Коронавирусот го создаде глобализацијата, ќе го сопре здравиот разум

26.02.2020 19:00
Коронавирусот го создаде глобализацијата, ќе го сопре здравиот разум

Засега во светот има нешто повеќе од 80 000 заразени со коронавирусот, а битката за живот ја изгубија 2 700 луѓе. Станува збор за смртоносна епидемија која молскавично се шири, но секако не е најлошата во историјата, тврди реномираниот хрватски научник и биолог Мирослав Радман. Тој вели дека пандемиите и епидемиите не се негова тесна специјалност, но целата хистерија околу новиот вирус се обидува да ја гледа низ призмата на здравиот разум и биологијата.

„Во човечката историја имало многу епизоди далеку попасни од коронавирусот, кои дури биле и закана за опстанокот на човечкиот род. На приемр, може само да ја споменеме црната колера од средниот век која ја опустошила тогашна Европа. Но, ако ја разгледуваме човечката еволуција како своевидна временска линија, тогаш ќе видиме дека пред околу 150 000 години, човекот бил речиси избришан од лицето на земјата. Никој никогаш не успеал точно да докаже што било причина за тоа, но факт е дека на целата планета живееле само неколку илјади луѓе. Анализата на ДНК укажува дека денешната популација од седум милијарди луѓе е потомстов од само десетина прапрапра...мајки од пред тие 150 000 години. Затоа е сосема несмасно од позиција на научник да се предвидува развојот на ситуацијата и да се кажува какви ќе бидат конечните последици од коронавирусот.

Меѓутоа, ако треба да предвидувам, тогаш би кажал дека вирусот ќе биде сопрен првенствено од здравиот разум, многу порано отколку високите технологии – како во случајот со вирусот Ебола, кој е многу посмртоносен од коронавирусот“, вели Радман.

Причината за ваквите пандемии кои се појавуваат циклично се резултат на брзата еволуција на патогените бактерии и вируси. Тие едноставни организми се размножуваат со голема брзина и притоа се менуваат (мутираат), т.е. еволуираат па со промената можат да се прилагодат на новите домаќини – жртвите, вклучувајќи ги и луѓето.

„Човечкиот организам е огромен и комплексен систем на клетки па случајните генетески промени се појавуваат многу бавно, а кога ќе се појават главно се штетни. Во однос на гените, човекот ќе ја губи трката со паразитите, но затоа има дополнително оружје што го немаат паразитите – културната еволуција, еволуцијата на знаење, која може да ја искористат во борбата со биолошкиот непријател. Човекот има и моќна биологија. Имено, неговиот имун систем, на огромно мнозинство на паразити не им дава ни шанска да се натпреваруваат со човекот. Едноставно ги сопира при самиот влез во организмот. Значи, човечката популација содржи и други разновидности (наречени полиморфизам) кои во даден момент можат да бидат пресудни за преживување на некоја нова пандемија, како што е оваа на коронавирусот. Во таа смисла може да зборуваме и за суров дарвинизам, или опстанок на единки кои на генетската лотарија ја добиле непредвидената награда да преживеат некоја нова пандемија како што е коронавирусот“, појаснува тој, објаснувајќи дека вакцинирањето е научна помош во биологијата на имуниот систем.

Во забрзаната трка по нова вакцина или некоја хемикалија која го труе животот на коронавирусот, модерните технологии се многу корисни затоа што овозможуваат тестирање на милиони хемиски споеви како потенцијален отров за самиот вирус. Сега на фармацевтите им останува да погодат на среќа и да наидат на ефикасен лек или вакцина по пат на безбројни обиди.

„Фармацевтите ќе ја осмислат вакцината со анализа на површината на вирусот додека не наидат на делче што го „гледа“ нашиот имунолошки систем. Вакцината ќе биде ефикасна кога ќе се покаже дека ја победува синтезата на антителата која го убива коронавирусот, а притоа не му штетат на човечкиот организам“, тврди хрватскиот молекуларен биолог, кој има добиено голем број награди и е член на најпрестижните светски академии на науки. Радман смета дека ситуациите слични на коронавирусот ќе се повторуваат и во иднина, најмногу заради глобализираниот свет во кој се мешаат бројни популации заради туризмот и меѓународната економија, што претпоставува континуирани патувања, гужви и блиски односи кои се погодни за преноси на паразити.

„Но излоацијата на жариштето на инфекцијата е најпримитивниот и најефикасниот метод. Карантинот е навистина единствената рационална борба против вирусот. Здравиот разум е помоќен од технологијата затоа што технологиите не размислуваат – а ние мора да размислуваме“, вели научникот и додава дека денешниот човек е поврзан со другите повеќе од кога било во својата историја, а истовремено е и најголем хедонист кој се стреми кон задоволување на примарните човекови потреби како храна, пиење, размножување и запознавање со околината. Кога вирусот се појави во Кина, пред околу еден месец, државните власти го направија токму тоа, основаа карантини, забранети се влегувања и излегувања од градот и воведени се редица превентивни мерки. „Но вирусот својата експанзија ја доживеал затоа што мерките не биле спроведени доволно рано и темелно, а глобализацијата има своја цена“, додава Радман.

Извор: vecernji.hr