Безбојниот јазик во „Бојата на пурпурот“

08.06.2020 14:19
Безбојниот јазик во „Бојата на пурпурот“

  Првата Афроамериканка која добила Пулицерова награда за фикција е Алис Вокер, токму со Бојата на пурпурот. Овој роман, иако сместен во една специфична временска и културолошка рамка, далечна од нашата, не можеме да кажеме дека носи некоја за нас сосема непозната содржина. Напротив, она што Вокер го доловува во почетокот на дваесеттиот век во Југот на Америка несомнено може да се препознае и денес, и кај нас. Неспорно е дека денес тука идентификуваме семејно насилство, поларизирање на родовите улоги, потиснување на жената, класни разлики, па дури и расизам. Во тој поглед Бојата на пурпурот можеби останал подеднакво релевантен од периодот за кој сведочи, преку периодот кога е пишуван, па до денес. Сепак, колку и да е сето ова применливо на различни простори во светски рамки, романот си носи свое посебно временско и културно обележје кое никако не смее да му биде одземено. Тоа обележје е овековечено преку јазикот на главната протагонистка Сили. Имено, се работи за животната приказна и секојдневието на една необразована Афроамериканка од руралните предели на Џорџија, преточена во писма што таа редовно ѝ ги пишува на својата сестра. Со други зборови, романот има епистоларна форма.

Автентичноста на писмата се состои во употребата на афроамерикански англиски дијалект. Тука треба да се земе предвид периодот кога е објавен романот, односно фактот дека, како што Мери Донели вели, бил дел од огромен бран дела од црни авторки кои суштински ја промениле американската книжевност со тоа што ги уважувале искуствата на црнците, но и на црните жени како искуства со еднаква книжевна вредност. Тие со своите хероини ја оспорувале книжевната надмоќ на белите мажи (Donnelly, 2010: 68). Понатаму, ако погледнеме во биографијата на авторката, ќе видиме дека била и активистка во движењето за граѓански права во 60тите години на минатиот век. Конечно, доволно е и да се погледне во самиот овој роман и да се разбере нејзиниот пристап – давање глас на безгласните потиснати Афроамериканци и потребата за присуство на афроамериканската култура во книжевноста. Сето ова укажува дека нагласената употреба на таа варијација на англиски јазик во романот никако не е случајна. Тој дијалект постои во делото токму за да го заземе книжевниот простор, дотогаш окупиран од белци, кој подеднакво им припаѓа и на маргинализираните. Постои за да ја даде потребната афирмација на таа култура. Овој чин сметам дека може да се објасни и низ зборовите на Тони Морисон, која вели: „Кога пишувам, не се обидувам да преведувам за читателите – белци (...) Достоевски пишувал за руска публика, а сепак можеме да го читаме. Ако сум прецизна, без премногу објаснувања, секој ќе ме разбере“ (Bloom, 1995:159).

Афроамериканскиот дијалект има повеќе граматички „девијации“ од стандардниот англиски, па така, Сили не употребува s кај глаголите во трето лице еднина: He chop, he hammer, he plow. He sing and whistle. Глаголот и во други лица често пати не е во согласност со подметот: I wants; I feels; you is. Понатаму, честопати го изоставува глаголот be: he always busy; she a good wife; или, пак, ако го употреби не го менува по лице: I be the one to cook; the water be warm; the children be making mud pies. Друга карактеристика е изоставувањето на присвојното 's: Mr. ____ daddy; Sofia and Harpo house. Одвреме навреме се среќава и неправилна множина: mens; womens. Доста карактеристична е и двојната негација: I don't never git used to it; He don't say nothing; I don’t bleed no more, како и негацијата со ain't: He ain't there; That hair ain't comb. Следува неправилна форма на глаголите во минато, употреба на us како лична заменка наместо we… И уште многу други „неправилности“, ако ги нарекуваме така, во однос на стандардниот. Освен тоа, јазикот изобилува и со зборови и идиоми од секојдневниот говор на Афроамериканците на Југот, но и со грешки во пишувањето од страна на Сили, од кои сакам да го издвојам two berkulosis (tuberculosis).

