Симпозиум за прекаријатното во капиталистичката култура во Кино Култура

29.11.2019 12:42
Симпозиум за прекаријатното во капиталистичката култура во Кино Култура

Факултет за работи што не се учат (ФР~У) , во партнерство со Локомотива, Роза Луксембург Штифтунг Југоисточна Европа, денеска и утре (29,30 ноември) организира симпозиум на тема: „Прекаријатното во капиталистичката култура – Дали да продолжиме да живееме вака?“
Симпозиумот за размислување за иднината од перспектива на трудот се одржува во Кино Култура, куратор е Ивана Васева.

Учесници се: Антонија Алампи, Кристина Ампева, Корина Л. Апостол, Ѓорѓе Балмазовиќ, Карла Црнчевиќ, Илијана Фокијанаки, Владан Јеремиќ, Филип Јовановски, Виолета Качакова, Биљана Тануровска–Ќулавковски, Крунослав Стојаковиќ, Тара Рукеци, Бојана Пишкур, Тјаша Пуребер, Кире Василев.

„Кога станува збор за работничките права, културните работници се во особено очајна ситуација, бидејќи нивната работа често не се разгледува како труд и не се валоризира како таква. Експлоатацијата и маргинализацијата на културната работа, како и генералниот недостаток на разбирање за еманципаторскиот потенцијал на уметноста и културата, се ретко разгледувани прашања за кои има потреба од систематска промена. Неолибералните сурови мерки на шетедење, кои се практикуваат со декади, ги туркаат уметниците и културните работници во краткорочни договори или фриленсерски односи. Најчесто неплатени, тие не заработуваат дури ни за основнa плата (living wage) и повеќето од нив живеат во периоди на должење и сиромаштија.

Нееднакви и прекаријатни услови на труд се очигледни и во други сектори во Северна Македонија, но и во регионот. Во транзицијата кон постсоцијализмот, големите југословенски фабрики се распаднаа на стотици приватни компании кои го искористија евтиниот труд во трката за профит и во силно ривалство со нивните конкуренти. Непредизвиканиот неолиберален дискурс пенетрираше во општеството и односите на трудот се променија, синдикалните активности се потиснаа и трудовата легислатива се неутрализираше. Сево ова доведе до занемарување на работничките права и основната плата (living wage). На државните институции им недостасуваат систематски процедури и политички одлуки кои ќе ја поттикнат еманципаторската култура и ќе ги подобрат работничките права на прекаријатните културни работници и работниците воопшто.

Како прекаријатните културни работници можат да се организираат во борбата за подобри работни услови во овој контекст? Каков вид на уметничка и културна продукција може да ја поддржи борбата за работнички права и може да ги направи еманципаторските социјални движења посилни во иднина?“, се вели во воведот за овој настан.

Симпозиумот обединува повеќе луѓе од регионот и од Европа со институционална, невладина и вонинституционална позадина во областа на културата и уметноста, како и луѓе кои се дел од социјални движења и активисти за работнички права, за да разменат искуства, да разговараат за постоечките модели и да споделат стратегии за организација на трудот во културата и уметноста.
Започнувајќи од анализата на прекаријатните и на фриленсерските работни односи во културата и, воопшто, секаде, симпозиумот ќе разгледува можни нови односи во културната продукција надвор од неолибералните, конзервативни и етнонационалистички парадигми. Во овој дел, уметничкиот и културниот контекст има потреба од силен придонес од еманципаторските сили во општеството. Затоа, ќе бидат презентирани примери на еманципаторски практики во културата, во контекстот на борбата за трудот, потоа ќе се разговара за функцијата и капацитетите на јавните институции и ресурси, а ќе се обрне внимание и на можностите за транснационална организација во борбата за работничките права.

Програма:

Петок, 29 ноември, Кино Култура

9-18ч: Работилници (затворени сесии)

- 9-13ч Работилница за работничка анкета во македонскиот контекст, водена од Бојана Пишкур (МСУМ, Словенија) и Ѓорѓе Балмазовиќ (група Шкарт, Србија/ Словенија)

- 14-18ч Работилница на тема „Застапување на културните работници за работнички права“, водена од Тјаша Пуребер (културна работничка и поранешна раководителка за застапување на Асоцијација - мрежа на независни културни работници во Словенија).

