Љубов или инстант задоволство?

14.02.2019 01:31
Љубов или инстант задоволство?

Но кого јас го љубам кога го љубам мојот Бог? Не физичка убавина или убавина на создадениот поредок; не сјајот на земните нешта, толку привлечни за нашите очи; не слатката мелодија и хармонија на песната; не мирисот на цвеќињата, парфемите и зачините; не маната или медот; не раце со кои се прегрнуваат телесните наслади. Не се тие нешта кои ги љубам кога го љубам мојот Господ. А сепак, кога го љубам него, вистина е дека љубам некаков вид светлина, некаков глас, парфем, храна и прегратка; но тие се од таков вид кои ги љубам во моето внатрешно јас, кога душата ми е искапена во светлина неограничена со простор; кога слушам глас кој никогаш не изумира; кога вдишувам мирис кој нема да го однесе ветрот; кога вкусувам храна која не се троши со јадење; кога сум во прегратка од која нема да бидам оттргнат заради исполнување на некаква страст. Тоа е она кое го љубам кога го љубам Бог.
Августин, Исповеди
Превод: К.М.

Оваа недела се одбележуваат два празника. Денот на вљубените или Св. Валентин, и денот на виното или Св. Трифун. Првиот светител се смета за заштитник на сите вљубени, додека вториот се смета за заштитник на благородната винова лоза. И во двата случаја се работи за принципи кои го зближуваат човештвото. Благородно чувство и благородна напивка, чувството често повод за напивката, а кои човештвото ги поврзува со радоста на животот, со благодарноста да се постои и да се ужива од убавите плодови на сè што постои. За жал овие два терминa страдаат од нивното искривоколчување, па така на овој ден тие се често сведени само на сегмент од нивното богато значење, на нивна оскудна и осиромашена верзија манифестирана во претерувањата на консумеризмот и пијанството.

Во едно недамнешно испитување меѓу универзитетските студенти во Скопје, на прашањето „Постои ли љубов во 21 век?“ 90% одговориле дека постои, а 10% дека не постои. Но од друга страна од истиот број на анкетираните 67% сметаат дека љубовта е само чувство, а 33% дека е одлука. Според мнозинството, прашањето е не дали постои љубов, туку како таа да се дефинира.

Од втората половина на дваесеттиот век значењето на зборот љубов речиси е целосно сведен на неговото еротско значење. Под ова не мислам само на секс, туку на етимолошкиот корен на зборот ерос кој подразбира емотивна, страствена, телесна привлечност од која се заматува умот и утробата е облеана со топлина. Тоа е оној вид обземеност пред што горливата желба да сме во еротски контакт ни причинува да го дадеме секое можно ветување и во тој миг да веруваме дека сме целосно искрени во тоа.

Една од највпечатливите и најдраматични примери на вакво поведување по страствената привлечност на еросот е приказната за отсекувањето на главата на Јован Крстител, а кој почнува со танцот на Салома, ќерката на Иродијада, жената со која тетрархот Ирод го дели креветот, а која е венчана сопруга на неговиот брат Филип.

Накусо, Јован Крстител јавно го критикува Ирод, кој претендира да биде јудејски цар, што подразбира држење до еврејските религиозни закони, дека делењето на креветот со Иродијада, законска сопруга на брат му Филип е морално погрешно и спротивно на Мојсеевиот закон (3 Мојсеева 18:16). Јован има големо следбеништво меѓу народот и иако Ирод го фрла во затвор не се осмелува на подрастични мерки. Сè додека еросот не му се удри од глава. Сензуалниот танц на Салома пред гостите на неговиот роденден го навело горливата желба да ја изрази во хипербола, „Ќе ти дадам сè што ќе посакаш! Ти ветувам пред сите дека ако посакаш и половина од моето царство, ќе ти го дадам!“ Салома, поучена од својата мајка, не бара половина царство, но ја бара главата на Јован Крстител. Царот, фатен во своето непромислено ветување, ѝ ја исполнува желбата.