Повеќе од очигледно е дека делото е исклучително богато обоено со целата своја природност, леснотија и автентичност што ја создаваат дијалектите. Оттука, станува јасно дека при потфатот да се преведе ова дело, ако се имаат сите овие работи на ум, неизбежно е ваквото јазично обележје да се сфати сериозно. Кај нас има еден и единствен превод на македонски, од Виолета Христовска – издание на Култура. Општиот впечаток кој го дава овој превод не е ни блиску до оригиналот. Да, мора да се признае дека овде-онде се наоѓа расфрлена, распрскана по некоја разговорна или дијалектна фраза, но ова нема никаква постојаност. На неколку места стои напраив, пра'иш, за по неколку реченици пак да стане правиш. Истото е и со нејќе, кое веќе некоја страна потаму ќе стане не сака. Ќе сретнеме и нешто вакво: арно де, учкур, јунфер, зборат, 'ко, в црква.

Но, овие се скоро реткост во споредба со литературните зборови што неприродно се употребуваат. Оваа Сили без мака ќе рече:обајцата, веранда, навистина, зарем, се разбира, сѐ уште, сѐ додека,не ми се верува, постојано, и без тоа, токму така, се чувствувам, па и марихуана за reefer. Македонската Сили ни еднаш нема да го каже секојдневното ама, туку упорно си се држи до своето но. Поеднипати, се провлекува и клава сред цел тој хаос од совршен македонски: Застанува и ја клава раката врз главата на едно од дечињата. Тука би се осврнала и на озлогласените пцовки. Освен една сочна пцовка: ебете си мајката, и неколку употреби на да му се сневиди, другите си остануваат на „стандардните“: по ѓаволите и проклето.

Освен што преводот не се потпира на дијалект, не само вокабуларот, туку и целата синтакса, па и начинот на изразување на нашата Сили е висок и неприроден – не е ни некој разговорен, да речеме, обичен стил. Да не зборувам за правописните грешки кои може да се сретнат кај Сили од оригиналот. Со други зборови, Сили, која треба да е необразована Афроамериканка, со низок општествен статус, зборува вака: Конечно се запознавам со работата на Шуг – превод на: At last I git to see Shug Avery work. Или, пак вака: Зарем некојпат сум ти барала пари? велам. Никојпат не сум ти барала ништо. Дури ни тебе не сум те барала за проклет маж, додека оригиналот гласи: Did I ever ast you for money? I say. I never ast you for nothing. Not even your sorry hand in marriage. Уште еден пример е и ова: Покрај тоа, таа те љуби. Веројатно би била среќна да направи сѐ што ќе посакаш од неа, само ако знаеш како да побараш – една сосема некарактеристична употреба на можниот начин од страна на неука личност. Лично за мене, исклучително интересна работа е тоа што ликовите беспрекорно ги користат и заменските форми за индиректен предмет – нешто што ретко, или никогаш не се слуша во разговорен јазик, дури и кај образовани луѓе: Нему му изгледа тоа толку природно, или: Никому не ќе му пречи гласната музика.

Дополнително, овој превод го содржи токму спротивното на она што Морисон го спомнува, а јас го цитирав погоре. Преведувачката на Бојата на пурпурот, ми се чини, самата си ја отежнува работата со непотребни објаснувања, кои во самиот оригинал воопшто и не постојат. Сили вели: ...пуштам по малку глас во склад со мелодијата, за: …hum along a little with the tune. Или, едно уште подолго објаснување: Сестрите на Софија се вистина такви какви што ги опиша – преведено од: Sofia right about her sisters. Во овој контекст, и ова е нешто што треба да се издвои: Една ноќ додека Шуг пееше една мошне популарна песна, како превод на: One night while Shug singing a hot one.

Кога сме веќе кај непотребните додатоци, забележав излишна употреба на личните заменки онаму каде што веќе се знае за кој станува збор: ...кој ако не Софија. Таа беше со едно крупно и високо мажиште 'ко боксер. Таа си беше 'ко секогаш јадра и пукаше од здравје. Ох, г-це Сили, вика таа. Истото се однесува и за употребата на присвојните заменски придавки. Како пример ќе го наведам ова: Мојата жена не смее да го прави ова. Мојата жена не смее да го прави она, наместо едноставно жена ми. За ова може ќе речеме, ете, Алберт сакал да нагласи дека ја поседува жената, но еве и друг пример: ...Шуг во нејзиниот тесен црвен фустан, нејзините нозе.... Некако смешно звучи да се нагласува дека се нејзини нозете, на пример.

