Кризата во Италија ќе има последици и за ЕУ

14.08.2019 00:07
Кризата во Италија ќе има последици и за ЕУ

Италијанскиот министер за внатрешни работи и шеф на Лега, Матео Салвини, од плажа најави крај на коалицијата со Движењето пет ѕвезди. Салвини 14 дена летуваше на брегот, шеташе со голи гради низ баровите на плажа, наздравуваше со коктели во раката со танчерки во танга, изигруваше диџеј. Вакви слики тој постираше и ширеше по социјалните медиуми, а навечер организираше изборни манифестации на плоштадите.

Во Пескара конечно му пукна филмот. Тој побара одржување нови избори и веднаш ја објави и својата цел: „Сакам да станам премиер.“ Веќе не сака да има ништо со „постојаните кочничари" од Пет ѕвезди, мора да биде слободен за да ги оствари своите планови. На Италијанците им се допаѓа народњачкиот стил на министерот за внатрешни работи, со засучени ракави, кој одбраната од мигрантите ја стави во фокусот на својата изборна кампања.

Салвини во подем

По победата на европските избори во мај и различните регионални избори, Салвини се почувствува доволно силен со својата деснорадикална партија Лега да се осмели на скок во Палатата Киџи, премиерското седиште во Италија. Невообичаено е што владината криза избива во средината на август, кога во земјата се во ек летните одмори. Италијанците инаку се навикнати на владини кризи. Земјата сега се спрема за 66-та влада по Втората светска војна.

Коалицијата составена од десни и леви популисти со своите 14 месеци на власт спаѓа во подолготрајните влади во Италија. Непартискиот премиер Џузепе Конте се чувствува изигран. Професорот кој досега никогаш не извршувал никаква политичка функција и балансираше меѓу постојано раскараните коалициони партнери, се запенави од бес:

„Не е работа на министерот за внатрешни работи да става крај на владата или да му пропишува на парламентот како треба да постапува натаму.“

Можни коалиции

Конте планира во парламентот, кој всушност е на летна пауза, да постави на гласање прашање за доверба на владата. Лега најави дека ќе достави предлог за гласање владина доверба. Тогаш ќе треба да се изјаснат пратениците од Пет ѕвезди и Лега. Меѓутоа, за таа цел пратениците со големи трошоци ќе треба да бидат доведени од одмор во Рим. Коментарот на Салвини по тој повод гласи: „Тие ќе треба само да ги помрднат задниците.“

Матео Салвини води перманентна изборна кампања

Ако Џузепе Конте нема потребно мнозинство, претседателот на државата Серџо Матарела ќе треба да му довери мандат на друг политичар за да формира владино мнозинство. Доколку и тоа биде безуспешно, Матарела може да се одлучи и за технократска влада. Претседателот, кај кого досега можеше да се насети длабока одбивност кон популистите од маштапот на Салвини, би можел и да го распушти парламентот и да распише нови избори. Тие би можеле да се одржат уште кон крајот на септември или почетокот на октомври, но и дури на крајот на годината.

Според анкетите на јавното мислење, Матео Салвини со неговата деснорадикална Лега котира околу 36 проценти. Движењето 5 Ѕвезди, основано од еден комичар, со Луиџи Ди Мајо на чело сега падна на трето место. На изборите во 2018 година беше најсилна партија. За да владее, на Салвини би му требала поддршка од „Фратели д‘Италија“, партија која според германски услови би се сметала за фашистичка или неонацистичка. Не е исклучена ни коалиција со „Форца Италија“ на Силвио Берлускони. Остарениот екс-премиер би можел да настапи како носител на листата и на кампањата на својата националконзервативна партија.

Загриженост за Италија

Од аспект на ЕУ, владината криза во Италија, како и секогаш, доаѓа во непогоден момент. Третата по големина економија во еврозоната се наоѓа во економска криза, ниту популистичката влада не успеа да спроведе структурни реформи. Државниот долг, кој од гледиште на еврокомесарот за финансии Пјер Московици со 2,3 милијарди евра е превисок, не е намален. Италијанските банки и натаму тонат во криза. Во октомври владата во Рим требаше во Брисел да го достави буџетот за следната година, кој ќе разјасни како ќе се постапува со планината долгови и на каков начин би се остварило придржување кон правилата на Европската комисија. Не се случи ли тоа, на земјата ѝ се заканува отпочнување официјална дефицитарна постапка против неа.

Италијанскиот парламент ќе треба да ги одреди следните чекори

Контраветер за ЕУ

Лидерот на Лега уште претходно најави дека нема да се потчини на фискален „диктат“ од Брисел. Салвини планира нови долгови и дури и воведување еден вид паралелна валута за Италија. Многумина политичари од Брисел, не само од таа причина, го сметаат за опасен. Можниот иден италијански премиер најави внатрешна „револуција во ЕУ“.

Тој е сосема близок на деструктивните идеи на Стив Бенон. Поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп му дава совети и на лидерот на Лега и му помага во неговата перманентна изборна кампања. По унгарскиот премиер Виктор Орбан, Матео Салвини би бил вториот отворено националистички премиер во ЕУ . Решение за отворените прашања околу миграцијата и распределбата на бегалци, за ЕУ би станало дефинитивно целосно невозможно со ваква деснорадикална водечка фигура во Италија.

Извор: DW