Во мигот кога го давал ветувањето, наспроти јасното ментално разбирање дека крши многу воспоставени културолошки и морални норми, Ирод бил убеден дека „возвишеноста на еросот“ поништува какви било социјални конструкти. Историјата низ многу примери сведочи дека безброј патриоти станале предавници, цели царства пропаднале, а многу семејства се запустиле заради мигот на еротската страст во кој сè е дозволено и при што сите вредности се релативни.

Овој феномен е добро опишан во една од безбројните песни на Боб Дилан, „Карипски ветар“ (Caribbean Wind). Рефренот, суштината на пораката на Дилан, вели „распламтувајќи го огнот во фурната на желбите“ (fanning the flames in the furnace of desire). Со ова Дилан ни сигнализира дека желбата е како фурна која со ковачки мев се разгорува. Но што сè може да се случи ако со ковачки мев се разгорува оган на отворено, надвор од фурната? Слична поука може да извлечеме од митологијата, за она што се случува кога се лета преблизу до Сонцето, како во случајот со несреќникот Икар.

Не можам да се задоволам

Недвосмислено експлицитен опис за оваа состојба дава песната „Не можам да се задоволам“ („I can’t get no satisfaction“ – Roling Stones).
Дел од песната кажува:


Кога се возам низ светот
И си правам ова и го лицкам она
И се обидувам да смувам девојче кое ми вели,
Душо, подобро дојди идната недела
Зар не гледаш дека сè ми е провала?
Не можам, ох, не, не, не, еј, еј, еј
Ти велам глеј, не можам, ете не можам
Не можам да се задоволам, сум без задоволство
Без задоволство, без задоволство

When I'm ridin' 'round the world
And I'm doin' this and I'm signin' that
And I'm tryin' to make some girl, who tells me
Baby, better come back maybe next week
Can't you see I'm on a losing streak?
I can't get no, oh, no, no, no, hey, hey, hey
That's what I say, I can't get no, I can't get no
I can't get no satisfaction, no satisfaction
No satisfaction, no satisfaction ...

Според делото на Пол Опенхајмер, Бесконечна желба: водич за современото чувство на вина (Paul Oppenheimer Infinite Desire: A Guide to Modern Guilt), „Единствениот вистински човечки проблем е проблемот на желбата. Сите нејзини проблеми ... се врзани за неа со челични или свилени нишки.“ Тој желбата ја опишува како „префинета стрв, огнен копнеж“, донесувајќи заклучок дека „... во модерниот западен свет бесконечната лична желба го зазела местото на Бог. Сеедно, не може да се избегне очевидното, дека ова нашироко обожавано, но и презрено божество [на желбата] е едноставно отелотворен солипсизам.“

Ваквата филозофија на животот навлегла во секоја пора на современото човештво. На пример, мегапопуларната серија „Игра на тронови“ расчистила со идеалот на љубовта кој пред сè подразбира преданост, самопожртвуваност и над сè верност. На континентот Вестерос ваквата љубов е осудена на пропаст. Танцот на Салома и отсекувањето на главата на Јован Крстител одлично се вклопува во развојот на настани почнати од самопрогласениот цар на Вестерос. Тој ќе изврши братоубиство, ќе се втурне во крвави магични ритуали слушајќи ги советите на својата љубовница. Таа иста љубовница ќе ја затрудни со некаква смртоносна сенка, а за заради лажно пророштво ќе ја убие сопствената ќерка.

