„Алостатското оптоварување“ е причината заради која сте анксиозни за време на епидемијата

20.05.2020 00:49
„Алостатското оптоварување“ е причината заради која сте анксиозни и под стрес за време на епидемијата

7:00 наутро: Се будам.

7:30 наутро: Онлајн час по јога.

8:30 наутро: Го водам кучето на прошетка.

Од 10 наутро до пладне: Се сместувам и цели два часа работам без прекин, пред здравиот ручек.

Ова е распоредот што си го замислив пред еден месец кога се изолирав дома. Размислував за сето време што ќе го имам, за јадењата што ќе ги подготвувам со љубов, за книгите што ќе ги прочитам и за филмовите што ќе ги гледам. Помислив дека за еден месец ќе се збогатам на илјада прекрасно непретенциозни, возвишено „инстаграмски“ начини.

А еве како впрочем изгледа мојот ден:

7:00 наутро: Се будам така што го прелистувам Твитер и 15 минути врескам во себе.

7:30 наутро: Извесно време само зјапам во далечина.

8:30 наутро: Навлекувам доколенки и радосно пуштам кучето да ме влечка низ населбата.

10:00 наутро: Дали да дремнам на каучот или да се вратам в кревет? Тоа е трик прашање! Зашто до креветот нема ни да стигнам.

Деновите ми се сведени на основниот минимум. Работам кратко и испрекинато, а нивото на енергија го одржувам со „M&M“ бонбони, со чести паузи за Јутјуб. За ручек натрупувам остатоци храна од претходно, правејќи го она што амбициозно го нарекувам Пасиште на чинија. Реално, се работи за круша исечена на рибанки и четири маслинки на житарки со цимет. Јога практикував двапати и затоа без никаков сомнеж се чувствував самозадоволно. Правам многу помалку нешта одошто сум навикната, а толку сум изморена.

Се покажа дека не сум единствена. Ненси Син, асистентката на професорот по психологија на Универзитетот Британска Колумбија вели дека во вакви стресни ситуации доаѓа до психолошки реакции во нашиот организам. „Се зголемува нивото на хормонот за стрес. Се подготвуваме за борба или за бегство“, вели Син. И додека пандемијава сѐ уште трае и изолацијата се развлекува, „Правиме многу вакви психолошки адаптации, секогаш кога ќе почувствуваме стрес, секогаш кога ќе се загрижиме. Со текот на времето, овие повторени физиолошки и психолошки удари можат да се акумулираат“.

Оваа акумулација се нарекува алостатско оптоварување, што во суштина претставува оштетување кое го трпи нашиот организам кога одново и одново претрпува стрес. А иако изгледа дека поголемиот дел од денот не правам ништо, мојот мозок и натаму се обидува да се избори со анксиозноста и напнатоста заради пандемијата. Исцрпена сум не заради тоа што моето тело работи многу напорно, туку што тоа го прави мојот мозок.

За време на редовниот живот, дневно среќавам десетици луѓе. Патувам до работното место, ручам, се среќавам со пријателите, одам во теретана - и сите тие мали интеракции на мојот мозок му се показатели дека со мене сѐ е во ред и дека сум дел од поширока социјална мрежа. Но, кога сум сама, ранлива сум и мојот мозок работи прекувремено, обидувајќи се да ме заштити.

Како што објаснува Џорџ Славич, директорот на лабораторијата за истражување и проценка на стресот на УКЛА, луѓето се како животни кои се дел од стадо, и кога одиме во изолација, се чувствуваме осамено.

„Тоа е мошне важно, на прашањето како организмот го проценува ризикот, зашто да се биде сам значи да се биде многу поранлив на закани“, вели Славич. „Мозокот мора да биде готовс за да се погрижи брзо да препознаеш каква било закана во околината, зашто си изложен“.

Така што мојот мозок работи на идентификување на овие закани на единствениот начин на кој може да го прави тоа во моментов: читајќи вести. А тоа ми одзема многу повеќе енергија отколку што мислам.

„Потребна е многу физичка енергија за когнитивна работа“, вели Син. „Толку многу се грижиме и проживуваме сешто... се случуваат многу нешта кои на некој начин ни ја црпат енергијата.“

Тимот на Син спроведува студија, следејќи како испитаниците се соочуваат со стресот заради пандемијата со Ковид-19. Досега имаат повеќе од 5 000 реакции и луѓето пријавуваат нарушување на сонот, анксиозност, вознемиреност и депресија.

За жал, стресот заради наметнатата изолација и недвижењето најверојатно ќе продолжи уште некое време. Колку долго? Никој не е сигурен, и тоа е дел од проблемот.

„Несигурноста е еден од најважните елементи кои придонесуваат за нашето искуство со стресот“, вели Лин Буфка, директорка на Здружението на американски психолози за практики, истражувања и политики. „Еден дел од тоа што се обидуваме да го правиме за да функционираме во нашето општество е да имаме некаква структура, некаква предвидливост. Кога го имаме тоа, се живее полесно, зашто не мораме да вложуваме енергија, занимавајќи се со такви нешта“.

„А вториот чекор? Па, тоа е многу потешко да се изведе, кога колективното ниво на енергија е на резерва. Но вежбањето, здравата исхрана и редовниот циклус на сонот ќе помогнат.“

„Ако не ги движите мускулите веројатно добивате и малку масни наслаги на нив“, вели Славич. „Нашите имуни клетки се склони да престојуваат во вишокот масни наслаги во стомакот и може да предизвикаат воспаленија. Воспаленијата можат да го променат начинот на кој размислуваме и спиеме и прават многу помалку да нѐ интересираат пријатните активности“.

Што значи дека, ако успеам да се натерам да станам од каучот и ако го одработам одамна баталениот час по јога, остатокот од денот ќе ми биде полесен. Секако, прво морам да видам дали тоа можам да го вклопам во својот згуснат распоред.

Слики: Sheila Nicolin

Извор: https://www.vice.com/

Слични содржини

Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Наука / Живот

ОкоБоли главаВицФото