Шпионите одат на одмор во Бугарија

07.12.2019 01:37
Шпионите одат на одмор во Бугарија

„Од Бугарија најмногу ми останало во сеќавањето како во една лимузина ме возеа кон убавите планини и плажи со кои изобилува таа земја и како кон мене - понекогаш ме придружуваше и сопругата - постапуваа како кон паша. Никогаш порано и никогаш подоцна не сум доживеал таква гостољубивост. Бугарите бескрајно нè нудеа со своето скапоцено вино; организираа извонредни свечености во најдобрите одмаралишта на Комунистичката партија; притоа ловевме дивач, патки или фазани во ловиштата резервирани за претседателот Живков и бугарската елита. Понекогаш нивната желба да ни се допаднат, нам, нивните постари словенски браќа, попримаше апсурдни облици.“

Ова е дел од сеќавањата на генералот Олег Калугин, долгогодишен шеф на контраразузнавачкото одделение на КГБ. Тој пишува за Бугарија како за рај за земските уживања – генералот на тајната служба, навикнат на многу одрекувања во Советскиот сојуз, кој често одел во „16-тата советска република“, како што на шега ја нарекувале најмалата членка на Источниот блок за време на Студената војна.

Еден од најистакнатите функциониери на КГБ, во Бугарија не доаѓал за работа, туку за уживање. Од гледна точка на советската тајна служба, таа земја всушност не била интересна, понекоја информација за НАТО во Грција или Турција, понекоја врбувана девојка на брегот на Црното море и, при сето тоа, целосно покорување на волјата на Москва. Сè ова можело да се занемари. Но виното, планините, морето и храната – тоа оставало силен впечаток кај советските другари.

Културна дипломатија и „ракија – дипломатија“

Државата сиромашна со суровини и индустрија, во 1950-ите години го открила својот капитал, а тој всушност и денес привлекува милиони туристи: гостољубивост, природа и добра храна. И бугарската тајна служба знаела како да го искористи тоа.

На Запад, ЦИА своите колеги од германската служба BND ги канела на тринеделни патувања по САД. Тоа се нарекувало „културна дипломатија“. Идејата била идните шефови на германската тајна служба да се импресионираат од големината и силата на САД.

Во Бугарија, озлогласената Државна безбедност и за тоа имала контрамерка: „ракија – дипломатија“. Така, на пример, тони бугарски деликатеси биле испраќани на колегите во Штази во Источен Берлин. Само во 1974 година бил испратен еден тон грозје и уште толку краставици, половина тон круши, 500 шишиња од виното „Кадарка“, 500 килограми овчо сирење. Социјалистичкото пријателство се развивало преку стомакот.

Кога не можеле да бидат одржани официјални средби на највисоко ниво, источногерманскиот министер, Ерих Милке, едноставно ќе бил поканет летниот одмор да го помине во Бугарија. Таму, во опуштена атмосфера се разговарало за важните теми. Потоа останала белешката: „Ваков облик на контакти е многу корисен зашто на министерството му овозможува ширење на контактите со раководството на братските органи“.

Омилени одморалишта

Како што бугарската Државна безбедност им се додворувала на офицерите на КГБ, слично било и со источногерманските колеги – тие редовно биле поканувани на годишен одмор. За таа цел, секоја година имало на располагање по 25 места во одмаралиштата на брегот на Црното море или на планините.

Во 1970 година, на годишен одмор во Бугарија дошол долгогодишниот шеф на шпионажата на ДДР, Маркус Волф. Еден ден, додека читал московска „Правда“ во одмаралиштето на бугарската Државна безбедност на Стара планина, останал вџашен. Токму тогаш во Москва канцеларот на Западна Германија, Вили Брант, го потпишал тн. Московски договор и со тоа им дал нова насока на односите меѓу Истокот и Западот.

Очигледно, за бугарските другари, парите не играле никаква улога кога требало да се претстават како добри домаќини. Тоа особено важело за „специјалните операции“. Во 1967 година, Маркус Волф лично допатувал во Бугарија за да се сретне со еден од неговите најважни соработници во владејачките кругови во Бон. Веднаш го поддржале неговите бугарски колеги. Организирале двонеделно патување низ целата земја и на крајот ги платиле сите трошоци.

Средбата на Брежњев со Брант го изненадила источногерманскиот агент Волф

Великодушните Бугари и прецизните сметки

Колкави биле трошоците во таквите „специјални акции“ покажува еден друг случај. Во јули, 1974 година, источноберлинските шпиони најавиле средба со агент во Бугарија. Веројатно се работело за средба со пратеникот во Бундестагот, Валтер Флеминг, кој од 1969 година соработувал со Штази под кодните имиња „Јулијус“ и „Валтер“.

По една недела во одмаралиштетот на Црно море, целата екипа на источногермански и бугарски офицери на тајните служби, вклучувајќи ги и нивните жени, отишле во планинското лекувалиште Пампорово. За пет дека изеле и испиле храна и пијалаци во вредност од 1081, 18 лева. И сето тоа е прецизно наведено во извештајот: 54,40 лева за 22 килограми овчо сирење, 208, 90 лева за месо и 65 килограми риба, 12,92 лева за 38 векни леб, 88,98 лева за 75 шишиња вино...

Не случајно таа средба била заведена под кодното име „Орфеј 74“. Вкупните трошоци кои доброволно ги презела бугарската тајна служба изнесувале 6010,37 лева, од тоа 4878,47 лева биле потрошени за бугарски специјалитети и алкохол.

Исто толку великодушна била бугарската тајна служба и кога доаѓале поранешни источногермански и советски шпиони. А доаѓале сите. Од агентот на КГБ, Ким Филби, преку кртот на КГБ во германската тајна служба BND, Хајнц Фелфе, потоа шпионите во кабинетот на канцеларот Гинтер Гуилауме, па до поранешната секретарка на НАТО, Урсел Лоренцен.

Оној кој во социјализмот работел како шпион, можел да се надева на заслужен одмор. Притоа Бугарија била омилена дестинација. Од друга страна пак, бугарската тајна служба своите надежи ги полагала во гостољубивоста, привлечноста на природата и бугарската кујна како добро средство на шпионската дипломатија.

Кристофер Неринг е кустос во Музејот на шпионажата во Берлин и автор на книгата „77 митови од светот на шпионите и тајните служби“.

Извор: Дојче веле на српски

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото