15 отсто од девојчињата во земјава користат весници наместо влошки оти се скапи

19.07.2019 00:18
15 отсто од девојчињата во земјава користат весници наместо влошки оти се скапи

Петнаесет отсто од девојчињата во Македонија користат весници наместо хигиенски влошки за време на менструалниот циклус, поради високата цена на средствата за лична хигиена, покажа истражувањето на здружението Новинари за промена и Институтот за јавно здравје. Истражувањето било направено лани во април и мај, во Скопје, Велес и Куманово, со 800 испитаници, на возраст од 14-45 години.

Македонија се наоѓа високо на листата на земји кои не успеваат да управуваат со менструалната хигиена, вели Наташа Доковска од Новинари за промена.

„Во Македонија нема ниту едно основно училиште или средно училиште во кое тоалетите се адаптирани за управување со менструална хигиена. Во Македонија 90 отсто од ученичките во руралните средини не одат на училиште 4 до 5 дена кога имаат месечен циклус, додека 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат 2 до 3 дена поради истите причини. Истражувањето покажа дека 19 отсто од девојчињата воопшто не купуваат никакви средства“, вели Доковска.

Причината за тоа лежи во несоодветни услови за управуавње со менструалната хигиена на училиште/работно место и високата цена на чинење на средства за управување со неа. Во Македонија само во едно приватно училиште, во Велес, има услови/тоалет за менструална хигиена, а во ниту едно училиште нема соодветни произовди како сапун, тоалетна хартија и вода, ниту пак соодветни места за управување со менструална хигиена(сапун, тоалетна хартија, вода), ниту пак соодветни места за отстранување на отпадоци од тоа.

На прашањето дали имате услови за одржување на менструалната хигиена на работа/училиште, 90 отсто од испитаниците одговориле дека немаат услови, додека десет отсто одговориле позитивно.

Она што предизивикува најголемо внимание се одговорите на прашањето дали изостанувате од училиште/работа за време на периодот.

„Имено, 90 отсто од испитаничките од руралните средини одговориле дека 4-5 дена во месецот ученичките изостануваат од училиште за време на периодот, додека од девојчињата од урбана средина 75 отсто изостануваат по 2-3 дена месечно.

Како причини за изостанување од работа/училиште наведени се:
– 52% – несоодветни услови за УМХ
– 40% – висока цена на производите за УМХ
– 8% – болки во стомакот

На прашањето „Какви хигиенски средства користите за управување со менструалната хигиена?“, над 80 отсто одговориле дека користат хигиенски влошки, 5 отсто дека користат тампони, додека 15 отсто одговориле дека не користат никакви хигиенски средтсва, односно се снаоѓаат со текстилни само-направени влошки или хартија и весници. За менструалните чашки одговориле дека знаат само три испитанички, но ниедна не користела, а 63% од жените одговориле дека би користеле хигиенска влошка за повеќекратна употреба. Најголем процент од нив веруваат дека една таква влошка би била со попристапна цена, а 30 отсто би ја користеле и поради намалуавње на загадувањето.

„Зачудувачки е податокот дека во Македонија, во 21. век нема каде да се набават влошки за повеќекратна употреба, како и менструална чашка. Во моментов, нашите сограѓанки менструалната чашка може да ја порачаат само онлајн од единствената компанија која ги нуди, додека во соседна Бугарија во аптеките има избор на 35-50 видови менструални чашки, чија цена се движи од 300-1.500 денари. Времетраењето на една чашка е до 10 години, а загадувањето на животната средина од неа е сведено на нула“, кажа Доковска.

Жените во Македонија знаат дека средствата за УМХ содржат хемикалии и пластика. Потврдно одговориле 70 отсто од испитаничките, но не знаат која е алтернативата.

Седумдесет отсто од испитаничките би користеле алтернативни еколошки средства за УМХ и тоа најмногу 29.5 отсто поради намалување на средствата, а најмалку 12.5 насто од испитаничките би ги промениле актуелните средства за УМХ со одржливи, заради заштита на животната средина.

„Само за илустрација, Македонија се соочува со отпад од 6-6.5 милиони парчиња влошки/тампони месечно, чие разградување трае 500 години. Европскиот парламанет донесе декларација со која до 2020 година ќе се забрани употребата на овие еднократни влошки и тампони, бидејќи во себе содржат пластика“, вели Доковска.

Здружението Новинари за човекови права има неколку препораки до надлежните институции и бизнис-секторот, како воспоставување Фонд за искоренување на менструалната сиромаштија како и да да се намали даночната стапка за овој тип на производи од 18% на 5%.

„Менструалните производи не се луксузни стоки. Управувањето со менструална хигиена треба да биде вклучено во родовото буџетирање (сите јавни инстутуции/училишта мора да обезбедат соодветен тоалет за достоинствено управување со МХ). Тоа значи дека барем еден тоалет да ги исполнува стандардите: вода, тоалетна хартија, сапун и кутии за селектирање на отпад. Исто така, предлагаме придобивки за компаниите кои ќе се вклучат во производството на производи за управување со менструалната хигиена кои се безбедни за животната средина. Има многу причини зошто е потребен овој фонд на елиминирање на менструалната сиромаштија , фонд кој е отворен за сите. Јавно ги повикувам сите приватници и државата да се вклучат и да помогнат за секое девојче или жена во Македонија да имаат пристап до влошки. Наша цел е она што го практикуваат во повеќе земји, а тоа е секоја ученичка во првата недела од месецот да добие пакетче со влошки и други средства и да бидат бесплатни“, вели Доковска.

Меѓу светските примери на земји кои изминативе години ги укинаа даноците за тампоните и влошките се Австралија, Канада и Малезија, додека Шпанија и Франција ги намалија даноците по притисок на активистите. Во мај во Германија, германски феминистички движења поднесоа петиција во Парламентот да се намали данокот од 19 на 7 отсто.

„Моменталната пракса систематски ги дискриминира жените од сите социјални класи и финансиски покритија. Жените имаат менструација, без разлика дали сакаат или не. Ова не е лускуз и не треба да биде оданочувано како таков’, стоеше во петицијата.

Насловна слика: Hanna Barczyk

Извор: СДК.мк

 

 

Слични содржини

Општество / Живот

ОкоБоли главаВицФото