за да можат децата да учат од модерни помагала. Но подоцна, минстерот Адеми изјави дека нема компјутери во наставата, иако знаел дека се потребни.

Атанасов предупредуваше дека МОН е неефикасна институција, полна со многу шефови а без вработени во одделенијата каде што има повеќе работа. Изјавуваше дека министерството користи многу мал дел од своите капацитети, а дека има премногу високи позиции што се исполнети, а на важните одделенија каде што има можеби многу повеќе работа се празни позициите.

Слики: Vaka Valo

Извор: https://meta.mk/