Августин за љубовта

Колку е сето ова различно од разбирањето на терминот љубов, термин кој се смета за темел на развојот на јудео-христијанската цивилизација! Веројатно едно од најдобрите толкувања на библиската претстава за таквата љубов е опишана во делото на Августин, дело во кое тој претставува дотогаш непознат книжевен жанр – автобиографијата. Во десеттата книга на Исповеди Августин зборува за автентичната љубов:

Мојата љубов кон тебе, О Господе, не е некакво нејасно чувство ... А што јас љубам кога го љубам мојот Бог? Не материјалната убавина на времениот поредок ... А сепак, кога го љубам Него [Бог], вистина е дека [ја] љубам ... [и материјалната убавина].“ Според Августин љубовта кон созданието, вклучувајќи ја и еротската љубов се содржат во автентичната Божја љубов, со која кога го љубиме Бог, правилно можеме да ги љубиме и неговите созданија. Кон крајот на размислата на оваа тема, Августин го пишува следното: „Убавите нешта од овој свет ме водеа далеку од Тебе, а сепак, ако не се содржеа во Тебе, немаше воопшто ни да постојат.“

Љубов и радост, а не страст и разузданост!

Брзајќи да ги зграбиме сите убави нешта на светот, гледани сами по себе и надвор од Бог кој ги создал, забрзано грабаме колку што можеме повеќе зашто сме уверени дека нема доволно за сите. Валтер Бругеман, извонреден познавач и толкувач на Библијата вели дека трчаме по пари, по љубов, по секс и по пиво, зашто сме уплашени дека некој друг ќе ги зграби, а ние ќе останеме со празни раце, празни стомаци и со фрустрирани либида. Бругеман мудро нè потсетува дека Бог обезбедил неброени нешта кои не зависат од обилноста на светот. Меѓу небројните примери да се потсетиме дека Бог даде мана во пустината на гладните, а на разочараните заради ужасната смрт на Исус на крстот, им го даде Велигден – воскресението.

Наспроти сето ова нашата култура гледа само кон инстант задоволување на своите потреби и на своите пориви. Наместо трпеливо да вложуваме во личната врска со оние што ги љубиме, ние порадо посегнуваме по инстант задоволството кое го нудат социјалните медиуми на пример. Чувството на „растеретување“ е инстантно, но инстантно и го губиме. Ваквото „општење“ со другите го задоволува чувството на итност, но не дава трајно задоволство. Кога тоа ни е главниот начин на поврзување со другите, тоа ги урива темелите за градење врски, вклучувајќи ја и љубовната, за кои сме создадени. Овие „фикс“ решенија бараат противтежа. Стварни, лични врски кои се негуваат без итање, без брзање, а кои се градат долгорочно и затоа се трајни.

Св. Валентин и св. Трифун живееле и биле погубени во третиот век по Христос. Обајцата излечиле девојки, ќерки на цар и на великодостојник, а она што ги одликува и што ги довело до маченичка смрт е нивната љубов кон Бог, верата во радосната вест на Исус Христос. А како почнува приказаната за Христос? Со љубовната приказна на Јосиф и Марија и нивната подготвеност љубовта и верата кон Бог да ги изразат во мигови на најголеми искушенија. Во суштина врвниот израз на Божјата љубов кон своето создание, почнувајќи од човештвото, е неговата подготвеност да се отелотвори и на светот да му покаже дека љубовта само кон убавите Божји созданија не e ништо друго, туку посесивност која носи раздор, несреќа и зло, додека љубовта кон Бог во себе на најавтентичен начин ја содржи и љубовта кон секое создание, почнувајќи од меѓучовечката љубов.

Кога сме свесни дека сè е во Бог, не се плашиме дека воздржаноста и отпорот да зграбиме што е можно повеќе за себе, и задоволство и материјално богатство, ќе не осиромаши. Напротив, јасно ни е дека со тоа оставаме простор за растот и обновата на земните живи и неживи ресурси. Имајќи доверба во Бог, одбиваме да ја сечеме гранката на која седиме. Во спротивно, неумереноста која денот на „вљубените“ и на „виното“ ја манифестираат ќе го доведе светот, а со тоа и човештвото, до соочувањето со пожарот разгорен во фурната на желбата, поточно со ненаситниот и неодржлив консумеризам изразен преку рaдикалниот индивидуализам на современиот човек кој сака сè и само за себе цело време велејќи не можам да се задоволам.  

Фотографии: „Salomé“