18:30ч: Отворање на симпозиумот

Презентација на програмата, гостите, генералниот контекст и фокусот на симпозиумот од Ивана Васева (ФР~У, Северна Македонија), Крунослав Стојаковиќ и Владан Јеремиќ (РЛШ ЈИЕ)

„Уметничките работници помеѓу прекаријатот и отпорот: Генеалогија“, предавање од Корина Л. Апостол (Талин Арт Хол и ArtLeaks, Естонија/Романија)

„Состојбата на самостојните културни работници во Северна Македонија“, презентација од Ивана Васева и Виолета Качакова (Локомотива, Северна Македонија)

Сабота, 30 ноември, Кино Култура

10-11:30ч: Јавно презентирање на работата од работилниците

Работничка анкета во македонскиот контекст, од Бојана Пишкур и Ѓорѓе Балмазовиќ и „Застапување на културните работници за работнички права“ од Тјаша Пуребер

12-14ч: Сесија I: Прекаријатното во капиталистичката култура
Модераторка: Биљана Тануровска-Ќулавковски (Локомотива, Северна Македонија)

„Future Climates“, од Антонија Алампи (Savvy Contemporary, Германија) и Илијана Фокијанаки (State of Concept Athens, Грција)
Платформа „ArtLeaks“, од Корина Л. Апостол и Владан Јеремиќ (РЛШ ЈИЕ/ArtLeaks)

16-18ч: Сесија II: Прекаријатното во деиндустријализираните општества
Модератор: Филип Јовановски (ФР~У, Северна Македонија)

- „Доста со кратењата, Загреб“, од Карла Црнчевиќ (драматург и филмски работник, Хрватска)

- Презентација на различни борби во локалниот контекст, од Тара Рукеци (Зрењански социјален форум Работнички видео клуб, Србија)

- „Текстилните работници од Штип во долгиот пат кон прекаријатот“, од Кристина Ампева (Гласен Текстилец, Северна Македонија)

- „Девалоризација на трудот“, од Кире Василев (активист за трудот, Северна Македонија)

18:30ч: Кратка филмска проекција „Обрани берачи“
Зрењански социјален форум Работнички видео клуб, Србија

19ч: Завршна сесија

За време на симпозиумот ќе биде организиран мини саем на книга каде ќе бидат претставени публикации од сите учесници.

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Симпозиумот на размислување за иднината од перспектива на трудот „Прекаријатното во капиталистичката култура – Дали да продолжиме да живееме вака?“ е организиран од Факултет за работи што не се учат (ФР~У) и е поддржан од Роза Луксембург Штифтунг Југоисточна Европа во рамките на иницијативата „Лева култура“.

Симпозиумот ќе се одржува на англиски јазик, а работилниците се или на англиски јазик или на БХС. Симпозиумот ќе биде видео документиран и поставен онлајн, а по неговото завршување ќе биде објавена „Работничка анкета“.

Учесници во работилниците се млади уметници и културни работници, како и сите кои се заинтересирани, а кои се пријавија на отворениот повик (објавен во почетокот на ноември, 2019 година). Оваа активност е дел од дискурзивната и едукативна програма „Совршениот уметник“, организирана од ФР~У и делумно поддржана од Град Скопје и Министерство за култура на Република Северна Македонија.

Работилницата со Тјаша Пуребер е организирана од Локомотива – Центар за нови иницијатии во уметноста и културата, во рамките на годишната програма „Современа култура и јавни политики“ 2019, курирана од Виолета Качакова и Биљана Тануровска-Ќулавковски, развиена како дел од проектот „Програма на Локомотива во Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и современа култура“, поддржана од Министерство за култура на Република Северна Македонија.

Цртежот употребен за промоција на настанот е на Ѓорѓе Балмазовиќ и е дел од работилницата за работничка анкета во македонскиот контекст, водена од Бојана Пишкур и Балмазовиќ.