Љубовта го изгонува стравот

13.03.2020 11:12
Љубовта го изгонува стравот

Она што е вистина за сите зла во светот е вистина и за самата чума. Му помага на човештвото да се надмине себеси.
- Албер Ками

„Оној кој го љуби Бог не може а да не го љуби исто секој човек како самиот себе.“
- Св. Максим Исповедник



Кога е соочено со каква било закана, посебно од епидемиски и пандемски размери, како корона вирусот денес, човештвото реагира воглавно на три начини, да бега, да прогонува или да се грижи. Првата реакција е речиси инстинкт, да се дистанцира од изворот на заканата. Втората реакција е поврзана со првата, да се дистанцира од заболените несреќници и на нив да се префрли гневот врз заразените што како такви се закана за оние здравите. Третата реакција е основата на опстојувањето на човештвото како заедница.

Во овој контекст добро е да се потсетиме на примерот на раните христијани кога се соочувале со слични закани, а особено со стравот кој произлегува од нив. Една од највпечатливите карактеристики за начинот на кој раната црква се соочувала со стравот била во времиња на разни смртни епидемии. Уште од учењето во Новиот завет црквата знаела дела стравот е лош советник кој поттикнува на панично бегање или гневно барање на ‘жртвен јарец’. Тие добро го знаеле стихот во 1 Послание на Јован 4:18 „Во љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот“. Јован е сигурен во моќта на љубовта зашто е сведок на отелотворената љубов на Бог во Исус Христос. На слична тема Св. Максим Исповедник ќе напише: „Оној кој ја знае тајната на крстот и на гробот ги знае принципите на создадениот свет. Секој кој бил воведен во неискажливата моќ на воскресението ја знае сврхата за која Бог ги создал сите нешта.“ Христовата смрт на крстот и неговото воскресение ги инспирираат христијаните да љубат несебично и да го разбијат секој страв.

Токму затоа не само што раните христијани не учествувале во паничните реакции на нивните нехристијански сограѓани, туку знаеле да тргнат во спротивна насока кога сите бегале од заразените населени места. Ова било посебно случај за време на владеење на смртоносната чума. Често заболените биле оставани сами на себе дури и од најблиските, а мртвите не биле погребувани заради истиот страв. За такви примери пишува Јулијан Отшелник во четвртиот век. Во изјава полна со презир и омраза, Јулијан огорчено забележува нешто крајно очигледно за христијанската црква во негово време. Обраќајќи им се на паганите кои забрзано го губеле општественото влијание тој пишува:

„Атеизмот [т.е. христијанската вера!] посебно напредувал преку грижливата служба кон туѓинци, како и преку нивната грижа за погребувањето на мртвите. Скандалозно е тоа што нема ниту еден Евреин кој е питач, а безбожните Галилејци [христијаните] нe само што се грижат за своите, туку и за нашите исто така; додека оние кои ни припаѓаат нам залудно очекуваат помош која им ја должиме.” (Јулијан Отшелник).

Што може да се заклучи од горенаведената изјава? Дека „успехот“ на растот на христијанските следбеници во првите три века од своите почетоци посебно се засновал на речиси интуитивното разбирање на раните христијани дека следењето на Христовиот пример посебно се однесувало на начинот на кој би се третирале другите луѓе без притоа да се прави разлика меѓу нив, вклучувајќи ги дури и нивните непријатели прогонувачи.

Нештата се менуваат кога „интуицијата“ на верата и на посветеноста на Христовиот пример е заменета со „интуиција“ на опстанок, на грижа само за себеси и конечно на претворање на христијанскиот живот во неговата противречност. Според еден од највлијателните христијански духовници на дваесеттиот век ова му се има случено на современиот свет заради површен живот. Томас Мертон пишува „Кога живееме површно ... ние сме секогаш надвор од себеси, никогаш во целост ‘при себеси’, секогаш разделени и влечени на разни страни ... правиме многу нешта кои во суштина не ги сакаме, кажуваме нешто кои не ги мислиме, посакуваме нешта кои не ни требаат, се исцрпуваме со она за кое потајно сфаќаме дека е безвредно и без смисла за нашиот живот.“

Во време на страв и страдање, посебно во време на голем број смртни случаи, раната црква не се наметнувала, а уште помалку ја користела приликата да докаже нешто. Напротив христијанството од своите почетоци па сѐ до периодот на Јулијан Отшелник има една постојана заедничка карактеристика. Таа е фактот дека за раните христијани било незамисливо да се залагаат за благосостојбата без грижа за слабите, за сиромашните за болните и воопшто за сите ранливи категории во едно општество.

Еве како тоа го опишува црковниот историчар Евсевиј: „Најголем дел од нашите собраќа не се штедеа себеси во својата грижлива љубов. Се поддржуваа едни со други и бестрашно ги посетуваа болните служејќи им без престан во името на Христос. ... за по некое време и на нив да им биде послужено ...“

Најдобар начин да го надминеме стравот и да се надминеме себеси е да негуваме љубов, но љубов во нејзиното сеопшто значење на копнеж за благосостојба на оние околу нас. За тоа да го постигнеме треба да погледнеме околу себе и наместо да ламентираме, проколнуваме или злорадо да коментираме како генерали после битка на социјалните медиуми, да се посветиме себеси на очигледните потреби во дадениот момент и да преземеме лична и заедничка одговорност. Инаку ќе наликуваме на човекот толку луцидно опишан од Достоевси во Браќа Карамазови: „Колку повеќе го сакам човештвото општо земено, толку помалку го сакам човекот до мене.“

Верувам дека инспирацијата на љубов, борба против стравот и прифаќање на одговорност за сопствениот и за животот на другите, може да биде крајно добредојден придонес во соочувањето со пандемијата која ни се заканува, така што злото, како што вели Ками, ќе биде поттик за човештвото да се надмине себеси.