Синиша Лабровиќ со протестна табла побара од телевизиите во Скопје поддршка за културата

29.08.2019 12:41
Синиша Лабровиќ со протестна табла побара од телевизиите во Скопје поддршка за културата

Познатиот хрватски уметник Синиша Лабровиќ синоќа (28 август) пред неколку телевизии во Скопје го изведе перформансот насловен „Просјачење“ во знак на поддршка на македонската културна сцена.

Лабровиќ стоеше пред Телма, Сител и Македонска телевизија држејќи транспарент на кој пишуваше: 

„Се викам Синиша Лабровиќ и имам 54 години. Јас сум сиромашен перформер кој неодамна од Хрватска побегна во Берлин. Овде дојдов за да им дадам поддршка на македонските уметници и уметнички и културни работници и работнички и да ве замолам да објавите вест за овој и за сите други перформанси и настани на 14-тото издание на АКТО Фестивалот за современи уметности.

На овој начин покажувате дека уметноста е општествено важна а тоа би можело да им помогне на моите колеги и колешки достоинствено да живеат и работат во Северна Македонија и да не заминуваат од земјата.

Ви благодарам!“

Со овој перформанс започна 14 АКТО фестивалот за современа уметност – Општество во изградба - Прво Леб па морал.