Конечно, сакам да ги спомнам и целосно погрешните преводни решенија. Едно што ми привлече најмногу внимание е преводот на Mr.____daddy, што всушност би било Mr._____'s daddy, но како што веќе спомнав, ова е поради одликата на афроамериканскиот дијалект да го изоставува присвојното 's. Во преводот, тука стои г-динот ____ тате. Ова е особено проблематично доколку го земеме предвид фактот дека на ниедно друго место нема никаква промена кај присвојноста. Само неколку реченици подолу за Harpo and Sofia house стои куќата на Харпо и на Софија, а не, на пример, Харпо и Софија куќата. Со оглед на целокупното игнорирање на потребата од дијалект во преводот, тука се јавува прашањето: дали воопшто преведувачката ги разгледала сите горенаведени обележја на афроамериканскиот дијалект? Не станува збор за несвесен превид бидејќи моментот кога двете вработени на Сили се обидуваат да ја научат на „правилен“ англиски и ѝ велат: You say us where most people say we, во преводот свесно е целосно изоставен – на Сили од преводот нема што да ѝ замерат за јазикот.

За крај, мора да се напомени дека постојат и писма од сестра ѝ на Сили. Во оригиналот тие даваат впечаток на силен контраст помеѓу двете, бидејќи сестрата Нети е образована, мисионерка и работи како наставничка. Во преводот, кога две писма од двете сестри, стојат едно до друго нема никаква разлика.Ова е доста иронично ако ќе се прочита белешката за делото напишана од самата преведувачка, каде што и самата вели дека во романот има две варијанти на англиски: црнечкиот народен говор и стандардниот американски јазик (Христовска, 2005:305). Треба да се каже и дека јазикот на самата Сили се менува со текот на дејството – како што созрева и се здобива со поголема самодоверба така и јазикот ѝ и станува поописен и со подолги реченици. Во преводот, не се забележува ни ова.

Кога веќе знаеме дека преведувачката е свесна за значењето на јазичните карактеристики, ќе се запрашаме зошто не гледаме нивна примена и во преводот, а одговорот можеби лежи во целокупната култура на преведување кај нас. Се чини дека ние се плашиме од колоквијалните и дијалектните варијанти мислејќи дека со нивна употреба би го лишиле од „достоинство“ македонскиот јазик, би го направиле понеугледен и помалку вреден. Напротив. Тие се токму оној неотуѓив дел од јазикот што го прават многу повреден, побогат, поразновиден. Тие се оној дел што дозволува да се доловат концепти кои преку стандардниот јазик едноставно не би било возможно да се доловат. А сепак, таа норма на преведување, но и на лектура, која се заснова на литературноста на јазикот е веројатно присутна уште од стандардизацијата, а најверојатно се задржала токму поради комплексот од ново-стандардизираниот јазик . Се пренела и во периодот кога бил издаден овој превод во 2005 г., но се провлекува и денес, а беше засилена преку поскорешните„капитални“ проекти како Ѕвезди на светската книжевност. Од тој проект добро познато е фијаското со целосната лектура на преводот на Хаклбери Фин на Калина Малеска. Јасно е дека кај нас, не само што уште од почеток се инсистира на литературен јазик, туку може и да се осакатат и искасапат постоечки преводи на колоквијален јазик. Затоа, на крај може да се постави и прашањето: дури и преведувачката да го превела на нестандарден јазик дали некоја издавачка куќа би го прифатила, или пак лекторот не би го преработил?

Можам да заклучам дека мисијата на Алис Вокер – да се пренесе јазикот на непривилегираните и безгласните – на македонски јазик е неуспешна. Еве, да не одиме подалеку, туку да послушаме наш преведувач, кој мислам дека го има истиот став со авторката во однос на јазикот и читателот. Огнен Чемерски вели дека треба да го занемариме читателот како појдовна точка, бидејќи не постои начин да се утврди просечен читател (ако воопшто целта била делото да се прилагоди на просечен македонски читател). Па, така, она што не престанува да ми ѕвони во главата во текот на целото читање на овој превод е фактот дека „На читателот не му должиме ништо, односно ништо повеќе од она што стои во текстот“ (Чемерски, 2015:26). А безвременската значајност на ова дело е таа што треба нѐ повика одново да се зафатиме со превод, ама овој пат подготвени со сите бои на еден избран дијалект. 

Слики од филмот The Color Purle (1985) во режија на Стивен Спилберг