1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
За романот „Деса“ на Ивана Трајаноска (Арс Ламина, Скопје 2021).
Романот „Деса“ на Ивана Трајаноска ниту е напишан на дијалект, ниту, пак, дијалектот е особено значаен и типичен за него. Но, дозираното, префинето користење на дијалектот во точно определени контексти и раскажувачки точки, функционира како вистински украс, како накит, како дискретен, ефектен ѓердан со две низи – лингвистичка и наративна, лесно забележливи за окото на читателот. Токму поради тоа, претставувањето на романов го започнувам со не-првостепеното, со не-најзначајното, туку со дијалектот, дури и размислував да го насловам со повторливата реплика-сон од него, на кратовски: Подај ми га бебето да го ставу на градата! Но, сепак се решив за: Акварелни сеќавања.
1. Како водени боички на рапав картон
„Деса“ како необјавен роман, како ракопис, се најде во најтесниот избор на наградата Пегаз за 2020 година. Како објавен роман се најде во најтесниот избор на наградата Роман на годината за 2021. Станува збор за роман на лик, за (не)успехот на една амбициозна жена – и херој и жртва на патријархалната средина, на сопствените, но и на одлуките на другите; херој на неминовноста и жртва на случајноста. Сижето е кусо, фабулата вешто разгранета и излизгана низ цел еден век време. Од бабата на Деса (Марта Колева) и мајката (Магдалена Петрова) до нејзините деца и внуци. Раскажувањето е само навидум праволиниско. Почнува со четириесетдневниот помен на Магдалена Петрова (почината како предмет без свое место во домот на сопствениот син Петре, братот на Деса), а потоа за време на враќањето дома со автобус, во Скопје, ретроспективно се предаваат сите времиња и случки кои довеле до тагата, до недореченоста, до срамот на Деса од самата себе, но и од постапките на своите најблиски. Ретроспекциите се исто така навидум праволиниски, всушност – нехронолошки и вешто измонтирани. Понекогаш неодамнешни, скорашни, блиски; понекогаш – многу далечни. Нарацијата граба од приказната со брзи и куси, но и со долги и широки замави. Нејзината концентрација, густината, всушност, останува иста од почетокот до крајот, од партиите во презентот (глаголски и наративен), до длабоките засведочени и прекажани минати времиња напишани во текстот како слики или како свои и туѓи „акварелни сеќавања“ во мислите (Сеќавањата се како акварел, се прелеваат и се преобразуваат, како водени боички на рапав картон, стр. 36), низ прозорецот на автобусот, или заробени во предметите, во судбините... Кон крајот на романот се составува нишката на времето од почетокот: Деса и ќерка ѝ Биле стигнуваат дома во Скопје од четириесетдневниот помен на Магдалена во Кратово, и дејството продолжува понатаму, во „ново време“, кон некаков крај или кон некакво друго темпорално поместување... На пример, кон јадењето сладолед на Деса и внуките во слаткарницата „Малага“ по нејзината смрт со кое завршува романот, истекувајќи во последната временска пукнатина. Дали со ова Деса и умрена продолжува да го тера животот како што се очекува од неа?
2. Песната на приказната
Во „Деса“ и сонот и дијалектот имаат иста намера: да ги здушат и да ги поврзат ликовите, да ја подвлечат интимата, но и да бидат раскажувачки рефрен што ја подобрува песната на приказната. Повеќе нешта во овој роман се повторуваат според прецизната рефренска матрица, но најдоминантно е повторувањето на двата сона и на едниот дијалект, прошниран, профирцан низ нив како судбински конец, како мантра, клетва, претсказание, антиципација на сѐ што претстои или само како обично, наследено суеверие...
Двата сона што се повторуваат во романот се „камената свадба“ од Куклица и чувството на Магдалена Колева, мајката на Деса, дека е мала како мравка; и сонот на Деса со бебето-змија што цица од градата на заѕиданата Рада под Радиниот мост во Кратово. И едниот и другиот сон, и тој на мајката и тој на ќерката, освен со дијалектот, цврсто се поврзани и со локалните приказни, со легендите, со традицијата и фолклорот на хронотопот. Ако кон ова се додаде вообичаената пасија на Степан, сопругот на Деса (овековечена дури и на фотографиите во старата кутија): да ја гледа мајка си оддалеку, од соседниот рид како мравка во дворот,.. веќе јасно се препознава цврстата архитектура на романот на која се ѕидаат и се доѕидуваат приказните на неколкуте генерации од две различни, принудно споени фамилии поради една непланирана бременост. Фамилијата на Деса, обичната наставничка по музичко од Крапатоповопо, како што самата си го вика својот роден град; и фамилијата на Степан, угледниот доктор кој се плаши единствено од својата смрт.
3. Промашени или погрешно погодени животи
Покрај Деса како главен лик, која двапати се откажува од своите соништа да се занимава со музика, првин поради непланирана бременост, а потоа уште еднаш поради своите три деца; во романот има цела палета на повеќе или помалу (не)среќни жени. Такви кои решаваат да останат сами (тетка ѝ Ана „прдлата“ која доживува 102 години – оти нема маж? – која Умре сама, на столче. Ја најдоа по една седмица, стр. 20), такви кои решаваат да напуштат сѐ и да заминат по живот каков што сакаат (Тиховица или можеби Дона, Дора, Дорина, Павлина, Пандора,.. стр. 69, зашто светот им ги заборава вистинските имиња на жените, наметнувајќи им ги имињата на нивните мажи...), такви кои ги живеат животите на своите деца како единствени можни постоења (и мајката и свекрвата на Деса, па и таа самата!), такви кои донеле одлука да го поделат животот не со тој што го сакале, туку со тој што ги сакал (молчаливата Магдалена чишто зборови се само разновидни вкусови и миризби, стр. 18 ), самохрани мајки (Ана, првородената ќерка на Деса) итн., итн... Во сиот овој раскажувачки свет од многу женски страдања и (само)жртви, патетиката е цврсто завладеана и потисната со рафинирана нарација, со вешта и пловна реченица без ничија осуда и фаќање страна, со широка опсервација на промашените или на погрешно погодените животи.
4. Висока книжевна валентност
Внимателниот читател, на две места во романов ќе наиде на пет наслови на книги напишани во оригинал (на стр. 58 и на стр. 70): Tess of the d’Urbervilles, Silas Marner, Mrs. Dalloway, Pointed Roofs и Absalom, Absalom. Употребени во целосна служба на нарацијата, на градбата на ликовите (на главниот, но и не само на него), несомнено намерно нотирани само со оригиналните наслови, овие книги имаат длабока конекција со приказната, но и со книжевното писмо на Трајаноска. Лично сметам дека реферирањето, раскажувачката „прозивка“, но и раскажувачкото потпирање на овие наслови, дали како омилена лектира или како останати книги од заминатата „роднина-престапничка“ (Тиховица), ќе било повидливо и полесно воочливо со превод на македонски јазик на насловите или барем со допишување на авторите: Томас Харди (Tess of the d’Urbervilles / „Теса од Д’Урбервилови“), Џорџ Елиот, псевдонимот на Мери Ен Еванс (Silas Marner / „Сајлас Марнер“) , Вирџинија Вулф (Mrs. Dalloway / „Госпоѓа Даловеј“, Дороти Ричардсон (Pointed Roofs / непреведена на македонски и Вилијам Фокнер (Absalom, Absalom / „Авесалом, авесалом“). Како и ништо друго во романот, така и бегло наведениве наслови на книгите во витрината и во душата на Деса не се случајни. Тие го поврзуват книжевното писмо со англиската и американската раскажувачка традиција, женска или за жените. Поврзаноста на Деса на Трајаноска со Теса на Томас Харди, видлива и во гласовната подударност на имињата на хероините, има многу поширока раскажувачка намера. Имено, Трајаноска и на овој начин го ситуира својот интерес и како читателка и како писателка, сопоставувајќи ја домашната раскажувачка женска традиција што ја немаме со англиската, американската романескна традиција што во најголем дел е преведена на нашиот јазик. Високата валентност на ова книжевно писмо со странските, англиските, американските, светските точки и развојни етапи е само уште една негова, дополнителна вредност.
5. (Дис)континуитет версус следење на трендот
На општ, широк план, романот „Деса“ на Ивана Трајаноска има важна и специфична функција во домашната книжевност: ретроградно го надополнува, го коригира дисконтинуитетот во националната книжевност. „Деса“ како да се навраќа на некаква раскажувачка традиција којашто всушност, никогаш и не сме ја имале. Романот ја надополнува романескната празнина која, помалку или повеќе, е видлива во развојот на македонскиот роман. Психолошки реализам во претставителен формат, струја на свеста, делумна „скриптура континуа“ , внатрешни монолози и вешто „шетање“ низ времето, низ пред, сега и потоа, ретроспекции вгнездени во презентот на различни начини, низ суптилни асоцијативни, алегориски и други постапки.
„Деса“ е толку далеку од раскажувачките трендови последните години; а толку блиску до базичните класични психолошко-реалистични романи какви што и немаме многу во нашата книжевност. Спротивставувањето на осилениот книжевен тренд да се пишува „поинаку“, „подалеку“ од раскажувачката традиција на „вистинската“ книжевност (општа, но и национална), да се пишува додворувачки на Западот и на новите тврдини на старите слободи, на ваков стамен, стрплив, умешен, знаен, вреден начин е вистински подвиг. Токму така и го доживувам овој роман – како автентичен, добро обмислен ретро-книжевен подвиг со јадра содржина, поставена тема и минуциозна разработка; истражувачки романесктен подвиг на егзистенцијата, на женскиот (не)покор, на патријархатот маскиран пред наши очи во сосем други нешта. Роман-прошетка низ градов, роман-патување од Крапатоповопо до Скопје и обратно, во различни времиња, со прецизни и стилски удобни реченици, подеднакво подготвени за двете патувања, и низ времето и низ просторот. Ваквото ретро, дијахрониско лизгање низ стилските фактури на раскажувањето првин нѐ враќа назад, потоа за да нѐ забрза напред – натаму кон каде што треба да се движи книжевноста. Раскажување со залет, не со симулирана раскажувачка фактура на старовремност, мал личен книжевен феномен за надополнување на романескниот дисконтинуитет. И самиот наслов на романот – „Деса“, е во истиот дух на навраќање на она што го немало, или го немало доволно, го имало прескакулица, не континуирано: роман на име, роман на лик, пишуван денес, а како пред (или по?) повеќе децении. Наполно возбудливо, и теоретски и стилски и секако. Враќање на убавите реченици, на обмислата, на избрусено, исполирано филигранско писмо во современата македонска продукција.
Романот „Деса“ на Ивана Трајаноска на уверлив и автентичен начин го надополнува романескниот дисконтинуитет на македонската наспроти светската книжевна традиција и затоа е мошне важен не само книжевно-естетски, туку и книжевно-историски.
Слики: Kaye Blegvad - RED EYE